Огромен еколошки инженерски потфат на работ на една од најголемите и најсушните пустини во светот ја трансформираше во „апсорбер на јаглерод“ кој апсорбира повеќе јаглерод диоксид отколку што емитува.
Пустината Такламакан зафаќа површина од околу 337.000 квадратни километри. Низ историјата, стекнала репутација на исклучително суров предел, опкружен со високи планини кои го блокираат влажниот воздух да стигне до пустината поголемиот дел од годината, создавајќи екстремно суви услови.
Исто така ја нарекуваат и „место без враќање“ или „влегол, не излегол“.

Меѓутоа, во текот на последните децении, Кина засади шумски појас околу рабовите на пустината, а нова студија укажува дека овој пристап почнува да седава резултати.
„За прв пат утврдивме дека интервенцијата предводена од човек може ефикасно да го подобри складирањето на јаглерод дури и во најекстремните сушни региони, покажувајќи го потенцијалот пустина да се претвори во впивач на јаглерод и да го запре ширењето на пустината“, рече коавторот на студијата Јук Јунг, професор на Калифорнискиот институт за технологија (Калтек) и виш истражувачки научник во Лабораторијата за млазен погон на НАСА.

Повеќе од 95 отсто од пустината Такламакан е покриена со подвижен песок, поради што долго време се сметала за „биолошка празнина“, се вели во студијата. Пустината се шири уште од 1950-тите, кога Кина поминала низ масовна урбанизација и ширење на земјоделско земјиште. Оваа пренамена на природните површини создала услови за почести песочни бури, кои генерално ја носат земјата и таложат песок, предизвикувајќи деградација на земјиштето и ширење на пустината.
Во 1978 година, Кина ја започнала Програмата за заштитни појаси „Три севери“, огромен проект за еколошки инженеринг насочен кон забавување на ширењето на пустината. Проектот, познат и како Големиот зелен ѕид, имал за цел да засади милијарди стебла по рабовите на пустините Такламакан и Гоби до 2050 година. До денес, повеќе од 66 милијарди дрвја се засадени во северна Кина, а експертите истакнуваат дека тоа донело драстични промени во водниот циклус на цела Кина.
Кина во 2024 година го заврши опкружувањето на пустината Такламакан со вегетација, а истражувачите наведуваат дека овој напор ги стабилизирал песочните дини и ја зголемил шумската покривка во земјата со 10 отсто од вкупната површина во 1949 година на повеќе од 25 отсто денес.
Сега научниците откриле дека широко распространетата вегетација на периферијата на пустината Такламакан апсорбира повеќе јаглерод диоксид од атмосферата отколку што ослободува пустината, што укажува дека Такламакан можеби се претвора во стабилен апсорбер на јаглерод.
Истражувачите анализирале теренски набљудувања на различни видови вегетациска покривка, како и сателитски податоци за врнежите, вегетацијата, фотосинтезата и тековите на јаглерод диоксидот во пустината Такламакан во текот на изминатите 25 години. Исто така користеле „Carbom Tracker“ на американската Национална управа за океани и атмосфера, кој моделира извори и впивачи на јаглерод диоксид ширум светот, за да ги потврдат своите наоди.

Резултатите, објавени во списанието ПНАС, покажуваат долгорочен тренд на ширење на вегетацијата и зголемена апсорпција на јаглерод диоксид долж рабовите на пустината, што временски и просторно се совпаѓа со проектот „Голем зелен ѕид“.
Во текот на периодот на истражувања, количината на врнежи во влажната сезона во пустината Такламакан од јули до септември, биле 2,5 пати поголеми одколку во сушната сезона и во просек изнесувала околу 16 милиметри месечно. Врнежите ја зголемиле вегетациската покривка, „зеленилото“ и фотосинтезата долж рабовите на пустината, со што нивото на јаглерод диоксид над пустината намален од 416 делови на милион во сушната сезона и на 413 делови на милион во влажната сезона.

Претходните истражувања укажувале дека пустината Такламакан би можела да биде апсорбер на јаглерод, но тие студии се фокусирале на јаглерод диоксидот апсорбиран од пустинскиот песок. Исто така укажувале дека песокот не е стабилен впивач во услови на климатските промени, бидејќи зголемувањето на температурите може да предизвика ширење на воздухот во песокот, што доведува до ослободување дополнителен јаглерод диоксид.
„Врз основа на резултатите од оваа студија, пустината Такламакан, иако само долж нејзините рабови, претставува прв успешен модел што ја демонстрира можноста за претворање на пустина во апсорбер на јаглерод“, рече Јунг.
Потенцијалот на Големиот зелен ѕид да ја забави дезертификацијата останува и натаму нејасен, но неговата улога како резервоар на јаглерод „може да послужи како вреден модел за други пустински региони“, додаде Јунг.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија