Насловна / Вести / Изложба на Ратко Одаловиќ и Сретен Милатовиќ во Чифте амам

Изложба на Ратко Одаловиќ и Сретен Милатовиќ во Чифте амам

crnogorci (2)

Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 25 март 2015 година, во 19.30 часот, ќе се отвори изложба на црногорските уметници Ратко Одаловиќ и Сретен Милатовиќ.

На оваа изложба, Ратко Одаловиќ се претставува со колористички цртежи во темнокафеав тоналитет со окер, розови, жолти и сини акценти и површини. Тоа се композиции реализирани со редукција и се исклучително декоративно богати – со орнаментален репертоар што почива на принципите на horror vacui (страв од празен простор) внатре во просторот, кој го опфаќа централниот мотив – симплегма на човековата фигура/креатури и елементи на машинската индустрија. Некогаш се сведени на изолирани карикатурални ликови со модификувани внатрешни организми или линеарни клопчиња со кои се симулира човековиот нервен систем или крвотек. На овие дела, пред сè, до израз доаѓаат авторовите високи естетски вредности, минуциозност и исклучителна цртачка вештина.

На цртежите доминираат чудесни направи со невидлив/видлив човек што е само делумно сроден на својата прилика. Меѓутоа, вниманието место на човековото битие се поместило кон структурата и функцијата што се однесува на индустриската и на космичката енергија.crnogorci

Во делото со наслов „Ноќ 1“, наменски конципирано за просторот во Националната галерија на Македонија во Скопје, Сретен Милатовиќ во своите анализи за скулптурата за разлика од порано оди чекор понатаму. И понатаму главен елемент се темните гранитни квадранти, но овој пат уметникот избира вид што е најблизу до Острошкиот камен по структурата и по бојата. 33 правилно исечени квадранти со исти димензии (25 х 25 х 7 см), со длабоки врежувања на горната површина во вид на „свежо изорана земја, не се повеќе тесно сложени еден покрај друг, така што создаваат единствена површина што сугерира раскошен, нерамен, а воедно и немилосрден црногорски пејзаж. Правилно исечени, со остри агли и измазнети страни, со значително поплошни „лица“, сугерираат форма што не може да се најде во природата, а која е обид на „надмоќта“ – манифестирање на „човековата сопственост/влијание над хаосот на природата“. Тие се темни, но не се црни, туку веќе темносиви и како да се „внимателно сенчени со молив“, носат сенки во наборите. Се воочува и свртување и кај другиот, еднакво важен елемент во делото – чакалот, кој веќе не е гранична линија, бела маргина што ја дава контурата. Избира темен песок – гранитна ризла со поситна гранулација, по која квадрантите се распоредени како созвездија во космичко пространство, од чиј меѓусебен однос се создаваат нови релации.

Ратко Одаловиќ е роден на 24.11.1964 година во Граховац, Црна Гора. Основно училиште завршил во Граховац, средно училиште во Подгорица – насока уметнички дизајн. Факултет за ликовни уметности запишал во Белград 1985 година и дипломирал во класата на Живоин Турински во 1990 година. Магистарска изложба на слики имал во 1993 година во Галеријата „Kolarčeva zadužbina“, кога и магистрирал во класата на професорот Живоин Турински. Работи како вонреден професор на Факултетот за ликовни уметности во Цетиње.

Сретен Милатовиќ е роден на 1.3.1966 година во Никшиќ. Завршил Академија за ликовни уметности, оддел вајарство во Сараево, 1992 година, во класата на професорот Алија Кучукалиќ. Магистрирал во 2007 година на Факултетот за ликовни уметности во Цетиње. Од 2009 година работи со звање доцент на Универзитетот во Источно Сараево, АЛУ-Требиње. Живее и работи во Требиње и Никшиќ.

Испрати коментар

Scroll To Top