Насловна / Архитектура / ОРСТАД – полигон на современата данска и европска архитектура

ОРСТАД – полигон на современата данска и европска архитектура

GEDSC DIGITAL CAMERA

Доколку ја посетите официјалната веб страница на Данска (http://denmark.dk/en) и го проследите линкот за големите (познатите) Данци, на појдовната страница се наведени десетте најпознати Данци на сите времиња, пет од минатото и пет од сегашноста. Тука, помеѓу имињата на писателот Ханс Кристијан Андерсен (кој се смета за најпознатиот Данец на сите времиња); физичарот, нобеловц, Нилс Бор (Niels Bohr); филозофот, егзистенцијалист Сорен Киркегард (Søren Kierkegaard); најпознатиот Данец со потекло од Македонија, главен шеф и ко-сопственик на еден од најдобрите ресторани во светот НОМА (NOMA), Рене Реџепи (Rene Redzepi); се наоѓаат и имињата на трojцa славни филмски режисери, Ларс вон Триер (Lars von Trier), Габриел Аксел (Gabriel Axel) и оскаровката Сузане Биер (Susanne Bier); но и на тројца архитекти, Арне Јакобсен (Arne Jacobsen), Јорн Утсон (Jørn Utzon) и Бјарке Ингелс (Bjarke Ingels).

Веројатно, ретко која земја во светот со број на жители помеѓу пет до шест милиони може да се пофали дека има придонесено во светската архитектура со тројца врвни архитекти во текот на еден век. Оттука, за љубителите за архитектурата, особено на современата, Данска претставува добра дестинација за запознавање и истражување. За оние со вакви склоности, веројатно интересна локација за архитектонска посета би била контроверзната населба Орстад (Ørestad) во Копенхаген.

GEDSC DIGITAL CAMERA

Орстад е населба во развој која се наоѓа јужно од централното градско подрачје на Копенхаген, во областа Амагер Вест (Amager West) на истоимениот остров Амагер.  Размислувањата за изградбата на Орстад започнале во 90-тите години на 20 век и биле формализирани со законската регулатива во 1992 година, за следната 1993 година да биде одбележена со основањето на „Орстад девелопмент корпореишен“ (Ørestad Development Corporation), организација задолжена за водење на развојот и изградбата на Орстад (http://www.orestad.dk/).

Орстад е пример за линеарно развиена урбана структура, која најдобро може да се согледа од формата на 3,1 километри квадратни површина на која се протега, а која е само околу 600 метри широка и околу пет километри долга. Во голема мерка ова се должи на фактот што Орстад се развива по должината на голема сообраќајна артерија составена од продолжената за овој проект метро линија М1 и Орстад булеварот, што му даваат одлична сообраќајна поврзаност со централното подрчје на Копенхаген.

GEDSC DIGITAL CAMERA

За разлика од оваа сообраќајна артерија која се протега во правецот север-југ, друга сообраќајна артерија составена од автопатот Е20 и железничката линија се протега во правецот запад-исток и го сече Орстад, но го поврзува со Аеродромот Копенхаген, а од таму на исток преку мостот Оресунд (Øresund Bridge) и со Малме (Malmö) во Шведска. Како резултат на ова, од центарот на Орстад, Орстад Сити (Ørestad City) се наоѓа на околу пет километри оддалеченост до центарот на Копенхаген (главната железничка станица) и на околу 4,5 километри од Аеродромот Копенхаген, така што до нив може да се стигне за околу седум минути до првата и околу пет минути до втората дестинација со воз, а до централната железничка станица во Малме за околу 29 минути.

По меѓународниот архитектонски конкурс од 1994 година за урбанистички план на Орстад, било формирано партнерство помеѓу финското биро APRT (http://www.aprt.fi/projects/orestad/) и данското биро KHR Arkitekter (http://www.khr.dk/), за во 1997 година да биде презентирана финалната верзија на урбанистичкиот план, според која Орстад бил поделен на четири дела: Орсатд Норт (Ørestad North), Амагер Фелд (Amager Fælld), Орстад Сити (Ørestad City) и Орстад Соут (Ørestad South). Амагер Фелд се протега во правецот север-југ западно од метро линијата М1 и булеварот Орстад, и претставува заштитена еколошка середина која генерално не е опфатена со урбаниот развој. За разлика од ова, најголемиот урбан развој е сконцентриран во Орстад Сити, чиешто централно подрачје отпочнало да се развива според урабнистичкиот план на Даниел Либескинд (Daniel Libeskind), а кој исто така го има испроектирано и хотелот Cab Inn Metro, со над 700 минијатурни соби, но со високо графички обработена фасада и калкански ѕидови во кармин црвена боја (http://libeskind.com/work/cabinn-metro-hotel/). Во овој дел на Орстад доминираат повеќе значајни објекти, меѓу кои се истакнува репер објектот на Ferring, фармацевстка компанија Ferring (Tower) International Centre, на данските архитекти Хенинг Ларсен (Henning Larsen Architects). Станува збор за 20-катен објект лоциран на железничкиот плоштад со одлична сообраќајна поврзаност. Објектот е концепиран како поголем трикатен волумен во кој се сместени лаборатории, а од кој се издига 13-катна деловна кула (http://www.henninglarsen.com/projects/0400-0599/0490-ferring-international-center.aspx).

GEDSC DIGITAL CAMERA

Доминанто место во архитектурата на Орстад Сити зазема најголемиот трговски и забавен центар во Скандинавија Филдс (Field’s) со над 140 продавници и околу 3.000 паркинг места, лоциран до метро станицата Орстад Сити, како и вториот најголем скандинавски когресен и изложбен центар Бела (Bella Center), кој се протега на површина од 121.000 метри квадратни и содржи 48 аудиториуми и сали за состаноци со капацитет за 20.000 делегати. Конгресниот центар, веројатно, најмногу е познат по тоа што во него во 2009 година се одржала Конференцијата за климатски промени на Обединетите нации (http://www.bellacentercopenhagen.dk/).

Во рамките на конгресниот и изложбениот центар се наoѓа и хотелот Бела Скај (Bella Sky) со 814 легла сместени во две 76,5 метри високи, делумно позврзани со мостови кули, при што кулите се наклонети под агол од 15 степени во спротивна насока, што им дава несекојдневен динамичен изглед. Објектот е испроектиран од данското биро 3XN Architects, познато по своите проекти за аквариумот Блу планет и Концерната сала во Копенхаген, Музејот на Ливерпул и други (http://www.3xn.com/#/architecture/by-year/32-bella-sky). Тие, исто така, се и автори на познатиот Колеџ во Орстед (Ørestad College) (http://www.3xn.com/#/architecture/by-year/78-%C3%B8restad-college).

GEDSC DIGITAL CAMERA

Се разбира, Орстад Сити го красат и многу друи објекти, вклучително и станбени како оние на ВМ Хаусес од JDS Architects со над 200 станбени единици во два блока, од коишто едниот е со препознатливите триаголни еркерно поставени балкони на фасадата на објектот (http://jdsa.eu/vm/) и Mountain Dwellings со 80 стана на 11 ката од Бјарке Ингелс Груп (Bjarke Ingels Gro Хималаите отпечатена врз перфорираната метална фасада на објектот (http://www.big.dk/#projects-mtn).

Орстад Норт на север и Орстад Соут на југ од Орстад Сити, исто така, се проткаени со значајни архитектонски објекти, со тоа што во Орстад Норт се сконцентрирани универзитетски објекти, студентско домување и јавни објекти, додека во Орстад Соут доминираат деловните и станбените објекти.

Орстад, веројатно, претставува своевиден полигон на современата архитектура и урбанизам, каде на едно место може да се видат најдобрите примери од данската и европската архитектура од почетокот на овој век.

GEDSC DIGITAL CAMERA

За архитектите, посетата на Орстад веројатно ќе наликува како посета на мало дете во продавница за бомбони, каде што сè што ќе погледате ќе Ви го привлече вашето внимание. Од прекрасно испроектираните и изведени објекти, преку разновидноста на архитектонскиот израз, одличната интеграција со сообраќајната мрежа, богатството на зелените површини, примерите за одржлива атмосферска канализација, преку бројните јазови и депресии во пејзажното уредување, но и водни канали, заклучно со куќата за патки сместена во рамките на каналот.

Наспроти ова, дистанците помеѓу дел од станбените објекти во моментов се енормни, пристапот до трговски, услужни и угостителски дејности лимитиран, особено во вечерните часови каде што наслебата е прилично пуста. Оттука, веројатно произлегуваат и критиките и контроверзноста дека до сега Орстад не го има доволно привлечено очекуваното ниво на население во оваа урбана средина, и дека концепт базиран главно на изградба на силна сообраќајна инфраструктура и деловно-комерцијални објекти, можеби не е доволен за да се создаде една навистина пријатна урбана средина. Се разбира, поборниците на проектот сугерираат дека е прерано да се прават заклучоци кога изградбата на Орстад сè уште е во тек.  Без оглед на конечниот исход на оваа полемика, Орстад е место кое вреди да се посети, за на едно место да се видат многу значајни примери од современата архитектура од почетокот на овој век.

д-р Владимир Б. Ладински, архитект (Велика Британија)

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top