Насловна / Вести / ИНФОРМАТОР за сегашните и идни студентите на Градежен факултет, Скопје

ИНФОРМАТОР за сегашните и идни студентите на Градежен факултет, Скопје

За сите сегашни, но и идни студенти: Ако сте се запрашале како изгледа структурата на факултетот, што се учи, кои се правата на студентите, нивните обврски, за останатите активности, тогаш прочитајте ги подолните редови, извадоци  од краткиот студентски информатор на Градежен факултет, Скопје.

ОРГАНИЗАЦИОНА СТРУКТУРА НА ФАКУЛТЕТОТ

Катедрите се основни внатрешни организациони единици на факултетот. Во моментов на Градежниот факултет функционираат 14 катедри, кои заради поврзување на научните области, насочување и усогласување на наставно-образовната и со неа поврзаната научно-истражувачка дејност, се организирани во 5 оддели:

I. Оддел за анализа на конструкции и земјотресно инженерство
1/ Катедра за механика и материјали
2/ Катедра за теорија на конструкции и компјутерска анализа

II. Оддел за конструкции
3/Катедра за бетонски и дрвени конструкции
4/ Катедра за метални конструкции

III. Оддел за хидротехника и организација на градбата
5/ Катедра за хидраулика, хидрологија и уредување на водотеци
6/ Катедра за водоснабдување, канализација и мелиорации
7/ Катедра за хидротехнички објекти
8/ Катедра за организација, технологија и менаџмент во
градежништвото

IV. Оддел за геотехника, патишта и железници
9/ Катедра за патишта
10/ Катедра за железници
11/ Катедра за геотехника
V. Оддел за геодезија и математика
12/ Катедра за геодезија
13/ Катедра за виша геодезија
14/ Катедра за математика и информатика

ПРАВА И ОБВРСКИ НА СТУДЕНТИТЕ

Статусот студент се стекнува со запишувањето на прв, втор и трет циклус на студии на Универзитет, а со тоа, тој станува и член на академската заедница. Правата и обврските на студентот се утврдени со Законот за високото образование, Статутот на Универзитетот и општите акти на Факултетот.

Студентот има право на:

  • квалитетни студии и образовен процес;
  • слободно искажување на мислења и ставови во текот на наставата;
  • право на изјаснување за квалитетот на наставата и наставниците;
  • редовно студирање со статус редовен студент;
  • редовно да напредува, да се образува и да ги заврши студиските програми утврдени при запишувањето;
  • запишување и образование под еднакви услови утврдени со Законот, Статутот и студиската програма;
  • учество во управувањето;
  • заштита на своите права и должности;
  • заштита на личноста и на достоинството.

Студентот има право да:

  • студира истовремено на повеќе студиски програми;
  • ги продолжи студиите на друга високообразовна установа;
  • ги стави студиите во мирување;
  • ги користи библиотеката, просторот и опремата на Универзитетот;
  • учествува во научно-истражувачката и стручната дејност;
  • избира и може да биде избран;
  • користи услуги на студентскиот стандард (сместување, исхрана, здравствена заштита и друго);
  • ги користи универзитетските објекти за спортска и културна дејност;
  • преминува од една на друга високообразовна установа;
  • учествува во работата на студентските организации;
  • ги продолжи студиите што ги прекинал;
  • користи распуст не помалку од 60 дена во рамките на една календарска година;
  • добива државни или други стипендии;
  • остварува соработка со студентите во земјата и во странство

Студентот има обврска да:

  • ги исполнува задачите пропишани во студиските програми;
  • ги почитува одредбите утврдени со Законот, Статутот и Правилникот на единицата;
  • да се придржува кон решенијата и одлуките на органите на управување;
  • да ги почитува авторските права на авторите на учебниците, монографиите и учебните помагала;
  • да дејствува во согласност со студентскиот етички кодекс;
  • ги почитува правилата за дисциплина.

Правата на студентите ги штити студентскиот право-бранител, чија организација, надлежност и начин и услови за работа се определени со актите на Универзитетот.

