Насловна / Архитектура / Музеј за 21 век

Музеј за 21 век

Зградата на Народниот музеј во Белград е сè, само не обична зграда. Пред повеќе од сто години изградена како банка на местото на познатата белградска кафеана, во Втората светска војна многу оштетена, неколку пати реконструирана, денес е затворена за јавност без постојани уметнички поставки. Во својата историја памети славни денови како голема банка и најзначајна музејска институција на Југославија. 

Во иднина гледа со големи очекувања од најавуваната целокупна реконструкција.

Ако некој од вас деновиве престојува во Белград и сака да го посети Народниот музеј, и да ја види неговата постојана поставка, би бил непријатно изненаден бидејќи Народниот музеј е затворен за посетители. Честа е практиката музеите што се наоѓаат во постари зданија да се затвораат заради реконструкции, но ретка е практиката најважната културна институција во една земја да биде затворена многу години. Неодамна е поставено скеле на предната фасада заради работи на чистење на фасадата.

muzej-za-21vi-vek-1.jpg

Народниот музеј во Белград званично ја затвори својата врата за јавноста на 1 јуни во годината кога почна инвазијата на Ирак, кога фудбалскиот клуб Милан стана по шести пат првак на Европа, кога Арнолд Шварценегер беше избран за гувернер на Калифорнија, и кога Кина го лансираше првиот вселенски брод со екипаж "Шензоу 5". Во прашање е далечната 2003 година, кога е одлучено заради лошата состојба во која се наоѓа музејот да биде затворен за јавност. Повремено, само атриумот на музејот се отвора за културни манифастации како ГитарАрт фестивал или ретки изложби. Приказната за зградата на Народниот музеј во Белград во многу нешта потсеќа на приказната за земјата каде што се наоѓа тој музеј. Зградата Народен музеј во Белград е изградена за други потреби, во текот на својата историја е проширувана и доградувана, трпела големи промени во функцијата, големи војни оштетувања, нејзиниот изглед е менуван, на неа се наоѓале идеолошки пароли, а денес е затворена и ја чека долго најавуваната реконструкција според победничкиот проект на меѓународниот архитектонски конкурс од 2010 година.

muzej-za-21vi-vek-2.jpg

Точно сто години пред да биде затворена зградата на Народниот музеј заради реконструкција која допрва треба да почне, далечната 1903 година, на местото на некогашната кафеана "Дарданели", е изградена зграда на Управата на фондови, најстарата српска банка, основана во 1862 година. Управата на фондови е изградена после архитектонскиот конкурс, по проект на српските архитекти Андре Стевановиќ (1859- 1929) и Никола Несторовиќ (1868-1957). Со тој проект тие започнале повеќегодишна успешна соработка, дополнувајќи се меѓусебно. Останало запишано дека архитектот Стевановиќ, како постар и поискусен архитект, бил задолжен за решавање на конструктивните проблеми, додека архитектот Несторовиќ бил повеќе сконцентриран на архитектонско и естетско обликување. Фасадните и внатрешните декорации ги извеле познати уметници од тоа време, како Андрија Доменико, Фрања Валдман и Бора Ковачевиќ.

 

Зградата е проектирана во стилот на неоренесанса со изразена симетрија и со трипартитна поделба на главното чело. Нејзината монументалност, покрај стилските елементи, е посебно нагласена со средишната купола. Иако во непосредна близина се наоѓаат многу поголеми згради, палатата Риунионе и монументалната градба на Народно позориште, зградата на Народниот музеј зазема доминантно и неприкосновено место на главниот белградски плоштад – Плоштад на републиката.

 

Првите промени на зградата се забележани во 1930 година, кога по проект на архитектот Војин Петровиќ е додадено крило на зградата спрема улицата Лазе Пачуа, па според потребите на банката, зградата е скоро дуплирана. Тоа проширување стилски потполно се вклопило во постоечкиот изглед на зградата, така што денес, гледајќи ја фасадата, невозможно е да се види разликата помеѓу стариот и новиот дел.

muzej-za-21vi-vek-3.jpg

За време бомбардирањето на Белград во Втората светска војна, зградата била многу оштетена, но во годините после војната брзо е обновена, без обнова на средишната купола каде што стоела ѕвезда и натпис "да живее Тито". Се до 1952 година зградата е користена како банка, кога во неа се населила постојаната поставка на Народниот музеј. Бидејќи просторот на банката бил неадекватен за изложбен простор, била потребна уште една реконструкција. Помеѓу 1964 и 1966 година доаѓа до реконструкција според проектот на архитектите Александар Дерок и Петар Анагности. За уредувањето на ентериерот бил задолжен архитектот Зоран Петровиќ. Со тоа изложбените сали од првиот и вториот кат се поврзани по принципот континуирано разгледување, а расфрланиот административен простот е групиран во надѕиданиот средишен тракт. Вратена е и централната купола која доминира на предната фасада, и е реконструиран саатот со орел под истата купола.

 

Реконструкцијата од 1966 година е значајна заради дефинирањето на изложбениот простор низ континуирано поврзаните простории, групирањето на административната функција на зградата и изградбата на големата изложбена сала на вториот кат над некогашната сала со шалтери. Салата на вториот кат е посебно зајакната затоа што било планирано во неа да бидат изложени скулптури. Скулптурите, додека музејот беше отворен, беа сместени долж изложбениот простор, а салата се користела за привремени изложби. Денес во неа се наоѓа депо со сандаци каде се сместени уметнички дела кои се изложуваат на изложби во земјата и странство. Сè додека музејот беше отворен, работеше и бифе кое се наоѓаше на вториот кат, а беше изградено со реконструкцијата од 1966 година.

