Насловна / Архитектура / Минималистички дизајн и јасен карактер

Минималистички дизајн и јасен карактер

minimalisticki-dizajn-1.jpgПортугалските архитекти од студиото "Аирес Матеус", со својата
иновативност и креативност го креираат домот за стари и изнемоштени лица
во Арцеар До Сал, кој внесува свежина и неконвенционалност во
архитектонските решенија кога станува збор за објекти од ваков тип.
Архитектите со внимателно и грижливо истражување на постарите лица како
специфична социјална група, успеваат да создадат простор во кој тие ќе
можат да живеат со сите свои потреби, правила и вредности.

 

Луксузниот негувателски дом со својот модерен дизајн, претставува еден вид на хотел заедно со болница за возрасните лица. Архитектите посебено внимание посветиле на интерпретацијата на програмата, каде што комбинацијата од социјални активности и приватност играат значајна улога. Потребата од социјален живот е од огромно значење за оваа група граѓани, како и одморот во приватност, така и мирот што е задолжителен за одржување на нивното здравје.

 

minimalisticki-dizajn-1.jpg

 

Намалената подвижност на возрасните лица, кои ќе живеат во тие станбени единки, наложува дека секое поместување треба да биде емотивно, сензитивно и чуствително искуство. Растојанието помеѓу независните единки е точно предвидено, претставувајќи ја идејата на "патот кон животот" (path into life) и "времето во форма" (time into form). Насоката на минималистичката градба ја задава ѕидот, кој природно се издигнува од околната топографија, го лимитира и дефинира отворениот простор и ја организира целосната парцела. Индивидуалните станбени единки во кои домуваат луѓето се поврзуваат во една целина која има експресивен дизајн и јасен карактер. И покрај тоа што фасадата е целосно бела, таа потсетува на шаховска табла, каде што белите површини се перфорирани и вовлечени на интервали за да создадат засенување.

 

minimalisticki-dizajn-2.jpg

 

Забележливо е дека архитектонското решение на негувателскиот дом се крева и се спушта над топографијата на локацијата, додека на некои места од кровот се направени мали градини, кои се во корелација со градините во дворот на домот. Едноставните геометриски форми на објектот со своите големи вовлечени отвори за светлина и балконски простор за секоја соба, е одлично обмислено од архитектите и претставува пријатно и модерно место за домување. Ентериерот, исто така, е минималистички и луксузен како надворешниот дизајн.

minimalisticki-dizajn-3.jpg

 

Внатрешниот простор го следи екстериерот, како во дизајнот така и во белата бојата. Во ентериерот доминираат бели мермерни плочи и светло сива нијанса во заедничките простории, бели ѕидови и осветлување во вид на линии на плафонот. Заедничките простории се дизајнирани со луксузните светилки на Артемиде Касторе. Собите исто така се обоени во бела боја со антибактериски болнички под во светло сива нијанса. Од архитектонска гледна точка, овој објект е прекрасен не само заради неговата естетска вредност, туку и за решението со кое секој жител во него добива прекрасен поглед од својот балконски простор, а од друга страна приватност во својата соба. Со овој проект, архитектите од студиото "Аирес Матеус" храбро го разбиваат стереотипот дека домовите за стари и изнемоштени лица треба да бидат традиционално и препознатливо уредувани. Од овој проект може да се забележи дека секогаш може да се понуди нешто различно и иновативно на архитектонската сцена.

 

Александар Черепналкоски, дипл. инж. по дрвна индустрија

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top