Насловна / Интервју / По фабриката во Бугарија ќе градиме фабрика и во Иран

По фабриката во Бугарија ќе градиме фабрика и во Иран

107-Porta3_img_90.jpgСо агресивен настап на пазарите да го задржиме делот на инвестициите кои не се прекинати и да освоиме нови таму каде е можно и покрај светската криза која не не одмина и нас. – ние како македонска компанија го рушиме стереотипот дека не може или е многу тешко да се извезува готов индустриски производ

 

 

Компанијата АДИНГ годинава слави голем јубилеј, 40 години постоење. Каков е нејзиниот развоен пат?
-Компанијата АДИНГ е основана во далечната 1969 година како претставништво на хрватски КГК (Карловачки градежен комбинат) тогашна водечка и единствена фирма во областа на хемиските додатоци и материјали за градежништвото, која имаше соработка со швајцарската фирма МЕНАДИЕ со слична програма како КГК. Преку претставувањето на КГК и соработката со МЕНАДИЕ се доаѓа до многу информации што се нови работи во градежништвото и како тоа се реализира. Наредните години се напушта КГК и полека се развива сопствено производство по „урнек“ на МЕНАДИЕ и КГК со голем ентузијазам и желба за развој без да се купуваат скапи лиценци. Еден краток период се спојува со ОХИС и бргу излегува од него и го продолжува самостојниот развој. Станува позната и призната фирма во цела бивша Југославија и надвор од неа. Големата индустриска несреќа во 1987 година го прекинува растежот на АДИНГ и две години повторно се враќа во ОХИС од кого ја добива големата поддршка во многу тешките моменти за АДИНГ. Повторното излегување на АДИНГ од ОХИС во 1989 година е новиот почеток на фирмата. Период на приватизација и нови предизвици во еден турбулентен транзициски период во самостојна Република Македонија. Тоа е веќ е понова историја која на повеќето им е позната. Денес АДИНГ е водечка компанија на Балканот и пошироко присутна на пазарите во Македонија, Хрватска, Бугарија, Србија, Русија, Црна Гора, Косово, Казахстан, Украина, Романија, БиХ, Албанија и др. До лани 80 проценти од вкупниот пласман беше надвор од Македонија, а само 20 проценти на домашниот пазар. Нашата определба е да останеме и да ги развиваме освоените пазари и да бараме нови е врвен приоритет во фирмата. Ние како македонска компанија го рушиме стереотипот дека не може или е многу тешко да се извезува готов индустриски производ. И покрај многубројните пречки на кои наидуваме, силна европска и светска конкуренција, непризнавање на домашни сертификати и докажување и сертифицирање на секој пазар посебно -што чини многу и ни го намалува профитот за разлика од европските фирми кои ги немаат тие проблеми, ние извезуваме и тоа добро го правиме.

Неодамна одржавте акционерско собрание, на кое се усвоија информации за уште една успешна година. Како напредуваше АДИНГ во 2008 година и дали сте задоволни од постигнатите резултати?
-Ако резултатите во 2007 година ги оценивме како многу добри, а во 2008 година тоа го повторивме, можеме со задоволство да кажеме дека годината ја завршивме успешно, и покрај тоа што не го реализиравме најамбициозниот план во историјата на АДИНГ.

Кои беа причините за тоа?
-Во основа беа две причини. Ние први ја почувствувавме финансиската криза уште во почетокот на 2008 година во далечниот Казахстан, каде градежништвото прво колабираше, а и со пролонгирањето на големите проекти во Хрватска за наредните години. Желбата да се надминеме самите себе не ни успеа, но ја надминавме успешната 2007 година што ни дава за право да бидеме задоволни. Продажбата на домашниот и на странскиот пазар е за четири насто поголема од 2007 година. Поголема е и добивката по оданочувањето во споредба со 2007 година. Од вкупниот пласман на АДИНГ-овите производи во Македонија лани се продадени 31 процент, а 69 проценти во Хрватска, Бугарија, Русија, Србија, Казахстан, Црна Гора, Косово, Украина, Романија, БиХ и Албанија. Накусо, 2008 година АДИНГ ја заврши со добри резултати и оствари солиден профит.

