Конференцијата на Обединетите нации за климатските промени COP30, беше завршена со договор кој не отстапува значително од досегашните амбиции, со постигнат скромен напредок во одделни сегменти. Со „компромис“ во последен момент избегнато е фијаско, но изгласана е декларација во која се изоставени фосилните горива и дефорестацијата.

Одлуката Бразил да биде домаќин на овогодишната конференција имаше една клучна цел – да се прати силна порака дека мултилатерализмот функционира. Мултилатерализмот значи прифаќање на глобален пристап и барање на колективна акција за решавање на проблемите. Рамковната конвенција на ОН за климатските промени, потпишана во 1992 година во Рио де Жанеиро, е еден од неколкуте преостанати документи кој е резултат на таков пристап. Овој документ го препознава и го цени фактот дека сите сите земји треба подеднакво да имаат свој глас кога станува збор за иднината на планетата, иако за волја на вистината, историски богатите земји се креатори на проблемот. Но, овој воспоставен принцип на рамнотежа веќе е сериозно загрозен. Претседателот на САД Доналд Трамп е против, преферирајќи свои договори со фаворизирани држави, наметнувајќи драконски царини и сл. САД по втор пат излегоа од Парискиот договор за климата, и не испратија своја делегација на конференцијата во Бразил. На никаков начин САД не влијаеа врз работата на COP30, но многумина со иронија велат – немаше потреба за тоа, Саудиска Арабија беше ефикасен блокатор.

На COP28 во 2023 година, сите земји се согласија за „напуштање на фосилните горива“, а интересно е дека претседавач беше првиот човек на националната нафтена компанија на Саудиска Арабија. Веројатно само нафтен магнат може да истурка такво нешто. Но, за жал со краток век. Тврдејќи дека тогаш станувало збор за само една од менито опции до наредната конференција, Саудиска Арабија, но и Азербејџан, сериозно го поткопаа настојувањето на останатите учесници за продолжување на курсот за транзиција од фосилните горива.

Учесниците на конференцијата на страните на Рамковната конвенција на ОН за климатските промени (UNFCCC) во Белем во Бразил, се сложија дека глобалното затоплување е на пат привремено да ја надмине границата од 1,5 степени Целзиусови, истакна генералниот секретар Антонио Гутереш. „Не можам да лажам дека COP30 донесе сè што е потребно. Јазот помеѓу тоа каде сме и она што го бара науката станува опасно широк. Разбирам дека веројатно многумина се чувствуваат разочарано. Реалноста за надминување на лимитот е јасно предупредување – се приближуваме кон опасни и неповратни пресвртници“, рече Гутереш и додаде: „Тешко е да се постигне консензус во период на длабоки геополитички поделби“, истакнувајќи дека сепак е постигнат напредок и дека мултилатеризмот и натаму функционира.

Домаќините ја нарекоа овогодишната конференција „COP на вистината“. Сепак, иронијата сакаше поинаку, па во последен момент се постигна контроверзен компромис. Имено, од финалната одлука е испуштен повикот за постепено и целосно напуштање на производството и употребата на фосилните горива, како и запирање на дефорестацијата и свртување кон масовно пошумување. Тие две ставки се оставени за дополнителни и одвоени документи. Потписниците на декларацијата единствено се повикале на одлуката од COP28, позната и како „Консензус од ОАЕ“, во која се наведува „постепено преминување од фосилни горива на почисти извори“. На спогодбата од Белем е ставен наслов „Глобален Mutirão: Обединување на човештвото во глобална мобилизација против климатските промени. Тоа не е случајно, туку има за цел да прати силна порака. Имено, португалскиот збор mutirão потекнува од староседелскиот јазик и значи „настојување, стремење“.

Генерално, сите богати земји освен САД не отстапуваат значително од зацртаните патеки за декарбонизација. Најзагрозените земји и земјите во климатска катастрофа се сиромашни. Тие зависат од помошта за мерки за ублажување на последиците и од инвестициите од богатиот дел на планетата. „Знаевме дека овој COP ќе се одржи во бурни политички води. Одрекнувањето, поделбите и геополитиката ѝ нанесоа тешки удари на меѓународната соработка“, изјави Сајмон Стил, извршен секретар на ОН за прашањата за климатските промени. Според неговото видување, нациите од светот се определиле за солидарност и наука, а во економска смисла за здрав разум. „COP30 покажа дека климатската соработка е жива и здрава и дека го држи човештвото во борбата за планета на која ќе може да се живее. Не велам дека ние победуваме во климатската борба. Но, не може да се порекне дека во неа учествуваме и дека ги возвраќаме ударите“, изјавил Стил.

За време на последниот настан на конференцијата, претставник од Колумбија изјави дека нивната земја одбива да прифати делови од завршниот договор бидејќи се негира научното сознание за опасноста од климатските промени. Во истиот контекст, претседателот на Колумбија истакнува: „Не го прифаќам тоа во декларацијата на COP30. Не е јасно наведено како што вели науката, дека причина за климатската криза се фосилните горива што ги користи капиталот“. Тој додал дека животот на планетата е можен само „ако се одвоиме од нафтата, јагленот и од природниот гас како извор на енергија“.

Во наведената финална спогодба, земјите потписнички ја потврдија сумата од 1.300 милијарди долари годишно кои најдоцна до 2035 година треба да бидат наменети за климатска акција. Од нив, околу 300 милијарди долари ќе бидат неповратни средства и субвенционирани позајмици, а остатокот ќе потекнува од приватно финансирање и климатско оданочување. Сепак не е прецизиран изворот на овие средства, односно од кои земји истите ќе потекнуваат. Неспорно, разочарувањето е големо за земјите членки на ЕУ, со оглед на амбициозните климатски цели на Унијата. До последен момент претставниците на ЕУ ја разгледуваа опцијата да го напуштат самитот, наместо да ја потпишат декларацијата.

Една од новините е заедничкото определување да се промовира „интегритет на информациите за климата“, што подразбира и сузбивање на дезинформациите. Но, секако исходот од оваа конференција не може да се смета за успешен и го подгрева песимизмот. За многумина, единствено напредокот во реалната економија се гледа како главен извор на надеж, а не самите климатски конференции и преговори односно договори. Ал Гор, поранешниот потпретседател на САД и ветеран во кампањата против климатските промени вели дека револуцијата е во тек. Тој додава дека можеби Трамп и другите моќници на политичката сцена, но и силните т.н. „петродржави“ (petrostates), можат да стават вето нa дипломатските активности, но секако не можат да стават вето на акциите во реалниот свет… остатокот од светот е заситен од бројните одложувања и порекнувања.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија