Сателитските снимки покажуваат драматично зголемување на подрачјата погодени со суша на глобално ниво. Посебно лоши податоци се забележани за Европа. До крајот на 2025 година, дефицитот на вода бил околу 25 милијарди тони во споредба со просекот од 2002 година, се вели во текстот на германскиот национален Центар за геонаука (GFZ Helmholtz-Zentrum für Geoforschung). Глобално складираната вода е целата вода на и во Земјата. Се смета за една од клучните климатски променливи и индикатор е за глобалниот хидролошки циклус (кружењето на водата во природата).

Сателитските мисии GRACE (Gravity Recovery and Climate Experiment, 2002–2017) и GRACE-FO (GRACE-Follow-On, od 2018) овозможуваат следење на глобалното складирање на вода на месечно ниво. Сега, кога се достапни податоци за 24 години, можат да се анализираат долгорочни промени. Со категоризација на промените, сега е полесно споредувањето на различни региони со различни хидролошки режими и карактеристики. За секоја точка од мрежата и секој месец, состојбата со складирањето на вода се споредува со долгорочниот просек со цел да се проценат отстапувањата. Глобално, екстремите во складирањето на вода се во пораст, се вели во извештајот. Додека 75% од копнената површина имала нормален капацитет на складирање на водата во 2009 година, до 2025 година процентот паднал на околу третина. Овој развој главно е последица од зголемувањето на сушните региони, чиј удел станува повеќе од три пати поголем, односно од 12% во 2009 на речиси 43% во 2025 година.

И покрај тоа, копнената површина класифицирана како влажна, останува во слични размери во текот на последните 24 години. Но, глобалниот преглед овозможува само општа проценка и не ги зема детално во предвид регионалните разлики. Понијансирана слика се добива со испитување на 61 континентален речен регион и нивниот развој во последните 24 години. За секој од овие големи речни сливови и секоја година, просекот од сите набљудувања е означен со боја: црвената означува недостаток на вода, сината вишок на вода. Од сите региони во светот, само Африка забележала значително зголемување на складирањето на вода, додека Австралија и Океанија забележале мало зголемување. Од друга страна, намалување може да се забележи во останатите региони, при што посебно впечатливо е топењето на глечерите на Арктикот. Во Европа и на Блискиот исток, сите подрачја на сливовите покажуваат намалување на складирањето на вода. На Блискиот исток, складирањето на вода опаѓа од 2009 година, додека во Западна Европа постојан пад се забележува од 2014 година.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија