Јелисавета Начиќ е родена во Белград на 31 декември во 1878 година, како тринаесетто дете во угледно и богато трговско семејство. Поради туберкулоза, само три деца од семејството доживеале полнолетство. Начиќ е првата жена што се запишала на Техничкиот факултет на Универзитетот во Белград во 1896 година. За рекордно време, за четири години, дипломирала и станала првата жена архитект во Србија.

Арх. Јелисавета Начиќ
Бидејќи била ќерка на богат трговец, Михаило Начиќ, ја имала поддршката од нејзиното семејство да излезе од наметнатите норми, за она што во тоа време се очекувало од една жена. Таа, исто така, заслужува признание затоа што овозможила многу полесен пат за меѓувоената генерација женски архитекти, како што се Милица Крстиќ и Ангелина Нешиќ.
Ибрајтер Газибара ја опишува Јелисавета Начиќ како чудо пред сè поради нејзиниот, како што вели, извонреден талент. „Во архитектурата таа проектирала во духот на академизмот, со елементи на тогашната сецесија“, смета Ибрејтер Газибара.
1896 година на Универзитетот бил отворен и Одделот за архитектура, а Јелисавета Начиќ припаѓа на првата генерација архитекти кои дипломирале на Универзитетот во Белград во 1900 година. Како млад архитект за првпат била именувана за цртач во Министерството за градежништво во 1902 година во Белград, што било голем успех, бидејќи државна служба можеле да добијат само мажи, односно само оние кои служеле војска. По полагањето на државниот испит, ја добила функцијата архитект во Општина Белград. Така, целата активност во тие 16 години до Првата Светска војна била поврзана со Белград.
Јелисавета Начиќ била еден од позначајните архитект на Белград, што се гледа од обемот и од важноста на делата што ги работела. Нејзиниот тогашен шеф, архитектот Димитрије Леко (кој е добитник на Првата награда на конкурсот за урбанистичко уредување на Скопје), еден од првите критичари на архитектурата и урбанизмот во Белград, ѝ доверил предизвикувачки задачи, како што се проектите на малите скали и уредувањето на големиот Калемегдан во 1903 година, ова е првото дело на Начиќ.
Паралелно, таа работела и на проектот на монументалните скали во оската на улица „Савска“ на големиот Калемегдан, изработени од делкан камен, обликувани во стил на барок кои и денес го красат Калемегдан.

Скали на Калемегдан во Белград
Нова задача на која работела Јелисавета Начиќ била да го изработи и спроведе проектот за урбан развој на Теразије, и денес, сè уште јадрото на Белград. Најуспешниот и најважниот проект на Начиќ е зградата на Основното училиште во близина на Катедралната црква (денес го носи името „Браќа Рибар“).

План на зградата во дворот на улица „Бирчанинова“ бр. 13, во Белград

План на зградата „Арса Дреновац“ на аголот на улиците „Косовска“ и „Кондина“, 1907 година, во Белград
Училиштето претставува мошне успешна урбана композиција со модернизирани карактеристики на ренесанса, што го направила под влијание на нејзиниот професор Драгутин Илијевиќ. Зграда со светложолта фасада, со издолжени прозорци, ја разубавува улицата „Крал Петар“ во старото јадро на Дорќол.
Архитектонско наследство на Јелисавета Начиќ е проектот на Основното училиште (Крал Петар Први) во близина на Соборниот храм, исто така во центарот на Белград.

Основно училиште (Крал Петар Први), во Белград
По ова, таа изработила проект за црквата „Александар Невски“ на улицата „Душанова“, но изградбата била прекината за време на војната и црквата била завршена по Првата светска војна. Во 1911 година, општинската администрација на Белград донела одлука да изгради модерни хигиенски станови за своите работници и за овој проект е ангажирана Начиќ. Зградите се изградени во 1911 година на новопроширената улица „Радничка“. Вреди да се напомене дека ова се првите хигиенски работнички станови на Балканот.

Црквата „Александар Невски“, на Дорќол, во Белград
Првата колективна зграда за домување на работници на Балканот ја проектирала Начиќ. Блокот работнички станови наменети за работниците од општинската служба на Општина Белград се наоѓа помеѓу улиците „Венизелосова“, „Комнен Барјактар“, „Капетан Миша“ и „Херцег Стјепан“. Објектот се состои од два реда двокатни згради, изградени во различно време. Првиот блок е изграден во 1910 и 1911 година, а втората серија згради, проектирани од општинскиот техничар Балаш, била завршена во 1924 година. Овој комплекс постои и денес и е прогласен за културно наследство.

Работнички станови на денешната улица „Венизелосова“ во Белград

Улична фасада на работнички станбен комплекс во Белград
Покрај многу големите активности во општинските работи, Начиќ изработила низа проекти за приватни згради, од кои некои постојат и денес, како што е куќата на „Господар Јован“ 45а, изградена во 1904 година во класичен стил.
Првата светска војна ја прекина плодната активност на Јелисавета Начиќ. Како голем патриот, непријателите ја испратиле во логор во Унгарија. Меѓутоа, престојот во логорот ѝ донел на Јелисавета и нешто што ѝ го разубавило животот: таму го запознала нејзиниот иден сопруг, албанскиот поет и професор Лука Лукај, автор на првиот српско-албански речник.
Со сопругот и ќерката заминала во Скадар, Албанија, а потоа нивен постојан дом станала зграда во близина на Катедралата на Страдун во Дубровник, Хрватска. За жал, таа повеќе не се занимавала со архитектура, во која постигнала неверојатен успех и оставила огромен белег и го обоила Белград во периодот пред Првата светска војна.
Откако семејството во 1919 година било протерано и во 1923 година се населило во Дубровник, Јелисавета Начиќ таму останала до крајот на животот, но никогаш не ѝ се вратила на архитектурата.
Јелисавета Начиќ напишала барање до Народното собрание на ФНРЈ да ѝ се додели пензија, но комунистичките власти не ѝ доделиле пензија за време на нејзиниот живот, ниту пак одговориле на барањето.
Кон крајот на април 1955 година, ненадејно ѝ се слошило и починала 6 јуни 1955 година на 77-годишна возраст во нејзиниот стан во Дубровник. Дури по нејзината смрт, Националното собрание на ФНРЈ доставило одговор со кој се одбива нејзиното барање за пензија. Погребана е на Бониново, на старите дубровнички гробишта, во гроб на нејзини пријатели, без обележја. Јелисавета Начиќ починала сиромашна и заборавена, а била одличен архитект и голем патриот, оставајќи зад себе бројни белградски згради, од кои некои постојат и денес.

Мурал посветен на Јелисавета Начиќ на зграда во Дорќол, Белград
Слободно можеме да кажеме дека Јелисавета Начиќ беше жена револуционерка во секоја смисла на зборот. Таа им го отвори патот на идните жени архитекти, со својата смелост, упорност да ги разбие предрасудите, со својата борбеност ги помести границите на паланечкиот начин на размислување и беше прва по многу нешта. За возврат, таа беше избришана од меморијата, исфрлена од културата и од историјата, иако на секој чекор можеа да се видат објекти од нејзиниот богат опус. Нејзините проекти сè уште сведочат за нејзиниот талент и визија, а во 2004 година една белградска улица го доби нејзиното име, како почит и траен спомен на нејзината исклучителна кариера која никогаш нема да биде заборавена.
Автор: Проф. д-р Мумен АБУАРКУБ, дипл. инж. арх.

Улица „Јелисавета Начиќ“ во Белград

Надгробен споменик на Јелисавета Начиќ на гробиштата во Дубровник, Хрватска
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија