Насловна / Вести / Најмалку 15 лица загинаа во силните поплави во Атина

Најмалку 15 лица загинаа во силните поплави во Атина

Најмалку 15 лица загинаа, а 17 беа повредени како резултат на силниот дожд што предизвика поплави во предградија на Атина. Операциите за спасување продолжија и во текот на ноќта. Властите стравуваат дека бројот на загинатите може да се зголеми, додека спасувачките екипи ги пребаруваат поплавените домови и улици во западниот дел на Атина.

Во Мандра, Неа Перамос и Мегара е прогласена вонредна состојба, а се очекува врнежите да продолжат  и во текот на денешниот ден. Метеоролозите предвидуваат нов бран поројни дождови низ целата територија на Грција, што ќе траат и викендов.поплави

Поради бројот на жртви,  властите објавија тридневна национална жалост, почнувајќи од утре, па до недела.

„Националната жалост е најмалото нешто што можеме да го направиме во спомен на жртвите од Западна Атина“, изјави премиерот Алексис Ципрас во вонредна изјава на националната телевизија. Тој најави итни мерки за поддршка на семејствата на жртвите.

„Ситуацијата е многу тешка за цела Грција, веќе изгубивме 15 лица и се надевам дека оваа бројка да нема да продолжи да расте”, рече премиерот.

Во меѓувреме, грчкото обвинителство почна со испитување на причините за смртоносните поплави. Истрагата ќе открие дали има грешки во урбанистичкото планирање кои придонесоа за ненадејните поплави. Многу од станбените објекти во земјата се изградени без да се земат предвид регулативите за урбанистичко планирање, велат грчките медиуми.

Најлоша е ситуацијата во Мандра, мал град во западниот дел на Атина, каде што се пронајдени телата на 12 лица. Одделот за противпожарните служби објави дека добил повеќе од 600 повици за помош за испумпување на водата од зградите и повици за спас на 86 лица блокирани во нивните возила и домови.

Автопатот што ги поврзува Атина и Коринт е целосно прекинат. Локалните власти ги затворија и училиштата во градовите погодени од поплавите. (Макфакс)

Испрати коментар

Scroll To Top