Во светот на дизајнот на ентериери, постојано се трага по парчиња мебел кои се и функционални и естетски впечатливи. Се трага по оние што раскажуваат приказна, внесуваат карактер во просторот и траат со децении без да ја изгубат својата модерност. Ваквите производи ретко излегуваат од мода, а уште поретко стануваат симболи на само една ера, тие се вечни. Едно такво исклучително парче е култната столица Cesca, ремек-дело на модернистичкиот дизајн што комбинира индустриска елеганција и безвременска функционалност.

Секако дека приказната за столицата Сеѕса не може да се раскаже без да се спомене нејзиниот творец, Марсел Броер, архитект и дизајнер кој својата инспирација ја наоѓал во секојдневните предмети. Инспириран од принципите на Баухаус и револуционерните иновации во материјалите, неговиот едноставен, но извонреден дизајн, одекнува исто толку, колку и пред скоро 100 години.

На 23-годишна возраст, додека сè уште бил момче со многу идеали, Броер научил да вози велосипед и бил фасциниран од едноставната, но технолошки софистицирана конструкција на ова превозно средство. Тој бил особено импресиониран од начинот на кој цевките се виткале – како макарони, без заварување – што му дало идеја за можностада се примени истиот принцип во дизајнот на мебел.

Првиот плод на оваа инспирација била славната Wassily столица, во која Броер споил индустриски материјал, хромирани челични цевки, со геометриските принципи на авангардните уметнички движења од тоа време. Иако иновативна, столицата Wassily сè уште во потполност не го изразувала сиот потенцијал на материјалот, па затоа Броер продолжи да експериментира.

Така, во 1928 година, била создадена столицата, кој првично ја нарекол едноставно Б32. Тоа било радикална новост во тоа време. Столица без задни ногарки, потпрена на конструкција направена од свиткани челични цевки во едно парче, со испреплетено седиште и потпирач за грб направени од трска или ткаенина. Дури подоцна оваа столицата го добила името Сеѕса, по ќерката на Броер, Франческа (Francescа), со што добила личен и емотивен тон, но и препознатливост меѓу поширок круг корисници и дизајнери.

„Веќе го имав концептот за покривање на седиштето со ткаенина која е затегната, како замена за дебел тапацир. Исто така, сакав рамка што ќе биде еластична и отпорна со која ќе се постигне транспарентност на формите за да се постигне и визуелна и физичка леснотија“, го коментирал Броер развојот на својот дизајн. „Масовното производство и стандардизацијата веќе ме заинтересираа за полиран метал, за сјајни и беспрекорни линии во просторот како нови компоненти за нашите ентериери. Ги сметав таквите полирани и закривени линии не само за симбол на нашата модерна технологија, туку всушност и за самата технологија.“

Денес, оригиналната столица Cesca е достапна преку реномираната дизајнерска куќа Knoll, која ги поседува правата за производство на делата на Броер. Knoll е глобално признато име во светот на модерниот мебел, познат по соработката со големи имиња. Нивната верзија на столица Cesca е изработена според највисоките стандарди за квалитет, задржувајќи ги автентичните материјали и пропорции, што ја прави трајна инвестиција во добар дизајн.

Откривањето на употребата на материјалите и едноставната форма столицата ја направиле меѓународна сензација – ништо слично не постоело во тоа време. „Броер едноставно го промени текот на развитокот на мебелот од 20 век“, коментирал Џ. Стјуард Џонсон, кустос на Одделот за архитектура и дизајн во МоМА, во пресрет на изложбата „Марсел Броер: Мебел и ентериери“ што се одржала во 1981 година. „Тој е пресуден. Тој започна сè и овозможи сè да се случи.“

Речиси 100 години подоцна, столицата Cesca останува икона на модерното движење во својата фузија на структура и орнаментот. Нејзиниот дизајн – дефиниран со едноставна конзолна форма, како и графички спој на индустриски и природни материјали – исто така без никаков напор се покажува како современ како што минуваат децениите. Денес, Knoll со задоволство ја нуди столицата Cesca во опции со различен тапацир, како и во висини за шанк и пулт.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија