Насловна / Архитектура / Мартин Пановски: Сигурно губите ако само „противникот“ ви ги одредува правилата на игра

Мартин Пановски: Сигурно губите ако само „противникот“ ви ги одредува правилата на игра

Архитектот Мартин Пановски, пред крајот на минатата година беше избран за претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Тој е роден во Скопје во 1975 година. Високото образование го стекнува на Архитектонскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“  во Скопје, каде што дипломира во 2000 година. Докторски студии завршува на Универзитетот во Загреб во 2011 година. Професионалната кариера ја започнува во 1998 година како генерален координатор на Македонскиот павилјон на ЕКСПО ’98 во Лисабон, Португалија. Потоа работи во МЕБИУС ГРУП, па „Студио 2000“, а во моментов е еден од партнерите во „Радиус архитекти“. Дополнителни професионални ангажмани има во Инженерската институција на Македонија и Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Учествува на многу изложби и конкурси, а на некои од нив освојува и награди. На 16. Биенале на македонска архитектура како дел од проектантскиот тим ја освои наградата за најдобар проект од област на архитектурата за Трговски центар „Сити Центар“ Прилеп. Истата награда ја има освоено и на 13. БИМАС за Деловниот центар Скопски саем. Трета награда има освоено на јавниот натпревар за „Воен станбен комплекс“ во 2010 година, а во 2007 година втора награда освои на меѓународниот натпревар „Зграда на Македонска Филхармонија“. Десетици проекти на Пановски направени со негови колеги во студијата каде што работел и работи се реализирани, меѓу нив деловни објекти, станбени објекти, семејни куќи и ентериери.

KPO_9418

Пред вашето доаѓање на чело на ААМ, архитектот Сања Раѓеновиќ Јовановиќ беше претседател во едно неверојатно тешко време за одржување на каква-таква верба во подобро утре на архитектонската фела…

Да, Сања беше на чело на ААМ во исклучително тешко време за македонската архитектура. Можеби и најтешко. Во овој период не само што се реализираше Скопје 2014, туку и се прошири на поголема територија од најавената. ААМ во овој период направи сѐ што можеше во одбрана на архитектурата на Скопје. Како што е познато, и покрај сите конструктивни критики на проектот, не се успеа во стопирање на градбите. Но она во што ААМ успеа е подигнувањето на свеста кај граѓаните за архитектурата општо. За жал, економската состојба во овој период доведе и до опаѓање на инвестициите од приватниот сектор. Можеби ќе кажете дека во овој период се гради, но факт е дека поголемиот дел од овие градби се инвестиции во станбени згради на големите градежни фирми. Од овие проекти, само мал дел од архитектите имаат бенефит, бидејќи станува збор за проекти работени во самите градежни фирми и проекти кои се повторуваат од локација на локација.i-ova-e-vodno-5

Мартин Пановски. Нов Дон Кихот во борбата за идеалите на фелата, менаџер кој ќе мора да се бори за опстанок, но и за рапиден напредок во зголемувањето на активното членство, обезбедувањето на нови партнери и сојузници, или..

Добро, и не е толку нов. Моите активности во ААМ одат паралелно со мојата проектантска кариера. Сум бил член на Управниот одбор на ААМ, член на неколку Организациони одбори на БИМАС и Претседател на БИМАС во 2014 г. Членството на ААМ е стабилно, со нормални осцилации. Во идниот период, еден од приоритетите ќе биде подмладување на членството. Ова е можеби најбитната активност која ни претстои. Со интегрирање на млади членови, ќе се зголеми и активното учество на членството во работата на Асоцијацијата. Но, за жал, сѐ уште кај дел од архитектите постои некакво очекување дека ААМ треба да направи нешто за нив. Лично. Мислам дека добар дел од нив ја немаат сфатено идејата за здружување и заеднички настап во име на архитектурата. Единствено заеднички може да креираме опкружување во кое ќе можеме достоинствено да ја работиме нашата работа. Впрочем, ААМ е место во кое се разговара за архитектурата и за проблемите со кои секојдневно се среќаваат архитектите. Но, за жал, никого не можете да го натерате да се заинтересира за сопствената професија! Или го носи тоа во себе, или не. Ставот на чекање некој да направи нешто за нас и да ни ги креира правилата на „игра“ нѐ доведе во оваа состојба во којашто се наоѓаме. Сигурно губите ако само „противникот“ ви ги одредува правилата на игра.Processed by: Helicon Filter;

Еден од ефектите кои ги имаше Скопје 2014 е и комплетното губење на интересот кај дел од архитектите за општото добро што, иако не го оправдувам, сепак го прифаќам  како некоја  нормална, човечка реакција на сѐ што се случуваше и се случува околу нас. Ќе мораме да се оттргнеме од Скопје 2014 и да почнеме да разговараме и за други проблеми од наш интерес што останаа во сенката на овој небулозен градежен зафат.

Македонската архитектура денес…

Не знам кој може да одговори на ова прашање. Ова е период на сѐ и сешто во архитектурата. Од антиархитектурата на Скопје 2014 до станбените комплекси без идентитет, за кои не знаеме кој ги проектирал, неизбежните неинвентивни доградби и надградби, но и сѐ почестите објекти и урбани интервенции каде што може да се види проектантска посветеност. Можам да кажам дека ни недостасува вистинско разграничување што е архитектура, а што градежништво. Не значи дека ако зградата е квалитетно изградена, по правило станува збор за квалитетна архитектура. Сѐ почесто се зборува за архитектурата од аспект на енергетската ефикасност, вградените системи за ладење или вградените квалитетни материјали. Не кажувам дека ова не се битни елементи во еден објект, но сепак претставуваат само елементи чијашто имплементација не значи дека по правило станува збор за добра архитектура. Архитектурата во себе има многу повеќе од она што е физички вградено во еден објект. Затоа мора да се потрудиме вистински да ја вреднуваме архитектурата, и тоа оваа што се случува сега.dcfjhdctj-18992

Од друга страна, квалитетната архитектура во добар дел и денес, како и во изминативе 20 години, останува на хартија. Она што се гради во голем број случаи не е она што архитектите го испроектирале. Затоа мораме итно да се зафатиме со измени во законите и во подзаконските акти за да овозможиме точни и прецизни правила кои ќе им обезбедат поголема креативна слобода на архитектите, но и ќе ги заштитат проектите од измените кои настануваат при изведбата.

ААМ во изминатиот периoд не беше во милост на државата и на ресорното министерство /кое, впрочем, и дали беше тоа/. Сѐ погласни се барањата на градежната фела, вкупно, за враќање на оригиналното Министерство за градежништво и урбанизам, со многу поблиски, реални врски со матичната фела.

Знам дека голем број од колегите го бараат проблемот за состојбата во која се наоѓаме во промената од 2000 година, кога Министерството за урбанизам и градежништво беше преиначено во Министерство за транспорт и врски. Мојот личен став е дека не е битно како се нарекува надлежното министерство, туку е битно дали тоа добро ја работи својата работа, дали работи во служба на граѓаните и дали е отворено за соработка со фелата. Тоа што имаме Министерство за здравство не значи дека лекарите немаат проблеми и дека здравството ни е на високо ниво. Или дека, ако го преименуваме Министерството за животна средина во Министерство за екологија, ќе имаме почист воздух. Важно е министерството, како и да се вика, да сфати дека е сервис на граѓаните, а особено на граѓаните што се занимаваат со дејноста која е во домен на тоа министерство. Министерството треба да е отворено кон архитектите и да ја респектира архитектурата како струка. Треба да има тесна соработка со ААМ, пред сѐ, во носењето на законската регулатива. Сепак, ако веќе архитектурата и урбанизмот се ставени во некое министерство заедно со други области, тоа треба да се области кои имаат тесни меѓусебни врски, како што е екологијата и слично, а не како што е во моментов, каде што единствената допирна точка меѓу поштенските услуги и архитектурата ја гледам кај поштенските сандачиња.Асоцијација-на-архитекти

Односите со Комората на овластени инженери и архитекти во последните години во најмала рака не беа добри. Беа нови избори, нови надежи. Дали архитектонската фела, како најбројна во членството на Комората, ќе успее да се избори за многуте запоставени права, нормативи… ?

Да. ААМ и Комората не беа во добри односи во изминатите години, пред сѐ, во првите неколку години од основањето на Комората, кога Комората беше едно големо „непознато“, коешто само собираше пари од овластувања и толку. Немаше никаков отчет каде се отидени тие пари, во ниеден случај Комората не реагираше на скандалозните законски измени кои овозможија да се реализира Скопје 2014, ниту реагираше на низата законски измени од тој период, кои на архитектите и на инженерите им наметнаа дополнителни обврски и давачки. Сите со нетрпение очекувавме Комората да го донесе Правилникот за минимален надоместок на услугите на архитектите и инженерите, но тоа не се случи. Оттука, сосема нормален беше револтот на архитектите кон комората. ААМ во тој период во неколку наврати официјално бараше соработка, но од Комората немаше никаков одговор.

Мислам дека работите во Комората почнаа да се менуваат во насока на отвореност и комуникација со членството уште со претходното раководство. Со новото раководство се дојдени и нови луѓе кои активно се вклучени во проектирањето и во изведбата. Впрочем, Комората е таа што дава овластувања за проектирање, а оттаму ги собира главните средства за функционирање. Ова значи дека, пред сѐ, треба да е одговорна кон проектантите. Искрено се надевам дека ААМ и Комората во иднина ќе имаат тесна соработка и во поглед на итната потреба од редефинирање на законската регулатива и во поглед на заедничката реакција каде што ќе се појавиме како вистински и творечки коректор на потезите на ресорното министерство.

