Насловна / Арт и дизајн / Култура на спектакл и вештина на контрола на телото

Култура на спектакл и вештина на контрола на телото

Во Музејот на современата уметност во Белград, со медиумска помпа каква ѝ доликува на светска ѕвезда, неодамна беше отворена ретроспективната изложба „Чистач“ на Марина Абрамовиќ.

marina_2

Таа е една од најголемите уметници на перформансот во светот на современата уметност. Се врати во својот роден град после 44 години, на повик на Владата на Србија, која ја финансира нејзината изложба со 660 илјади евра. Граѓанските и опозициските кругови на Белград, како и дел од белградските уметници не ја дочекаа со големо воодушевување, главно од следниве причини: заради тоа што буџетот на изложбата, целосно покриен од страна на Владата е еднаков на годишниот буџет на Музејот на современата уметност во Белград и заради тоа што Абрамовиќ после 44 години отсуство реши да одговори на повикот токму на оваа Влада.

Cistac Marina Abramovic Belgrad 2019-11-10_20-34-49
Ја посетив изложбата. Јас не сум ликовна критичарка, но како љубител и редовен консумент на уметноста, ќе се обидам да ви ги изложам моите лични импресии за изложбата и да ви ги пренесам информациите кои го следеа овој спектакл во медиумите.
Феноменот Марина Абрамовиќ се состои од култура на спектакл и вештина на контрола на телото.

tela
Изложбата хронолошки ги следи сите фази на нејзината педесетгодишна кариера, почнувајќи од раните шеесетти години па сѐ до денес. Поставена е на пет нивоа (пет катови и полукатови). Изложени се повеќе од 120 дела: слики, цртежи, објекти, фотографии, звучни видеодела, филмови, сценографии и архивски материјал. Вклучени се и антологиски дела од уметноста: „Ритмови“ 1973-74 г., „Томасови усни“ 1975 г., „Релациони работи“ 1976-77 г., „Премин на ноќното море“ 1982-86 г., како и дела кои особено го одбележаа нејзиниот опус: „Балкански барок“ 1997 г. , „Куќа со поглед на океан“ 2002 г., „Уметникот е присутен“ 2010 г.

Cistac Marina Abramovic Belgrad 2019-11-10_20-35-25

ПЕРФОРМАТИВНА УМЕТНОСТ
Со оглед дека се работи за перформативна уметност која не секогаш може да се повтори, начинот на изложување на делата е таков што дел од нив се прикажани преку аудио и видеодокументи за нив. Но, има и дела кои се поставени во оригиналниот формат кој дозволува интеракција со посетителите. Тоа пак од своја страна претставува нова визуелна и аудитивна игра. Најмалку два часа се движите низ музејските простори обземени од една посебна атмосфера.

Cistac Marina Abramovic Belgrad 2019-11-10_20-35-29

Видеопроекции на големи платна, ќелии заштитени со паравани и прегради, во кои се одвива приказ на звучни перформанси и живи дела. Можете да броите зрна од ориз, да ја ставите главата на перница од камен или пак да ја запеете хумната „Хеј Словени“. Публиката е во континуирано движење, тивко обземена од случувањата. По некое време јас се почувствував длабоко емоционално допрена. Сепак, мора да се напомене дека за вистинско и потполно доживување потребна е одредена едукација, познавање на нејзиното дело, познавање на пораката и приказната на секој перформанс, нивниот јазик и контекстот во кој се создадени.

Cistac Marina Abramovic Belgrad 2019-11-10_20-36-43
Во една просторија изложени се нејзините почетни работи: масла на платно, портрети, студии и цртежи. Некои од нив се изложени за прв пат. „Автопортрет“, „Портрет на бабата Црногорка“ од 1965 г., масла на платно од серијата „Судир на камиони“ 1963-65 г. Тоа се рани творби кои гравитираат кон апстрактниот и фигуративниот експресионизам, но покажуваат дека Марина го ослушнува просторот околу себе и има интереси во различни насоки, од кои подоцна само еден ќе го преокупира нејзиното битие.
Откако се прослави со неколку радикални перформанси во 1975 година, од кои еден беше кога околу папокот со жилет си изрежа ѕвезда петокрака, Марина заминува од Белград и со својот тогашен животен и уметнички партнер Улај, почнува да ја гради кариерата како перформативна уметница во Америка.

ulaj

Двајцата стануваат познати по перформансот „Одење по големиот ѕид“ кој се состоеше од пешачење по Кинескиот ѕид. Притоа тргнуват од спротивни страни на ѕидот, таа покрај Жолтото Море, а тој од пустината Гоби. Поминуваат 2.500 километри за да се сретнат на средина. Со тоа се завршува и нивната турбулентна врска, по што Марина продолжува да ја гради својата кариера сама.

ПЕРФОРМАНСОТ Е УМЕТНОСТ НА ТРАНСФОРМАЦИЈА
За Марина Абрамовиќ перформансот е уметност на трансформација која се одвива низ размена на енергија меѓу изведувачот и публиката. Низ целата своја кариера истражува теми на духовна и емоционална трансформација, користејќи широк спектар на медиуми. Инстинктот ја води надвор од подрачјето на објаснивото и рационалното. Истражувањата на можностите на телото ја водат кон источните техники за постигнување духовност. Една година престојува кај Абориџините, 25 години соработува со Тибетанците, престојува меѓу шаманите во Бразил. Јога, будизам, зен-будизам, разни видови на медитација – овие духовни вежби ги преведува на јазикот на Западот и од нив прави уметност. Тоа што е возбудливо во нејзината уметност и што предизвикува емоции и мачнина е фактот дека како материјал го користи своето тело, повремено со употреба на садистички елементи во работата, при што се обидува да ги надвладее физичките граници и границите на болката. Во еден перформанс „Ритам 0“ изложени се 72 предмети што ги употребува, меѓу кои ножици, ножеви и пиштол.