ОРГАНИЗИРАЊЕ НА СТУДЕНТИТЕ И УЧЕСТВО НА СТУДЕНТИТЕ ВО УПРАВУВАЊЕТО

Факултетското студентско собрание е тело на факултетот во кое членуваат претставници на студентите. Претставниците во факултетското студентско собрание се избираат на непосредни, фер и демократски избори со тајно гласање. Право да избираат и да бидат избрани за членови на факултетското студентско собрание имаат сите студенти на факултетот, кои се запишани на студии во учебната година во која се избира факултетското студентско собрание.
Студентското собрание на факултетот им овозможуваат на студентите остварување на заедничките интереси како партнери во процесот на високото образование. Студентите учествуваат во органите на управување со високообразовните установи преку свои претставници.

ИСПИТНИ СЕСИИ

Проверката на стекнатите знаења се врши континуирано, во текот на семестарот, како и за време на трите испитни сесии. Студентот има право да ги полага предметите во рамките на
есенскиот, зимскиот и летниот испитен рок. Периодот и траењето на сесиите се определуваат со Календарот за активностите и неработни денови на Факултетот, за секоја учебна година, а со Студентскиот календар распоредот на термините за полагање на испитите, за секоја испитна сесија. Студентот, кој во 3-те испитни рока нема да го положи испитот, истиот предмет го презапишува во наредната учебна година во соодветниот семестар.

Пријавувањето на испитите се врши електронски, преку системот за евиденција на студентите iknow, како и со пријава во хартиена форма преку Студентската служба на факултетот.
Термините за заверка на семестар и за пријавување на испитите се дадени во годишниот календар на активности. Во периодот 20.12-30.12 се врши електронско пријавување на испити за зимскиот испитен рок.

НЕКОЛКУ СОВЕТИ:

Учи паметно – не напорно!
Стекнувај нови пријателства!
Биди организиран и дисциплиниран!
Инвестирај во материјали за учење и студирање!
Продолжи да ги развиваш своите вештини!
УЖИВАЈ ВО СТУДИРАЊЕТО!

СТУДИСКИ ПРОГРАМИ И ОРГАНИЗАЦИЈА НА НАСТАВАТА

Градежниот факултет е високообразовна установа, единица во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Факултетот врши високообразовна дејност од прв, втор и трет циклус на студии.
Едукацијата на студентите на првиот циклус на студии се врши на три акредитирани студиски програми од областите на:

  • Градежништво
  • Геодезија
  • Геотехничко инженерство

Студиските програми на прв циклус на студии (додипломски студии) се со траење од 3 години. Секоја академска година се состои од два семестри:

ЗИМСКИ (01. октомври-14. јануари)
ЛЕТЕН (15. февруари-27. мај)

Запишувањето на нов и заверката на прослушаниот семестар се врши електронски, преку системот за евиденција на студентите iknow, како и во индекс преку Студентската служба на факултетот.  Редовните студенти се должни да ги посетуваат, односно да ги извршуваат сите облици на настава утврдени со предметната програма, за што може да се добијат соодветен број поени.

Студиските програми се вреднуваат со кредити според ЕКТС. Секоја студиска година на студиската програма содржи 60 кредити. „Кредит“ е квантитативна мерка за изразување на обемот на учењето врз основа на обемот на работата која студентот во просек ја врши, односно оптоварувањето на студентот во кое се сметаат предавањата, семинарите, вежбите, другите облици на организирана студиска работа и самостојно учење со цел да ги постигне очекуваните резултати од процесот на учење. Кредитот му се доделува на студентот и се регистрира во неговото досие кога ќе ја исполни студиската обврска. Еден кредит одговара на оптовареност од 25-30 работни часа. Конечната оценка се изразува квантитативно од 5 (пет) до 10 (десет). Оцената 5 (пет) означува недоволен успех, и студентот треба да го полага испитот повторно.

 

Испрати коментар

Scroll To Top