Насловна / Вести / Предавање на проф. д-р Сагламер од Истанбулскиот универзитет: Укотвување на пристаништето Галатапорт во Истанбул

Предавање на проф. д-р Сагламер од Истанбулскиот универзитет: Укотвување на пристаништето Галатапорт во Истанбул

Враќањето во „колосек“ во постпандемискиот период носи и згусната програма за реализирање и на некогаш одложени и на однапред планирани настани. Доследен во нивното спроведување е и почитуваниот проф. д-р Ахмет Сагламер од Истанбулскиот технички универзитет, кој од 2015 год. е гостин професор на Градежниот факултет во Скопје (ГФ). Како близок пријател и поддржувач на работата на инженерите во Македонија, и почесен член на Друштвото за геотехника на Македонија (ДГМ), во изминатите години тој во повеќе наврати одржа предавања кај нас, за што „Порта 3“ веќе известуваше, а на 12.4.2023 година ги претстави Innovative Approaches in Geotechnical Engineering: Construction of Galata Cruise Port (Galataport).

Но, пред сè, а имајќи ги предвид отежнатите околности на работа и здравствените предизвици, посетата овозможи деканот на ГФ, проф. д-р Горан Марковски, да му го додели признанието на проф. Сагламер по повод 70-годишнината од формирањето на ГФ, за придонес и развој на Факултетот.

Slika 1нн

Слика 1 Деканот на Градежниот факултет, проф. д-р Горан Марковски, му доделува признание на проф. д-р Ахмет Сагламер

Воедно, во свечениот дел, до присутните се обрати и раководителот на Одделението за геотехника при Комората на овластени архитекти и овластени инженери (КОАОИ), проф. д-р Јосиф Јосифовски, кој го искажа своето задоволство од гостувањето и најави поддршка за организирање на вакви настани и во иднина, како преку ГФ и ДГМ, така и преку манифестацијата „Геотехнички денови“ што двапати годишно се организира во КОАОИ.

ПОСТАВУВАЊЕ НА ТЕМЕЛИТЕ ЗА УСПЕШНА ИДНИНА

А при актуелното предавање, присутните имаа можност да се запознаат со историјата на црвено-жолтиот дел на Истанбул и да сведочат за поставувањето на темелите за успешна иднина, и тоа не само од комерцијален аспект. Впрочем, локацијата на пристанишниот комплекс Галатапорт и во минатото (и поблиско, и подалечно) имала слична улога, но до 2017 год. била поделена во две секции: Каракој и Сал’пазар, каде во експлоатација биле бројни објекти. Денес тој е изграден на територија од 112 000 m2, додека вкупната градежна површина изнесува 400 000 m2, достигнувајќи вредност од 1,7 милијарди долари.

Slika 2

Слика 2 Изглед на Галатапорт пред реконструкцијата

Централната конструкција што го одликува Галатапорт, покрај ослободениот отворен шеталишен простор од 1 200 метри долж морскиот брег, е главниот терминал на пристаништето во секцијата Сал’пазар: тој има капацитет од 15 000 патници на ден, а покрај масовноста, особен печат му дава податокот дека претставува единствен подземен пристанишен терминал во светот. Од него, на истото ниво, понатака се пристапува кон контролни и царински точки и пространо паркиралиште за автомобили и автобуси.

ОГРАНИЧЕНИ ПРОСТОРНИ И СЛОЖЕНИ ГЕОТЕХНИЧКИ ОКОЛНОСТИ

За да се овозможи укотвување на големи патнички бродови, за кои е потребно минимум 13 метри длабочина на водата, било неопходно целата кејска структура да се помести за 10 метри кон Босфорот. Дополнително, за да се формира шеталиштето и да се изградат објектите, поголем дел од постојните магацини се срушени, а за потребите на Istanbul Peninsula Hotel се изградени дополнителни три подземни нивоа. За објектите што останале, во рамките на реконструкциите при кои се предвидувале катови под површината на теренот, едно од основните барања било да се задржат постојните фасади бидејќи станува збор за објекти проектирани од страна на француски архитекти на самиот почеток на 20-тиот век: истите сега служат како трговски центри, магацински и гаражен простор.

Slika 3

Слика 3 Предвиден изглед на Istanbul Peninsula Hotel во секцијата Каракој

За остварување на плановите во ограничени просторни и сложени геотехнички околности (директен контакт со длабока морска вода и голем потисок од неа, разлики во геолошки услови, присуство на дебели слоеви од градежен шут, водопропусност на тло, изразена сеизмичност, последична ликвефакција, обезбедување функционалност во соседни објекти итн.), при проектирањето и изведбата инженерите совладувале бројни сериозни предизвици:

– За кејскиот ѕид, што треба да се изведе во водна средина и да овозможи укотвување на големи бродови, да исполни улога на водонепропусна и на безбедна потпорна конструкција, вклучувајќи и при длабоки ископи за терминалот за патници и паркинзи, но и во услови на ерозија на морско дно при работа на пропелери од бродови.

– Некои од конструкциите ќе бидат фундирани на основна карпа, а некои на алувиум или на насип од градежен шут депониран уште од периодот на Византија. Во овие околности, посебно внимание е посветено на прашањата на носивост на теренот, диференцијални слегања и на изразениот потенцијал за ликвефакција.

– За длабоките ископи се наметнува потреба од процена на условите на оводнетост на средината и предвидување мерки за справување.