Оваа година светската криза почна да се чувствува и во македонската економија, вклучувајќ и го и секторот градежништво за кој е наменето вашето производство. Има ли видливи промени во работењето и какви планови имате за премостување на кризата за чие времетраење има различни прогнози?
-Почетокот на 2009 година започна со навестената светска финансиска криза која АДИНГ не може да ја избегне. Планот за 2009 година, кој е реален за нормални пазарни услови, во првите три месеци тешко се остварува. Освен во Македонија, Хрватска, Русија, Косово, Украина, Црна Гора и БиХ, каде тешко и со многу проблеми се остваруваат планираните пласмани, во другите земји остварувањето е и проблематично, пред с. во Србија, Бугарија и Казахстан, како наши големи пазари, како и во Романија и Украина. Секако дека оваа година ќе биде многу тешка и ќе треба да ја „преживееме“ кризата со надеж дека јубилејната 2009 година ќ е ја завршиме позитивно. Бидејќи светската криза уште како се одразува на работењето на АДИНГ, во компанијата се воведени строги мерки за контрола на сите трошоци со истовремено агресивен настап на пазарите со цел да го задржиме делот на инвестициите кои не се прекинати и да освоиме нови таму каде што е можно тоа. Се на се, според резултатите во првите месеци од годината и големата финансиска криза која ги зафати земјите каде АДИНГ е присутен, очекуваме намалување на пласманот и помал профит од 2008 година. Периодот што претстои ќе биде уште потежок, но оптимизмот на компанијата дека ќе ја пребродиме кризата останува.

Се надевате ли на помош од државата? Каква би требало да биде таа за да се ублажат последиците од кризата?
-Пред се финансиска поддршка. Односно, некаков стендбај на нашите обврски, или нови финансиски средства коишто би ни ги дале, не без пари, туку со одреден грејс период, еден стендбај од година, година и пол. Исто така, државата мора да ги поддржува безрезервно извозниците. „Клубот извозници“ мора да биде лиценциран и верифициран од државата. Тој клуб мора да има „канцеларија за договор во Министерството за надворешни работи, во Министерството за економија и во сите амбасади во земјите каде ги имаме, каде во секое време ќе има „офицер“ за врски на располагање на извозниците.

Освен во седиштето во Скопје, дел од производството на фирмата е организирано и во Бугарија и Казахстан, а имате пласман ширум светот. Дали и во тој дел од работата се чувствува глобалната криза и како?
-Наплатата од извозот е со големо доцнење особено од одделни земји како Казахстан (најголем должник) Романија, Украина и БиХ, додека од Бугарија, Русија, Хрватска, Србија и Албанија е задоволителна, а од Црна Гора и Косово најдобра. Доцнењето на наплатата, зголемениот извоз, потребните залихи и инвестициите, а во недостиг на сопствени финансиски средства ја зголемуваат задолженоста на фирмата, која е придружена со неизбежните зголемени трошоци во вид на поголеми банкарски камати и провизии.

107-Porta3_img_93.jpg
Кои се вашите развојни планови и со колкава нивна реализација би биле задоволни, со оглед на тоа што градежништвото, особено во странство, каде што се пласираат голем дел од вашите производи и услуги, е во криза?
-Веќе ви реков дека планот, кој во 2009 година е реален за нормални пазарни услови во првите три месеци тешко се остварува. Но ние не се откажуваме. Споменав дека сакаме да го задржиме делот на инвестициите, кои не се прекинати. Во тековната 2009 година ги завршивме нашите две големи инвестиции. Деловно-продажен објект БИЗНИС ЦЕНТАР во Скопје во кој се сместени нашите фирми ќерки БЦ -АДИНГ и ИНВЕСТ А кои пласираат АДИНГ-ови производи и производи за градежништвото, како и давање услуги за градење, санација и завршни работи во градежништвото. Новиот фабрички погон во градот Перник -Република Бугарија беше пуштен по повод 40-годишнината на АДИНГ во понеделникот. Во фабриката ќе произведуваме дел од производствената програма на АДИНГ -адитиви за бетон. Вкупната инвестиција во двата објекта изнесува повеќе од 1,5 милион евра. Но, можам да најавам дека трета наша поголема инвестиција е почеток на изградба на нова фабрика во Техеран -Иран, каде што АДИНГ планира да инвестира заедно со ирански партнер.