 

Благодарејќи на несериозниот пристап на надлежните служби, како и на построгите стандарди во областа на превентивната заштита на уметничките дела, зградата на Народниот музеј доживува тотална деградација последниве неколку децении, за конечно да биде затворена за постојана поставка на 1 јуни 2003 година. Се проценува дека Народниот музеј има околу 400.000 експонати, од кои околу 15.000 слики, меѓу кои се дела од Рубенс, Тинторето, Матис, Сегал, Пикасо, Моне, Пусен, Рембрант и голем број домашни сликари. Седум години откако е затворен музејот, се распиша јавен анонимен двостепен архитектонски конкурс на кој пристигнаа 62 трудови. Како најдобро решение е избран трудот на архитектонскиот тим од "Проаспет студио" на професорот Владимир Лојаница.

muzej-za-21vi-vek-4.jpg

Според зборовите на жирито што го награди трудот на професор Лојаница, победничкото решение е "труд кој е најдобро приспособен на современиот сензибилитет и кој понуди оптимална рамнотежа помеѓу атрактивниот просторен концепт и структуралната функционалност на објектот …" Проектот предвидува реорганизација на внатрешниот простор, продор на зениталното светло преку стаклен покрив, со што се подобрува доживувањето во внатрешниот простор. За разлика од сегашната состојба, после реконструкцијата на музејот, централниот кубус ќе биде видлив и од внатрешноста на зградата и со тоа на некој начин ќе стане и дел од ентериерот на самиот музеј. Проектот дава посебно внимание на централните скали, кои претставуваат најважна централна оска за движење на посетителите. Покрај големите промени во диспозијата на внатрешниот простор, надворешниот изглед на Народниот музеј не трпи никакви промени. Стаклениот дел на кровот, заради својата положба, нема да биде лесно воочлив за минувачите, и со самото тоа нема да ја наруши сликата на музејот што денес постои. За сегашната состојба на музејот, за "Порта3" зборува архитектот Зоран Јовановиќ, вработен во Народниот музеј: – Реконструкцијата од 1966 година беше многу значајна за музејот од повеќе причини. Таа година е формиран Центарот за конзервација на третиот кат, додека депоата со уметничките дела беа сместени во подрумот, што не беше случај дотогаш. Покај ова, вратен е централниот кубус според проектот на архитект Анагности, кој на основа на старите фотографии направил армирано-бетонска конструкција автентична со предвојниот облик на кубусот. Со тоа зградата на музејот го добила изгледот што го имала пред војните уништувања. Дури после 2000 година сериозно се планира неопходната реконструкција на музејот, која ќе ги опфати функционалните и естетските измени. Моменталната состојба е многу лоша, загрозено е културното наследство кое се наоѓа овде. Од 1966 година помина многу долго време, инсталациите се стари и несоодветни за изложбениот простор. Нашиот најголем проблем е што немаме микроклиматски контролирани услови каде што се сместени уметничките дела, првенствено затоа што ова била банка, а банката никогаш немала потреба за контрола на микроклиматските услови какви ние имаме денес. Банката имала одредени системи за вентилација на трезорите, што веќе триесет години не се во функција и никогаш не беа доволни за безбедно чување на уметничките дела, како слики и предмети кои овде се наоѓаат.

muzej-za-21vi-vek-5.jpg

Со новата реконструкција, чија техничка докуметација моментално се работи, е планирано да ги решиме најважните просторни и микроклиматски проблеми. Положбата на зградата и нејзината конструкција се такви што не е возможно да се прошири надвор од четири ѕида, во висина не е можно многу да се оди, како ни во длабина под зградата. Потребно е да се обезбеди најдобар можен баланс помеѓу просториите со комори што ја регулираат микроклимата и просторијата на изложбениот простор. Изложбениот простор претставува најголем предизвик за микроклиматската регулација, затоа што за разлика од депоата каде престојуваат помал број луѓе, во изложбениот простор е предвидено престојување на поголем број луѓе, па со самото тоа е потребно многу повеќе внимание за регулација на температурата и влагата. Ние имаме уште еден проблем врзан за функцијата на зградата, за разлика од останатите музеи кои се наоѓаат во згради од почетокот на 20 век, оваа зграда е проектирана за банка и нема влез за камиони во дворот на зградата, кои служат за транспорт на експонатите. Со проектот за реконструкција ќе бидат решени повеќето проблеми што ги имаме сега, затоа што проектот ја исполни конкурсната задача. За жал, зградата што е проектирана за една функција, а се користи за сосема поинаква, дури и со најдобите решенија кои се возможни во денешно време, ќе има одредени недостатоци.

 

Посматрајќи ја зградата на Народниот музеј, може да се забележи дека е во многу лоша состојба и дека ѝ е повеќе од потребна темелна реконструкција и санација. Покрај загрозените национални уметнички дела, е загрозено и функционирањето на зградата и вработените во неа. На повисоките катови видливи се местата каде продира влагата, навлажнетите ѕидови на работните простории и ходници. Фасадите во дворот на зградата се трошни, малтерот опаѓа, а олуците и лимаријате се `рѓосани.

 

Зградата на Народниот музеј во Белград чека некои подобри времиња, кои сепак се наѕираат. Покрај обновата на предната фасада што е во тек, се очекува да почне и целокупната реконструкција, после која Народниот музеј во Белград ќе биде модерна музејска установа на 21 век. Нејзините неизбежни недостатоци, кои секогаш ќе ги има некогашната банка, ќе сведочат за бурните времиња и интересната историја на една од најважните и најубавите белградски згради.

 

м-р Ѓорѓе ЈокиЌ, дипл.инж.арх.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top