– План за постепено рушење на постоен кејски ѕид фундиран на бетонски колови, а кој потпира и магацини, дел од кои нема да се рушат.

– Дефинирање на однесувањето на темелите на лесните конструкции во услови на постоење на изразени сили на потисок итн.

Slika 4 - gore Slika 4 - sredina Slika 4 - dolu

Слика 4 Проектирање на фазна изведба и реализација на кејски потпорен ѕид во секцијата Сал’пазар

За опишаните проблеми, но и за многу други отворени прашања, разгледувани се различни третмани, со што е избегната потреба од понатамошна скапа интервенција за санација. Така, со цел формирање на суви и безбедни услови за работа, за долгиот кејски ѕид најпрвин е реализиран континуиран систем со поврзани вертикални и закосени колови изведени во челични цевки со ф1 300, по што хидраулички се насипани почви и изолирани се коловите со млазно инјектирање (Jet Grouting). Со тоа, овозможено е пристапување кон подобрување на почвите со техника на длабоко мешање (Deep Soil Mixing) и формирање на подлога за идните објекти, а кои во фазата на изведба би функционирале како водонепропустен тепих и би создавале солиден контрапритисок на бочното хидростатско дејство. Сепак, истиот кампадно би се намалувал поради каскаден ископ на насипаната градежната јама. Но, поради присуството на бројни (природни и вештачки) слоеви во темелната основа, претходно се изведени низа лабораториски тестови на постигнатите мешавини, кои искуства се пренесени и при дефинирање на условите и на параметрите за млазно инјектирање, кога на соодветни примероци се одредувани модулите на еластичност и јакост на притисок. Во контекст на фундирањето, треба да се напомене дека за редуцирање на сосема извесниот потенцијал од ликвефакција, во морското дно, на одредено растојание од новиот кејски ѕид, се изведени колови со камен.

На другите страни, пак, т.е. на деловите од длабоката градежна јама кон постојните соседни објекти (музеи, факултети, градски сообраќајници и сл.), потпорната дијафрагма е дополнително стабилизирана со анкери, а кога тоа било оневозможено поради имотно-правни причини, применети се контрафорни ѕидови.

Slika 5

Слика 5 Изградба на контрафорни ѕидови за потпирање на дијафрагма покрај Музејот за фини уметности

Slika 6

Слика 6 Тридимензионален модел на зафати за безбедни градежни јами по секции (дијафрагми, распонки, контрафорни ѕидови, микроколови, подобрување на тло)

7

Слика 7 Изведба на распонки и на темел за кран

8

Слика 8 Приспособување на постоен „Меркез ан“ – зграда бр. 1 на Istanbul Peninsula Hotel: изведба на колови во челични цевки под објектот (лево); млазно инјектирање изведено од внатрешноста на објектот (десно)

ИНСТАЛИРАНИ ГОЛЕМ БРОЈ ИНСТРУМЕНТИ

За геотехнички мониторинг на градбите кои го сочинуваат Галатапорт, но и на околните градби, од кои дел се со историско значење, биле инсталирани голем број на инструменти, вклучувајќи: ќелии за мерење на порен притисок, инклинометри, пиезометри, тилтметри, сензори за мерење на слегања, класични геодетски репери и др.

Slika 9

Слика 9 Распоред на инструменти за набљудување на градежната јама и на соседните објекти

Помеѓу нив особено интересна е истанбулската верзија на Кривата кула од Пиза, во чија близина се формираат дел од длабоките ископи на Галатапорт. Имено, Саат кулата Топхане била изградена во 19-тиот век, кога била во непосредна близина на морскиот брег. Некаде во минатото, таа започнала да се закосува, достигнувајќи износ до 12°, што е речиси двојно повеќе од измереното во Пиза. Своевремено биле преземени мерки за стабилизација, а за да се спречи повторување на појавата, во рамките на реализацијата на Галатапорт изведени се и обемни зафати сочинети од: обиколна дијафрагма со дебелина 1,5 метри и длабочина под дното на градежната јама; еден ред од колови со дијаметар 2,0 метра формирани со млазно инјектирање; и два реда од колови со дијаметар 1,5 метри постигнати со длабоко мешање на почви. На таков начин, лоцирана во првиот музејски плоштад во Истанбул, Саат-кулата одамна сведочела за првите чекори на гостите кои пристигнале во градот по долги морски патешествија, a и ќе продолжи да ги следи и на оние од новиот туристички, трговски и гастрономски центар.

10

Слика 10 Спречување ротација на Саат-кула во непосредна близина на градежната јама на Галатапорт

Slika 11 - gore Slika 11 - dolu

Слика 11 Заеднички фотографии на дел од присутните со проф. Сагламер

Позиционирани во амфитеатарот на ГФ, блискоста изразена преку едвај еден час авионски лет до Истанбул, ја потврди и проф. Сагламер, кој, како низ предавањето, така и низ живите дискусии што следуваа и развиената топла атмосфера, ги пренесе предизвиците и деталите од сложените фази на планирање, проектирање и изведба на капиталниот пристанишен комплекс Галатапорт до студентите по градежништво, геотехника и геодезија, членовите на стручните друштва од овие полиња и гостите од регионот. Во исчекување на следно предавање: аферим за професорот и за колег ите!

Автор: вонр. проф. д-р Игор ПЕШЕВСКИ,

претседател на ДГМ

Испрати коментар

Scroll To Top