Бидејќи работите во областа на технологијата која во светот брзо се развива, дали сте посветени и на едукација на кадарот и негово подмладување со стручњаци?
-Денеска нашата компанија брои повеќе од 160 вработени (100 во матичната фирма, а другите во фирмите-ќерки во Македонија и во странство), просечна старост е 33 години, а повеќе од 40 проценти се со високо образование со доминантна структура на градежни инженери, технолози, хемичари, архитекти. АДИНГ има проектирано генерациска структура во која се издвојуваат четири генерации и тоа: онаа најстарата, родени по 1950 и кои полека . ги препуштаат работите на онаа втората генерација, родена по 1960 година, кои се сега извршни директори, и понатаму помладите, родени по 1970 и по 1980 година, кои веќе ги носат оперативните работи во компанијата.

Какви се сертификати имаат производите на АДИНГ? Вашата компанија има и своја политика за квалитет. Што содржи таа?
-АДИНГ е сертифициран според европските стандарди меѓу првите фирми во Македонија. Ги поседува ИСО 9001-2000 и ИСО 14001-2004 како и СЕ-европски сертификат за дел од производите. Долгогодишната успешна имплементација на системот за менаџмент со квалитет и негово постојано подобрување, овозможува АДИНГ да ја стекне довербата на своите клиенти и да стане лидер во своето работење способен да ги задоволи очекувањата на купувачите докажувајќ и дека може да произведува квалитетни производи и да дава квалитетни услуги. Поседувајќи го сертификатот за менаџмент системот за животна средина, скоро две години АДИНГ се стреми кон негово постојано подобрување потврдувајќи го својот став за интерна и екстерна комуникација за сите значајни аспекти на животната средина. Од средината на 2008 година дел од производствената програма на АДИНГ од групата адитиви за бетони и малтери поседува сертификат за квалитет со ознака „СЕ“ со што се потврдува квалитетот според европските норми и е овозможен пласман на производите во земјите на Европската Унија.

Производството на АДИНГ е во секторот на таканаречената валкана индустрија. Но, оваа компанија ниту еднаш досега не била посочена како загадувач на средината. Напротив добивте признание за општествена одговорност на претпријатие, кое се однесува токму на грижата за животната средина. Тоа е голема чест, но го чувствувате ли и како одговорност, како нешто што ве обврзува да продолжите со тој начин на работа?

-Во рамките на проектот “Македонски оскар за општествено одговорно претпријатие во Република Македонија“ за 2007 година во две категории, мали и средни претпријатија и големи фирми, во потесен избор од 15 претпријатија, на АДИНГ АД во категорија на големи претпријатија му е доделена втората награда “Македонски оскар за општествено одговорно претпријатие“, за решавање на проблемите од областа на заштитата на животната средина. Одговорноста, а со тоа и обврската да се продолжи и натаму по истиот пат е голема. Но, нашето мото “Да се биде состојка на секоја градба“ е нашиот двигател, нашиот предизвик да стигнеме први до секоја градба и да ги понудиме нашите производи, кои навистина многу често се “лекови“ за градежништво. Тие ги подобруваат својствата на класичните материјали -бетонот и малтерот и ги прават отпорни и трајни на различни временски услови. А кога се произведуваат лекови, тогаш нема компромиси со грижата за човековата околина.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top