Обновувањето на историските згради честопати се сведува на обид да се реконструира минатото што е можно поверно. Меѓутоа, во случајот со Централниот павилјон во Џардини, пристапот бил поинаков.
Наместо враќање на „изворната состојба“, проектот на бирото Labics ја третира зградата како слоевита архитектонска структура која треба јасно да се прочита, реорганизира и прилагоди на современите потреби. Токму во ова отстапување од носталгијата лежи клучот на оваа интервенција – која не ја брише историјата, туку ја користи како основа за современ архитектонски одговор.

Венециското биенале (La Biennale di Venezia) минатата недела го претстави реновираниот Централен павилјон во Џардини, со што е завршен сеопфатен проект реализиран помеѓу декември 2024 и март 2026 година, во рамки на пошироката национална програма за подобрување на културната инфраструктура.

Просторна стратегија што ги спојува наследството и современите изложбени потреби
Работите се дел од поширока иницијатива што вклучува неколку локации поврзани со Биеналето, вклучувајќи ги Џардини, Арсенале и другите градски простори, а се во соработка со локалните власти и институции за заштита на културно наследство.

Наместо конвенционална реставрација, проектот го третира павилјонот како слоевита архитектонска структура обликувана преку низа историски трансформации. Интервенцијата ги реорганизира тие слоеви преку просторна стратегија што нагласува јасност, континуитет и флексибилност, прилагодувајќи го објектот на современите барања за изложби.

Помеѓу зачувување и отстранување
Проектот зазема критички однос кон историските слоеви на зградата, комбинирајќи селективно зачувување со целно отстранување за да се воспостави кохерентен архитектонски идентитет.
Елементи од посебно значење се реставрирани и реинтегрирани, вклучувајќи ги и системите на прозорци оригинално проектирани од Carlo Scarpa, додека Sala Brenno del Giudice е реконфигурирана во нејзината просторна состојба од 1928 година.

Отворите кон терасата свртена кон каналот исто така се повторно воспоставени, со што се зајакната врската помеѓу павилјонот и неговата околина.
Интервенцијата ја реинтерпретира повторната употреба како процес на проектирање што ги организира историските фази на зградата во согласност со современите потреби.

Дискретни интервенции на покривот како нов просторен слој
Новите интервенции ги прошируваат просторните и еколошките капацитети на објектот, задржувајќи воздржан архитектонски израз.
Две кровни структури, инспирирани од традиционалните венецијански летниковци, се воведени над кафетеријата и мултифункционалните простори, создавајќи нови точки на интеракција со пејзажот на Џардини.

Изведени од карбонизирано ламинирано дрво и X-LAM панели, замислени се како лесни и реверзибилни елементи што ја надополнуваат постојната структура.
Проектот ги интегрира архитектонските, конструктивните и еколошките системи во единствена целина, додека техничките инсталации се целосно интегрирани во ѕидовите и кровните конструкции со цел да се зачува просторната чистота на ентериерот.

Новите кровни отвори со фотоволтаично и дифузно стакло обезбедуваат уедначено природно осветлување и придонесуваат за енергетска ефикасност, со можност за природна вентилација и прилагодливо засенчување. Овие стратегии одразуваат фокус на одржливоста, ефикасноста на материјалите и контролата на внатрешната клима.

Авторскиот тим и континуитет на развојот на Биеналето
Обновата ја водел секторот за специјални проекти на Биеналето во Венеција, предводен од архитектот Аријана Лауренци, додека инженерот Кристијано Фрицеле бил задолжен за управување со проектот.
Архитектонското решение е развиено од бирото Labics од Рим под водство на Марија Клаудија Клементе и Франческо Исидори, во соработка со Фабио Фумагаљеми, додека BUROMILAN – Milan Ingegneria бил задолжен за конструкцијата и управувањето со проектот.

Giardini della Biennale, сместено на источниот раб на Венеција, е домаќин на меѓународни изложби уште од 1895 година и вклучува серија национални павилјони во пејзажно уредена средина развиена на почетокот на 19 век според планот на Џано Антонио Селва.
Централниот павилјон, првично изграден помеѓу 1894 и 1895 година како Palazzo Pro Arte, се развивал преку бројни интервенции во текот на 20 век, вклучувајќи придонеси од автори како што се Галилео Чини и Гвидо Чирили.

Рекордна посетеност на Биеналето 2025
Проектот е финансиран од италијанското Министерство за култура преку Националниот план за опоравок и отпорност (PNRR) и неговата придружна Инвестициска програма (PNC), а се со цел уште подобро да придонесе за развој на постојан центар за културна продукција и размена во Венеција.

По повторното отворање, павилјонот ќе биде домаќин на изложбата In Minor Keys, курирана од Koyo Kouoh (1967 – 2025), во рамки на Биеналето на уметност 2026. Изложбата ќе биде отворена за јавноста од 9 мај до 22 ноември 2026 година и ќе претставува прва употреба на реновираните простори.

Централниот павилјон беше затворен за време на Биеналето на архитектурата во Венеција во 2025 година наречено „Интелигенција. Природна. Вештачка. Колективна“, чиј куратор беше италијанскиот архитект Карло Рати и која забележа рекорден број посетители.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија