Бугарија отвори едно од најважните енергетски постројки во регионот – 66 армиранобетонски ќелии, со капацитет за 19.000 контејнери или дури 138.200 кубни метри радиоактивен отпад, кој ќе се складишти во наредните 60 години, а потоа ќе се контролира во следните над 300 години. Новото национално одлагалиште за ниско и средно радиоактивен отпад, отворено на 14-ти април во близина на НЕ „Козлодуј“, претставува прв објект од ваков вид на Балканот и клучен дел од долгорочната стратегија за управување со нуклеарен отпад во земјата. Но, што точно значи поимот „одлагалиште“, и каков вид на отпад ќе се чува?

За разлика од класичното складиште, ова не е место каде отпадот привремено ќе се одлага, туку траен систем за негово конечно згрижување. Суштината е во изолацијата – радиоактивниот материјал се сместува во посебно проектирани објекти кои го одвојуваат од околината на многу долг период, преку примена на комбинација од технички и заштитни мерки. Станува збор за т.н „површинско одлагалиште“, што значи дека отпадот не се закопува длабоко во геолошките слоеви, туку се сместува во армиранобетонски ќелии блиску до површината. Сепак, безбедноста не се потпира на длабочината, туку на повеќеслојната заштита: отпадот претходно се обработува, потоа се пакува во контејнери, потоа во бетонски блокови, кои на крајот се сместуваат во дополнително зајакнати конструкции. Важно е да се истакне дека дел од овој систем ќе бидат материјали со ниско и средно ниво на радиоактивност: заштитна опрема, филтри, делови од постројки, лабораториски и медицински отпад, но и материјали кои се настанати во текот на демонтажата на нуклеарните објекти.


Еден од главните извори на овој радиоактивен отпад е гасењето на старите реактори во Козлодуј. Бугарија во текот на пристапувањето во ЕУ се обврза да ги затвори блоковите 1 и 2 до 2002 година, а блоковите 3 и 4 до 2006 година, бидејќи се оценети како неусогласени со современите безбедносни стандарди. Нивното разградување и деконтаминација денес генерираат значителни количини на радиоактивен материјал, кој сега добива трајно место за одлагање. Но, тоа не претставува крај на нуклеарната енергија во Бугарија. Во склоп на истата електрана денес работат блоковите 5 и 6, кои се реактори од понова генерација (VVER-1000), со вкупна инсталирана моќност од околу 2.000 MW, кои ја сочинуваат основата на производството на електрична енергија во земјата.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија