Насловна / Вести / Граѓани бараат од Општина Охрид да го повлече одобрението за градба на хотел во Лагадин

Граѓани бараат од Општина Охрид да го повлече одобрението за градба на хотел во Лагадин

Невладината организација „Охрид СОС“ подготви онлајн петиција со која бараат за се повлечи решението за изградба на хотел во заштитетниот појас на Охридското езеро. Тие велат дека неговата изградба мора да се спречи, бидејќи според закон, на 50 метри од брегот е забрането градење на објекти од траен карактер.

Со поставувањето на темелите на незаконската градба веќе е бесправно навлезено во приватен имот од соседните парцели и тоа додека сопствениците не се таму, велат од невладината.lagadin

„Незаконската градба ѝ пркоси и на волјата на мештаните кои неодамна потпишаа петиција јасно изразувајќи го својот став дека не сакаат масовен туризам во својата населба. И покрај несогласувањето на речиси сите жители на населбата Лагадин извесни локални моќници во договор со институциите си земаат за право да си ги остварат интересите.

Надлежните лица од месната заедница Лагадин веќе со години бараат увид во документацијата постојано доставувајќи барања до Општина Охрид, но до денешен ден на ниедно од тие барања не им е одговорено иако се работи за информација од јавен карактер.

И онака преоптоварениот колекторски систем од кој поради големиот број на туристи секое лето се излеваат фекалии во езерото – нема да издржи уште еден голем хотел, а еколошките последици врз езерото ќе бидат уште поголеми и неповратни.

Друг огромен проблем е сообраќајниот метеж во Лагадин кој се создава секое лето поради големиот број на туристи што одат на плажа. Населбата е преполна со автомобили и нема простор дополнителен број на возила да се разминат, а камоли да се паркираат. Мештаните кои поседуваат имоти таму немаат каде да ги паркираат сопствените возила пред сопствениот имот за кој плаќаат данок на државата.

Останува прашањето дали Општина Охрид ќе дозволи градежни активности кои ќе имаат неповрани негативни последици врз Охридското Езеро имајќи предвид дека на почетокот од оваа година во Охрид доаѓа специјална реактивна мисија од УНЕСКО која може и да ни го одземе статусот“, стои во петицијата.

Од Охрид СОС информираат дека е во тек официјална жалба од мештаните чиишто имоти се бесправно узурпирани. На жалбата ќе се приклучат и останати засегнати граѓани од населбата, како и активисти од здруженија за заштита на животната средина кои веќе неколку години работат на заштитата на Охридското Езеро и неговиот статус како УНЕСКО подрачје.

„Потпишете се и изразете ја својата поддршка против незаконското уништување на единствената УНЕСКО локација на територијата на РМ! Охрид не е за продавање!“, повикуваат граѓаните.

Испрати коментар

Scroll To Top