Насловна / Архитектура / Објект на Калатрава носи брановидна стаклена фасада во центарот на Цирих

Објект на Калатрава носи брановидна стаклена фасада во центарот на Цирих

Куќата на соколите или Haus zum Falken, зграда со мешана намена што внесува нов живот во областа околу станицата Stadelhofen во Цирих, неодамна е завршена според проект на прославениот шпански архитект Сантијаго Калатрава.

Сместена на источниот раб на плоштадот Stadelhofer Platz, оваа урбана интервенција ја затвора архитектонската празнина веднаш до историската главна зграда на железничката станица, додека истовремено воведува и нов јавен плоштад, голема подземна гаража за велосипеди и светли внатрешни простори.

Овој проект ја продолжува долгогодишната поврзаност на Калатрава со овој дел од најголемиот град во Швајцарија, започната уште во 1980-тите години кога ја проектирал блиската станица Stadelhofen, за која многумина би рекле дека е еден од неговите најдобри проекти.

„Областа околу Haus zum Falken ми е многу добро позната, бидејќи тука осум години бев вклучен во изградбата на станицата Stadelhofen. После тоа, следеа уште седум станици, кои имав можност да ги проектирам на различни локации“, – се потсеќа архитектот во разговор за Designboom.

Калатрава го опишува Haus zum Falken како „уметнички настан во градот“. Ова е оправдано со фактот дека неговата стаклена фасада се протега низ пет нивоа, со вертикални профили и рефлексии што ја менуваат светлината и впечатокот за движење. Изразената линија на кровот и прекршената геометрија му даваат на објектот присуство што се менува во зависност од времето од денот.

Редефинирање на урбаниот пејзаж

Haus zum Falken го зацврстува источниот крај на плоштадот Stadelhofer Platz, комплетирајќи ја мрежата на поврзани јавни простори што се протегаат од Циришкото Езеро, преку Оперската куќа и плоштадот Sechseläutenplatz. Заедно со зградата Olivenbaum на запад, го врамува историското јадро на железничката станица.

Вовлеченото приземје го формира плоштадот Falkensteg, како отворен јавен простор дефиниран од постојното скалиште во форма на мост, кое ја поврзува станицата со соседството горе.

Еден од најамбициозните делови од проектот се наоѓа под површината, каде што во согласност со иницијативата на градот Цирих за реорганизација на велосипедскиот сообраќај, Калатрава интегрира подземна велосипедска станица.

Трокатна подземна гаража со капацитет од над 800 велосипеди го ослободува просторот на плоштадот од велосипеди паркирани на отворено, враќајќи простор за пешаци и зеленило, објасни Сантијаго Калатрава.

Решен е голем технички предизвик

Изградбата на ваква структура на тесен терен, кој е исто така заситен со вода, претставувала голем технички предизвик, кој пак е решен со комплексен систем на формирање темели и хидроизолација. Сега, овој подземен комплекс е важен дел од одржливата транспортна инфраструктура на Цирих.

Камената база на објектот се надоврзува на традиционални фасади во центарот на Цирих, како што се оние по должината на улицата Bahnhofstrasse. Елегантни камени столбови ги нагласуваат влезовите, додека фасадата на горните нивоа се трансформира во комбинација од стакло и метал.

Внатре, четирикатен атриум и скулптурални скали го формираат просторниот центар на зградата, создавајќи флуиден внатрешен волумен. Горните катови се проектирани како отворени, слободни простори без столбови наменети за изнајмување, а прилагодливи за различни намени.

Големите стаклени површини го врамуваат погледот кон шеталиштето и градот, додека ритамот на фасадата обезбедува чувство на приватност од внатре.

Зградата ги исполнува строгите еколошки стандарди, а исто така има и LEED Gold сертификат и ги надминува барањата на Minergie-P. Така, фотоволтаичниот кров произведува енергија на лице место, а обвивката на зградата е оптимизирана за термичка и акустична удобност.

Дури и со присуството на трамваи и возови на само неколку метри оддалеченост, постигнато е внатрешниот простор да остане тивок. Топлите дрвени тонови и златни детаљи во фоајето со двојна висина го одразуваат ритамот на надворешната фасада, создавајќи гостопримлив, светол простор кој ги пречекува посетителите.

Испрати коментар

Scroll To Top