Cistac Marina Abramovic Belgrad 2019-11-10_20-36-44
Своите мемоари ги насловува „Поминувам низ ѕидови“, мислејќи на емоционалните ѕидови, оние низ кои најтешко се поминува. Изложбата делумно се поврзува и со интимниот дел на нејзиното семејство во Социјалистичка Југославија. Ќерката на двајца партизански херои зборува за нејзиното растење, за личните односи со родителите – мајката опседната со контрола и строгиот татко. Бегството во уметноста за неа е бегство во слободата.

0006370
На Запад на почетокот била доживувана како источноевропска уметница, но интересно е дека таа во својот говор на отворањето на оваа изложба „Чистач“ нагласи дека „е српска уметница, а нејзиниот интимен поглед во раните дела е југословенски“. Сепак, новинарската и критичката јавност констатира дека Марина Абрамовиќ веќе одамна е над таквите категоризации.

Cistac Marina Abramovic Belgrad 2019-11-10_20-36-07

Cistac Marina Abramovic Belgrad 2019-11-10_20-36-08

Ако се следи докрај поставката се забележува дека таа постојано ги поместувала своите физички и ментални граници, истражувајќи духовни и емоционални теми.

„Перформативната уметност ја има таа трансформациска моќ на сосема посебен начин, на кој другите уметности ја немаат. Кога имате добар перформанс се случува чудо“, ќе рече таа во едно свое интервју. Тоа го потврди со перформансот „Уметникот е присутен“, кој стана мејнстрим-арт, кога во 2010 година во музејот МоМА во Њујорк, помина три месеци седејќи по осум часа дневно пред празна маса и гледајќи во човек од публиката кој би седнал отспротива. 850 илјади луѓе дошле и седнале пред неа за тие три месеци. Многу од нив плачеле.

Screenshot_1

Суштината е во дисциплината на гледање, а не во она што уметникот го гледа. Седејќи така со месеци таа всушност поместувала емоционален ѕид и создавала некакво поле на енергија. „Прашањето за гледање во магаре или за разбирање на уметноста е застарено, одговор нема, сѐ може да стане уметност“, вели Славенка Дракулиќ.
Ќе го спомнам перформансот „Кромид“, премиерно прикажан 1995 г. кој не е меѓу најзначајните, но ги содржи главните начела на нејзиното делување. Видеото трае 10 минути и описот е „Јадам голем кромид со лушпа, со очи вперени во небото и се жалам на својот живот“. За тоа време слушате текст со нејзиниот глас: „Уморна сум од често менување авиони, чекање во чекални на автобуски станици, аеродроми. Уморна сум од чекање на бесконечни пасошки контроли, од купување набрзина во трговски центри. Уморна сум од сѐ повеќе и повеќе одлуки за кариерата, музејски и галериски отворања, бескрајни приеми, стоење со чаша обична вода, глумење дека сум заинтересирана за разговор. Уморна сум од напади на мигрена, самотни хотелски соби, валкана постелнина, послужување по собите, меѓуградски телефонски повици, лоши тв-филмови. Уморна сум од заљубување во погрешни мажи, уморна од засраменост заради големиот нос и големиот задник, засрамена сум заради војната во Југославија. Сакам да одам некаде толку далеку, да бидам недостапна за телефон и факс. Сакам да остарам и ништо да не ми е важно. Сакам да разберам и јасно да увидам што се крие зад сè ова. Сакам повеќе да не сакам.“ Овој перформанс го видов во 1995 г. кога Марина гостуваше во Музејот на град Скопје на покана на Слободан Унковски. Сегашната изложба ми го врати доживувањето оттогаш.

0006375

00063712

НА ЛИСТАТА НА НАЈВЛИЈАТЕЛНИТЕ ЖЕНИ ВО СВЕТОТ
Марина Абрамовиќ е една од најмаркантните појави во современата перформативна уметност и е на листата на највлијателните жени во светот. Не припаѓа на која било заедница ни група, и како што тоа добро го констатира Миљенко Јерговиќ, таа не застапува никого освен себе, а нејзината уметност останува во главата, се доживува длабоко во плексусот, во душата. Нејзината уметност предизвикува експлозија на трепет, мачнина, предизвикува плач и сосема ретко чиста радост.

marina_4

odnos_vreme
Заради нејзината автентичност и заради статусот на ѕвезда кој го ужива во Америка, и неа и нејзината уметност ја следи гламур. Изложбата во Белград е последна станица на нејзината светска турнеја која ги опфати Стокхолм, Хумлебеку (Данска), Осло, Бон, Фиренца и Торуњ (Полска). Изложбата во Музејот на современа уметност во Белград беше враќање таму каде што во 1975 година таа ја почна својата кариера. За само еден месец продадени се околу шест илјади влезници за изложбата, што имајќи предвид дека се работи за изложба на еден визуелен уметник, според официјалната ликовна критика е посетеност од рангот на Вудсток.

ulaj_marina
Тоа што последната станица од светстката турнеја на големата изложба „Чистач“ е токму Белград, носи посебна порака. Тоа е расчистување со минатото, поглед наназад од нова точка, затворање на кругот и враќање кон себе. Или како што тоа убаво го сумираше Јерговиќ: „Тоа е сведување сметка со себе, со Белград и со целиот свет“.

Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл.имж.арх.

javno_predavanje_bg

mar1

Cistac Marina Abramovic Belgrad 2019-11-10_20-35-26

Cistac Marina Abramovic Belgrad 2019-11-10_20-35-31

Cistac Marina Abramovic Belgrad 2019-11-10_20-36-10

Испрати коментар

Scroll To Top