Денот на планетата Земја се одбележува секоја година на 22-ри април. Оваа година е неговото 56-то издание, под слоганот „Наша енергија, наша планета“. Таа тема е избрана со цел да мобилизира што поголема поддршка за обновливите извори на енергија, со цел нивната употреба тројно да се зголеми до 2030 година.
За прв пат овој ден е одбележен во 1970 година во САД, кога вкупно 20 милиони луѓе во повеќе градови излегле на улиците за да протестираат поради штетата која активностите од човекот ја прават кон животната средина. ОН официјално го признаваат овој ден во 2009 година. Денот на планетата Земја 2025, го става фокусот на обновливите извори на енергија како клучно решение за борба против климатските промени, намалување на загадувањето и унапредување на јавното здравје. Непрофитната организација посветена на овој ден, Earthday.org апелира глобалното производство на обновливи извори на енергија тројно да се зголеми до 2030 година. Earthday.org, преку примери од целиот свет истакнува дека преминот кон чиста енергија е неопходен. Тие потенцираат дека земјите како Исланд, Бразил и Норвешка, кои денес добиваат најголем дел од својата енергија од обновливи извори, покажуваат дека таа транзиција е можна и изводлива.