Соработката со регионалните асоцијации на архитекти – само добра желба и идеја, или неопходна реалност за заеднички излез од балканската зачмаеност. Можеби реализација на едно Големо балканско биенале?

ААМ ќе се стреми кон соработка не само со регионалните асоцијации туку ќе се стремиме кон унапредување, општо, на меѓународната соработка. Овде, пред сѐ, се надевам на излез на нашите архитекти во меѓународни рамки. Гостување на наши архитекти надвор. Најреално, сепак, е дека тоа прво би се отпочнало во соработка со земјите од регионот.

Зачмаеноста во регионот не мислам дека е на исто ниво како кај нас. Со зачмаеноста ќе мораме самите да се избориме. Во моментов, реализација на Балканско биенале не би ни било нам во прилог бидејќи, гледајќи ги нашите биеналиња во изминативе години, јасен е трендот на сѐ помалку пријавени трудови. Едноставно, во моментов архитектурата кај нас е во криза.KPO_9427

Неминовно прашање за проектот Скопје 2014. Фелата многупати гласно го кажа своето негативно мислење. Но реализацијата не сопре до ден-денешен. На последните собири на архитектите сѐ повеќе се отвора темата – Што по Скопје 2014. ААМ ќе има своја програма на активности, или… ?

Една од активностите што ни следуваат во наредната година е подготовка на низа работилници на кои ќе се проучи Скопје 2014 од сите аспекти и ќе се дадат конкретни предлози што по Скопје 2014. Да се разбереме, Скопје 2014 не направи само упад во градското ткиво на Скопје со своите градби, туку и упад во системот и процедурите на нашата професија, а направи и лажна, површна слика кај голем број граѓани за тоа што претставува архитектурата.

Соработката со „Порта 3“, како списание кое е носител на промоцијата на сите активности на ААМ? Можеби се потребни и нови начини на соработка во вид на редовен прилог – билтен во списанието… ?

Долги години во нашата фела преовладува ставот дека архитектите се изразуваат со цртеж или со друг графички приказ, што е тотално погрешно и мислам дека овој став е едно од нештата кои нѐ доведоа во оваа состојба во која се наоѓаме. Мораме да научиме да се изразуваме со зборови, инаку ќе си се разбираме само самите со себе. Потоа не треба да нѐ чуди што секој друг, кој е вон фелата, не нѐ разбира и архитектурата ја гледа на ниво на „ми се допаѓа“ и „не ми се допаѓа“. Мораме да почнеме уште од образовниот процес да го негуваме пишаниот збор, а уште повеќе усното искажување. Доколку, како архитект, не знаете да се искажете, може да останете суперталентиран архитект, но не и проектант. Така што, еден билтен на ААМ во рамките на „Порта 3“ е одлична идеја. Овде морам да му се заблагодарам на списанието „Порта 3“ за несебичната поддршка на ААМ во сите овие години и се надевам на понатамошна долга и пријатна соработка.

Биеналето, па и другите годишни промоции на архитектите, беа со многубројни недоразбирања при рангирањето на трудовите. Секако се потребни промени и во омасовувањето на пријавувањето, но и при самиот избор на наградените.

Промени не се потребни само во Правилникот на БИМАС, туку и во Статутот на ААМ. Застареноста на Статутот е констатирана уште од претходното раководство.

За да може ААМ да функционира, овие промени ќе мора да ги направиме многу итно.

Колку активностите во Асоцијацијата ќе влијаат на секојдневните обврски во проектанското биро „Радиус“?

„Радиус архитекти“ е партнерска фирма. Нам ни е јасно дека архитектура е тешко да се практицира како единка и дека е потребен тим во кој ќе има различни мислења, луѓе кои имаат различни искуства и различни контакти. На овој начин имате шанса да создадете добра архитектура. Во „Радиус“ ни е сосема јасно дека, доколку се затворите во себе и се посветите само на изработка на конкретни архитектонски проекти и немате размена на искуства, размена на идеи, а на крајот на краиштата и блиска дружба со другите архитекти, престанувате да сте архитект во вистинската смисла на зборот. Тогаш почнувате на архитектурата да гледате само како на занает, а архитектурата е многу повеќе од занает. Таа е идеја, приказна. Така ја сфаќаат архитектурата и моите партнери Наумчески, Гугуловска и Диновска, кои се активно вклучени во работата на ААМ, така што можам да кажам дека мојот нов ангажман нема да предизвика некоја сериозна промена во секојдневните работни обврски.

Испрати коментар

Scroll To Top