Насловна / Вести / Изложба на фотографии од Кокино во Софија

Изложба на фотографии од Кокино во Софија

Фотографската изложба „Кокино-мистичен шепот низ вечноста“ од авторот Љупчо Илиевски ќе биде отворена вечерва во 18.30 часот во Културно-информативниот Центар на Р. Македонија во Софија, а веднаш потоа програмата ќе продолжи со промоција на книгата „Портал на Сонцето“ од бугарскиот поет и преведувач Роман Кисјов.

Изложбата на фотографии посветени на Кокино од познатиот македонски фотограф и снимател Љупчо Илиевски, низ 30 фотографии ќе го претстави авторското видување на оваа наш познат археолошки локалитет и светски позната мегалитска опсерваторија. Изложбата со голем успех е веќе претставена низ поголем број градови во Р. Македонија а има гостувано и во Крањ и во Белград.kokino-portal-na-sonceto

Во вториот дел од програмата, ќе биде претставен обемниот поетски избор од современи поети од Р. Македонија, во избор и превод на Роман Кисјов. Преку 385 песни од 42 значајни поетски имиња од сите генерации се застапени во неодамна издадената книга во Р. Бугарија, со наслов „Портал на Сонцето“. Насловот на книгата е инспириран од истоимената песна на Биљана Станковска, посветена токму на Кокино и преведена и застапена во овој обемен книжевен труд. За делото освен авторот Роман Кисјов, ќе зборува и Мартин Христов од бугарското книгоиздателство „Ерго“, а се очекува и присуство на неколкумина познати македонски писатели. Стихови во придружба на гитара, ќе интерпретираат Ѓорги Георгиев-Антика и Тодор Тодоров.

За значењето на овие два културни настана пред публиката во Софија ќе зборува директорот на македонскиот Центар во Софија Васко Шутаров, кој воедно и ќе ги претстави авторите и другите гости во програмата. Гостувањето на изложбата посветена на Кокино во Софија е финансиски поддржана од Министерството за култура, а преводот на книгата „Портал на Сонцето“, исто така, е поддржан со финансиски средства од нашето министерството.

Испрати коментар

Scroll To Top