Насловна / Архитектура / Гауди на чекор од светец: Католичката црква го призна и како „почесен“

Гауди на чекор од светец: Католичката црква го призна и како „почесен“

Римокатоличката црква го призна Антонио Гауди (1852-1926), познатиот каталонски архитект кој ја создаде базиликата Sagrada Família во Барселона, како „почесен“, соопшти Ватикан. Ова е првиот чекор кон признавањето на Гауди за светец.

Папата Франциско ги призна „херојските доблести“ на каталонскиот уметник, познат како „архитектот Божји“, и ја овласти Дикастеријата за каузи на светците да издаде декрет со кој го прогласува за „почесен“, се наведува во соопштението на Ватикан.

Остави сведоштво за сите нас

„Бев воодушевен кога ја дознав веста. Тоа е признание не само за неговата архитектонска работа, туку и за нешто поважно“, изјави надбискупот на Барселона, кардиналот Хуан Хозе Омела. „Гауди остави сведоштво за сите нас. Тој ни кажува дека и покрај животните тешкотии, работа, болка, страдање, предодредени сме да бидеме светци“, додаде Омела.

Препознавањето на херојските доблести и претходи на беатификацијата, за што, сепак, е потребно чудо. Потоа е потребно второ чудо да биде потврдено од Ватикан за да се постигне статус на „светец“ за време на канонизацијата – често на крајот на процесот што трае неколку години. Процесот на беатификација за овој визионер и многу побожен архитект беше отворен во Рим во 2003 година.

Да потсетиме, Антони Гауди (Antoni Gaudí i Cornet) е роден на 25 јуни 1852 година во Реус, мало гратче во Каталонија. Неговото образование започнало на Вишата техничка школа за архитектура во Барселона, каде што дипломирал во 1878 година. Од самиот почеток на својата кариера, Гауди покажал склоност кон оригинални и иновативни решенија.

Неговиот уникатен стил на архитектура ги комбинира елементите на готика, модернизам и природа, што резултира со создавање на карактеристични градби кои ја одбележаа Барселона. Меѓу најзначајните дела на Гауди, се издвојуваат базиликата Sagrada Família, која се гради од 1882 година и стана симбол на градот, како и Park Güell, фасцинантен простор полн со мозаици и органски дизајн.

Casa Batlló и Casa Milà (познати и како La Pedrera) се некои од неговите дела кои се издвојуваат по својата необична естетика и иновативниот пристап кон архитектурата. Гауди често се фокусирал на детали и користел форми инспирирани од природата, создавајќи уникатни и незаборавни дела.

Неговото наследство денес живее преку осум споменици на УНЕСКО, а неговата работа продолжува да ги инспирира архитектите и уметниците ширум светот. Починал на 10 јуни 1926 година во Барселона, но неговото влијание останува силно и неизбришливо.

Испрати коментар

Scroll To Top