Насловна / Вести / Направената грешка ќе биде вечна и непоправлива

Направената грешка ќе биде вечна и непоправлива

otvoreno_pismo_do_gradonacalnik_na_skopje_thumb.jpgОтворено писмо до градоначалникот на општина Центар. Да не се дозволи интересите за скапиот м² во Центар, да бидат над интересите на граѓаните на општината. 

Искрено се двоумев, дали на пријател со кого се познаваш многу долго е пожелно да му се обратиш со свој став за јавна тема – писмено и јавно, или е подобро во неформален кафе муабет или на десетка со кромид, или при случајна средба со заеднички пријатели. Сепак, се одлучив за отворено писмо и искрено се надевам дека Влатко за ова нема да ми се налути. Впрочем, и ова мое обраќање го разбирам како транспарентен притисок кон институцијата градоначалник, во име на огромен процент од мојата архитектонска фела кон некои континуирани случувања од областа на урбанизмот во централниот дел на главниот град Скопје.

Пред сè, еден мал човечки вовед пред главната цел. 

Го познавам г. Владимир Тодоровиќ од мали нозе, од нашето заедничко и сакано маало "Пролеќе" и заедничката зграда бр.5. Го познавам растот и развојната линија на неговата компанија "Тинекс", и се воодушевував и го поддржував во успехот што го направи, во едно тешко и матно време. Посебно ги ценам неговите човечки особини, благ и позитивен дух и хуманист. Сè до овде, тој е мој (помлад) идол. 

Но, проектот "Скопје 2014" не стави на две страни. За мене тоа е најлошото што му се случи на Скопје по 1963 година. Освен еден или два објекти (како што е проектот на филхармонијата, кој за жал, ужасно споро се гради???), сè друго во тој проект е архитектонско, а пред сè урбанистичко фијаско. Тука, мислам за левата страна на реката Вардар и уништувањето на просторот на кејот, и околу културниот центар со административни објекти. 
otvoreno_pismo_do_gradonacalnik_na_skopje_1.jpg
Впрочем, и во анкетата на "Порта 3" што се случуваше во текот на 2010 година, 90 отсто од фелата се изјасни против овој проект. Но, тоа за жал бидна, и тоа е тоа. Не се поправа, а иднината ќе го потврди конечниот суд за "успешноста" и оправданоста на проектот. 

Сега, следува тоа што ме предизвика да го напишам ова отворено писмо до градоначалникот на Центар, а тоа се проектите за градење административни и црковни објекти на улица "Македонија", со уништување на прекрасните мали парковски површини спроти хотел "Бристол", кај Дом на АРМ и на плоштадот до "Пелистер". Сакам да кажам едно големо НЕ за овие проекти. Тоа се веќе формирани простори, мали оази, кои ја прават улица "Македонија" поубава и поразлична од некои други светски улици. Впрочем, еве еден голем "тазе" пример. Оваа година на 11 септември во Њујорк се отвори еден прекрасен, величествен центар "Граунд Зеро" – сите знаеме за причините и симболичниот гест на овој проект во однос на просторот. 

На најскапиот "м²" во светот, се изгради композиција од два огромни базени, фонтани, водопад и плоштад со 400 прекрасни дрвца. Се креира центар, во кој илјадници њујорчани и гости ќе уживаат секојдневно, среде околната сообраќајна џунгла. 
otvoreno_pismo_do_gradonacalnik_na_skopje_2.jpg
Треба ли појак пример од успешно, човечко урбано решение? Сите, а пред сè градоначалникот Блумберг, беа горди на заедничкото дело на архитектите. Сигурно никој не ги спомна "изгубените" стотици милиони долари од ќарот, ако на тој простор се изградеа административни објекти, банки и слично. Оваа "споредба" на Њујорк и Скопје ми ја даде желбата да Те замолам да се избориш сам со себе, а потоа и со сите што Те притискаат, да не дозволиш интересите за скапиот м² во Центар, да бидат над интересите на граѓаните на општина Центар и воопшто на гостите на град Скопје. 
otvoreno_pismo_do_gradonacalnik_na_skopje_3.jpg
Направената грешка ќе биде вечна и непоправлива, а улица "Македонија" нема да ја има сегашната "ширина и душа", а ќе стане една обична "тунелска улица", какви што ги има во повеќето административни центри.

Љупчо Атанасовски,
дипл.инж.арх

Испрати коментар

Scroll To Top