Истражувачите од германскиот Fraunhofer институт за применети полимерни истражувања, во соработка со проектантската компанија BBF Group, развиле лесни лопатки за ветерни турбини кои овозможуваат ефикасно производство на електрична енергија во подрачјата со слаб ветер. Новиот систем почнува да работи веќе при брзини на ветерот од 2,7 m/s, што е значително под потребниот праг за најголемиот број споредливи решенија.

За разлика од конвенционалните лопатки на ветерни турбини, кои имаат пенасто јадро, новите лопатки кои ги развиле истражувачите од овој институт се изработени налик на шупливи школки од два дела. Калапите за секоја половина се произведуваат со индустриско 3D печатење, додека слоевите од композитните влакна во калапот се поставуваат со автоматизиран систем со висока прецизност. Ваквото проектирање овозможило намалување на масата до 35%, што го прави роторот полесен за задвижување при послaб ветер. Ламинатната структура овозможува роторот да издржи силни ветрови. Тестирањата покажале дека новите турбини почнуваат да генерираат моќност при брзини на ветерот од 2,7m/s, додека за задвижување на слични системи потребна е брзина од околу 4 m/s.

Лопатките се проектирани за мали ветерни турбини кои можат едноставно и флексибилно да се инсталираат, без долготрајни процедури за обезбедување на дозволи. Според зборовите на конструкторите, целта се децентрализирани енергетски системи за домаќинствата, помалите претпријатија и вонредни ситуации, посебно во регионите каде што класичните ветерни турбини не се економски исплатливи. Веќе се испорачани пет прототипови кои се тестираат на различни локации. Следната фаза од развојот вклучува дополнителна оптимизација на роторот и истражување на употребата на наноматеријали кои би овозможиле полесно рециклирање и подобар еколошки баланс.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија