Насловна / Вести / Божидар Миљовски – градежник и визионер чие име стои на познати градби во светот

Божидар Миљовски – градежник и визионер чие име стои на познати градби во светот

KIR_0017

Градењето и имањето добри идеи за полесна и поекономична изведба на објектите се основата во животната приказна на Божидар Миљовски, човекот на кој Македонија, Балканот и Европа му се мал простор за остварување на своите визионерски способности, па преминал во Америка и во Азија. Животната приказна на овој човек, кој освојува со својот говор и кој секој соговорник го остава без коментар и со мисла дека навистина кога се сака нешто во животот може и да се оствари, започнува во декември 1934 година во Ресен.

KIR_0044

Оттаму своето образование го продолжува на Градежно-техничкото училиште во Скопје, а потоа почнува надградбата на знаењето надвор од Македонија со запишување на општа насока на Градежниот факултет во Загреб, а специјализирал во делот за конструкции.

По дипломирањето работи во ИПЗ – Загреб на проектирање на мостови, а од таму кариерата ја продолжува во градежните претпријатија „Планум“ од Белград и „Маврово“ од Скопје. Финишот од образованието е во 1971 година со магистрирање на сеизмика на мостови. Но, ова е всушност почеток во остварувањето на своите цели во животот, а тоа се градењето и реализирањето на визионерските способности.

езеро глобочица1

Езеро Глобочица

Во 1972 година ја почнува постапката за основање на Градежниот институт на Македонија каде бил директор до 1987 година. Петнаесетината години поминати во ГИМ како генерален директор е време кога институтот беше вистински балкански бренд во секој поглед, од научно-истражувачка работа, проектантска, па се до изведување на специфични проекти особено санации.

zemljotres-79-01

Земјотрес цо Црна Гора во 1980

ГИМ со своите преку 200 високостручни кадри, стана дел од речиси секоја градба во Македонија и пошироко. Во тој период учествува на проектите Србиновачки вијадукт, изведувањето на браните Глобочица и Глажња, и менаџирањето за ангажирање на македонската оператива по земјотресот во Црна Гора во 1980 година.

„Во 1987 година донесов одлука дека треба да заминам од тука и без најдена работа се качив на авион и заминав за Америка. Таму, се разбира дека не ме чекаше работата ’на тацна‘. Секогаш се почнува од најслабо платената работа, но бев трпелив и знаев да ги покажам и искажам моите способности и идеи. Покажав дека секоја градба може да се направи поевтино од тоа што е испроектирано, но за тоа треба да си добро образован и практично поткован и сигурен во себе“, раскажува Миљовски за своите почетоци во освојувањето на градежниот бизнис во Америка.High_Bridge_jeh

High Bridge, Њујорк

Од 1987 до 1990 година работи во фирмата „Луис Бергер Интернешнел“, а наредните десет години кариерата ја продолжува во „О и Г Индастрис“. Со овие фирми има работено на познати објекти како што се мостот Фаундер во Хартвуд, мостот Јелоу Мил, терминалот Кони во Њујорк, мостот на Чесапик Беј, кој е и меѓу најдолгите мостови во светот, како и на мостот на реката Харлем и мостот на булеварот Квинс.Cesapik bej most

Chesapeake Bay Bridge, Мериленд

queens boulevard bridge

Queens Boulevard Bridge, Њујорк

„Во 1996 година основав своја фирма за консултантски услуги „Матис Енџенеринг груп“ која навистина добро се снајде на пазарот, затоа што преку неа работев како консултант за проектирање на технологии за поевтино градење за „О и Г Индастрис“ и „Перини и Тудор Селиба“, вели Миљовски. Faunder most Hartford

Founders Bridge, Хартвуд

Поголемите проекти од тој период кои ги споменува се мостот Фаундерс во Хартвуд, мостот Јелоу Мил, Бриџпорт, мостот Чесепик Беј, коридорот Аламенда во Калифорнија, како и браните во Америка, Севен Оук, Источна брана и Западна брана. Во оваа листа го набројува и покривањето на патот И 95 од Њујорк до Њухавен, како и санацијата на Косово по војната.

Brana Seven Ouks

Брана Seven Oaks

„Сите овие се проекти на кои сум работел, а кои се навистина познати во светот. Успеав моето знаење и визионерските способности да им ги продадам на Aмериканците. Тоа се луѓе кои знаат да го ценат она што вреди, а кое на крајот им носи голем профит. Кога решив да си заминам од фирмата ’Luis Berger International‘, од сопственикот добив препорака која понатаму уште повеќе ми ги отвораше вратите, а во која пишуваше дека сум човек кој секоја фирма треба да го има. Од тогаш почнаа да се нижат нови и нови проекти, а моето име стана препознатливо.

Но, со текот на годините не престанав да работам. Секогаш се раѓаат нови идеи“, нескромно раскажува Миљовски.

кровна конструкција на спортска сала Борис Трајковски

Кровна конструкција на спостска сала „Борис Трајковски“, Скопје

Во проекти од последните години со кои исто така се гордее, Миљовски ги набројува кинеската производствена машинерија и нејзиниот јужен проток, проектот за објектот на македонската амбасада во Вашингтон и покривот на спортската сала „Борис Трајковски“. Од 2005 година па наваму има направено и шест студии за градот Скопје, а кои се однесуваат на користење на подземниот простор во комерцијални цели, искористување на брдата Гази Баба, Зајчев рид и Калето со касарната „Илинден“, решавање на сообраќајниот хаос, изведувањето на Јужен булевар под земја, решавање на нервните точки за паркирање во Центар, Клинички центар, Скопски саем и Аеродром.

„Градот Скопје има многу локации кои стојат празни, а може да се искористат за комерцијални цели. За делот под Калето имам проекти со кои предвидувам тука да се направи место за паркирање, со бензински станици, ресторани, продавници. Во горниот дел може да се направат делови за рекреација и голф терени. Овој град има големи потенцијали само треба да се најдат луѓе кои ќе ги ислушаат моите идеи и ќе сакаат да ги реализираат, а потоа вложеното секако дека ќе им се врати“, вели Миљовски.

Враќајќи се од Америка во Македонија, додава тој, во Скопје ја носам мојата консултантска фирма „Матис Енџенеринг груп“ со целото нејзино знаење, искуство, иновации и нови технологии, и сакам ова наследство да го пренесам на македонското градежништво за да може полесно да се вклопи во светските текови.Avtopat Njujork - Nju Hejven

Ентузијазмот, свежината на мислите, желбата за потврдување на своите визии и пренесување на преголемото градежно искуство кон помладите со неверојатна енергија, сè уште просто бликаат кај осумдесетгодишниот бренд на македонското научно истражувачко и оперативно градежништво. Ќе успее ли да ги пренесе и кому, своето огромно искуство и знаење, и пред сè визионерски идеи?

 

Катерина Спасовска Трпковска

Љупчо Атанасовски, дипл.инж.арх.

 

Еден коментар

  1. Импресивна кариера! Браво за авторите на текстот, треба почесто да има вакви портрети

Испрати коментар

Scroll To Top