Истражувањата кои неодамна се спроведени во Германија, покажеле дека потрошувачката на електрична енергија во домаќинствата кои имаат поставено фотоволтаични панели забележува раст. Тоа се нарекува „ефект на повратна спрега“(solar rebound), кој се покажал толку значаен што истражувачите очекуваат дека ќе предизвика пораст на вкупната потрошувачка на електрична енергија од 5% до 2050 година.
Споменатото истражување е спроведено на Универзитетот во Хаген во Германија. Ефектот на соларната повратна спрега веќе претходно е опишан во неколку студии и истражувања. Германските истражувачи ги користеле тие податоци со цел да дојдат до просечните вредности, а потоа користеле математички модел за пресметување на влијанието на тој ефект во наредните години, при што се менувале периодите во кои доаѓа до зголемување на потрошувачката. Ефектот на соларна повратна спрега се јавува затоа што домаќинствата претпоставуваат дека во сончевите периоди ќе дојде до пад на цената на електричната енергија. Последица на тоа е одлуката на пример за зголемено користење на одредени апарати во домаќинството. Истражувачите исто така сметаат дека домаќинствата можат да стекнат впечаток дека имаат право на поголема потрошувачка бидејќи веќе вложиле во „зелено енергетско решение“.

„Кога домаќинствата трошат дополнителна електрична енергија во текот на сончевите часови, електроенергетскиот систем може да ја покрие таа потрошувачка со релативно ниски трошоци. Но, кога таа потрошувачка ќе се помести на вечерните часови или во зимскиот период, под влијание на поголемата базна побарувачка или промена во обрасците на користење, се јавува потреба од поголемо производство на енергија од други извори, складирање на енергија и други решенија како на пример водород. Последица на таквата состојба е зголемена потреба од развој на инфраструктурата и значителен раст на трошоците“, предупредуваат германските истражувачи.
Тие трошоци до 2050 година би можеле да достигнат 12,7–18,6 милијарди евра во највисокото сценарио. Истовремено, тие дополнителни трошоци паѓаат на товар на оние кои не можат да си дозволат инсталирање на фотоволтаични електрани. Покрај тоа, истражувачите забележуваат дека регулаторната рамка во Европа поддржува тарифни структури во кои електричната енергија од мрежата се оданочува повеќе од онаа произведена на сопствениот покрив, со што ефективно се поттикнува соларната повратна спрега, додека трошоците на системот се пренесуваат на сите потрошувачи. Накратко, соларните електрани не влијаат само директно на електричната мрежа, туку и на промените во однесувањето на домаќинствата кои тогаш почнуваат да ја произведуваат „својата“ енергија. Според истражувачите, сето тоа треба да се земе во предвид во идните планови поврзани за енергетската транзиција.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија