Премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на Јавното претпријатие „Државни патишта“, Коце Трајановски, остварија работна посета на инфраструктурните проекти што се реализираат во западниот дел од Коридорот 8.
Изградбата на клучните автопатски правци и натаму се одвива со различна динамика, а според најавите на надлежните институции, најблиску до завршување е автопатот меѓу Кичево и Охрид (57 километри, кој е во изградба од мај 2014 година), кој се очекува да биде пуштен во употреба во текот на следната година.
По повеќе од една деценија градба, бројни пролонгирања и дополнителни трошоци, оваа делница конечно влегува во завршна фаза. Во моментов се работи на преостанатите тунели, косини, клучки и безбедносна инфраструктура, а властите уверуваат дека проектот нема повторно да биде одложен.

Другите патни коридори, кои се дел од инфраструктурниот пакет на Коридор 8 и Коридор 10д, имаат подолг рок за реализација. Според сегашните проекции, делниците што се градат со договорот со „Бехтел и Енка“ треба да бидат готови до 2029 година. Станува збор за патните правци Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани, Прилеп–Битола и делницата Требеништа–Струга–Ќафасан, кои се сметаат за стратешки важни за поврзувањето на земјата со регионот и со соседна Aлбанија.
Најголема неизвесност има околу делницата кон Ќафасан. Од клучката Требеништа, која е завршена и пуштена под привремен режим, треба да продолжи новиот автопат Требеништа – Ќафасан, единствената делница од договорот со „Бехтел и Енка“ за која нема активности. За трасата за автопатот се чека согласност од УНЕСКО, од каде што се очекува посета на крајот на месецот или почетокот на следниот месец.
Иако овој патен правец е дел од плановите за Коридорот 8, сè уште нема прецизен рок кога би можела целосно да заврши изградбата. Дел од трасата сè уште е во фаза на подготовка, проектирање и решавање имотно-правни прашања.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија