Во срцето на Шаржа, ОАЕ, никнува нов симбол на урбаната еволуција – Khalid Bin Sultan City, чиј мастер план го презентираше Zaha Hadid Architects. Проектот означува продолжување на долгогодишната соработка со BEEAH Group, која му го довери на бирото проектирањето на својата футуристичка централа уште во 2013 година. Таа зграда, инспирирана од пустинските дини и проектирана за нулта емисии, завршена е во 2022 година и постави нови стандарди за одржлива архитектура, носејќи го престижниот LEED Platinum сертификат.
Новата визија на Zaha Hadid Architects сега се протега на цел урбан пејзаж. Khalid Bin Sultan City опфаќа 1,5 километри, долг простор, во чиј центар се наоѓа зелена оска долга два километри – променада под сенка што го претставува срцето на градот.

Овој проект е првиот исчекор на BEEAH во доменот на недвижностите и ја носи нивната еколошка филозофија во форма на паметен град. Планирани се системи, благодарение на кои градот нема да има отпад, а предвидена е и инфраструктура подготвена за нет-зеро емисии на гасови, со користење на вештачка интелигенција за оптимизирање на урбаниот живот.

Khalid Bin Sultan City е замислен како заедница фокусирана на климата и благосостојбата на жителите. Градот се состои од седум пешачки квартови, јавни плоштади и културно – деловна зона.
Мастер планот му оддава почит на покојниот Шеик Khalid bin Sultanu Al Qasimi, архитект и урбанист кој го обликувал идентитетот на современа Шаржа. Неговата визија сега продолжува преку простор во кој коегзистираат луѓето, природата и технологијата.

Градот го красат наткриени колонади, вовлечени фасади и патеки со дрвореди прилагодени на климатските услови на пустината.
Централен парк, како линеарна оаза, се протега по целата должина на главната оска, со патеки за трчање, градини со скулптури и зони за релаксација. Проектиран е да ја намали температурата на тлото и да поттикне користење на надворешните простори во текот на целата година.

Секој станбен блок е организиран околу главен плоштад, оддалечен на пет минути пешачење, нудејќи им на жителите простор за дружење и секојдневни активности.
Понудата ќе вклучува 1.500 станбени единици, вклучувајќи вили, градски куќи и станови. Покрај станбената зона, планирана е и креативно-деловна зона, која ќе придонесе за развој на културната економија.
Khalid Bin Sultan City претставува една од првите урбани целини во ОАЕ што е подготвена за нет-зеро емисии на гасови. Опремена е со паметна инфраструктура што користи обновливи извори на енергија, системи за рециклирање на вода и услуги управувани од вештачка интелигенција.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија