Насловна / Вести / Новиот париски бутик Casa Loewe изгледа како дом на колекционер на уметнички дела

Новиот париски бутик Casa Loewe изгледа како дом на колекционер на уметнички дела

Уште од своите далечни почетоци во 1846 година, шпанската модна куќа Loewe го слави занаетчиството, прецизноста и мајсторството на рачната изработка. Откако германскиот трговец Еnrique Loewe Roessberg се придружил на групата шпански кожари, брендот посветено ја негува традицијата и го охрпоттикнува соживотот на модата и уметноста, дизајнот и занаетчиството. Во 1988 година, ја основале приватна фондација, Loewe Foundation, која го поттикнува развојот на занаетчиството во современата култура оддавајќи признание на активните занаетчии, а со уметноста и славењето на занаетчиството, го проткале секој дел од идентитетот на брендот Loewe – од неговите модни колекции до ентериерите на бутиците.

Еден таков бутик, кој повеќе личи на дом на колекционер на уметнички дела отколку на класична продавница, се отвори минатиот месец во Париз на Avenue Montaigne. CASA LOEWE, замислена како еден вид фузија на луксузна продавница и галерија, се наоѓа на една од најпознатите париски модни адреси. Покрај машката и женската линија на облека и специјалното оддел посветен на уредување на домот, Loewe во просторот „угости“ и неверојатни примери на дизајнерски мебел и уметнички дела.

Ентериерот е уреден во препознатливата естетика на Loewe, во која доминира спој од уметност, занаети и рафинирана архитектура. Керамичките плочки во нијанси на зелена, сина, портокалова и сребрена боја ги прават ѕидовите разиграни, додавајќи динамичност на текстурите и пријатни светлосни рефлексии во просторот.

Мермерот, месингот и кованото железо се надополнуваат едни со други во хармонична игра на материјали, создавајќи чувство на длабочина и тактилна топлина, а големите прозорци го врамуваат погледот на париската улица, исполнувајќи го просторот со природна светлина и нагласувајќи го контрастот помеѓу студениот бетон и рачно изработените детали.

Особено внимание привлекува мебелот, кој дополнително го нагласува карактерот на просторот. Наслоните Utrecht на Gerrit Thomas Rietveld, столчињата Mira и Conoid Cushion на George Nakashimа и светлечки тела на Isamu Noguchi складно се вклопени со клубските столчиња Berin и низа препознатливи креации со потпис на Loewe.

Меѓу нив, се издвојуваат меки кожни клупи кои ја одразуваат неверојатната вештина на обработка на кожа, мермерни постаменти и црни терацо масички за кафе, а впечатокот го заокружуваат теписите рачно изработени во Шпанија врз основа на мотивите на британскиот текстилен уметник John Allen, чии шживописни пејзажи и апстрактни форми му даваат на просторот силен колористички акцент.

Просторот на бутикот CASA LOEWE го краси и еклектичен избор на уметнички дела од уметници од целиот свет. Меѓу најзначајните дела е Gelbe Modellierung (1985) од германскиот уметник Franz Erhard Walther. Станува збор за монументална висечка памучна инсталација составена од споени делови од ногавици и јакни кои некогаш ја сочинувала сценографијата на машката модна ревија на Loewe за сезоната есен/зима 2019.

Големите керамички скулптури на јужноафриканската уметница Zizipho Poswe од серијата Baobab и Umthwalo (2020), во која таа ги истражува традициите, ритуалите и наследството на нејзината Xhosa култура, исто така привлекуваат посебно внимание. Ѕидовите се дополнително збогатени со релјефниот панел Two Standing Figures (1948) од Henry Moor, додека живописните слики на американскиот уметник Walter Price, Through both defiant and poetical means (2018–19) и Fell Into the Sun 1 (2020), внесуваат силен колорит и ритам во просторот, одразувајќи ја неговата препознатлива игра со бојата и формата.

Меѓу уметничките дела, се издвојува елегантната, брановидна камена скулптура Chōtō (2017) од јапонскиот уметник Takayuki Sakiyamа, која на LOEWE Foundation Craft Prizeu 2021 доби посебно признание. Нејзината форма складно се надоврзува со плетената корпа од бамбус и кожа од јапонскиот уметник Hafua Matsumotо, садот на Ernst Gamperl, добитник на истата награда во 2017 година, и ќуповите од познатиот британски керамичар John Ward.

Во истиот простор, исто така, има дела што спојуваат скулптура и употребен предмет, како што се клупата Black Terrao Bench (2022) од бразилскиот дизајнер Domingos Tótore, изработена од рециклиран картон и Curved Block Seat (2018) од британските резбари Jima Partridgea и Liz Walmsley.

Испрати коментар

Scroll To Top