Насловна / Архитектура / Круна за кинески архитект

Круна за кинески архитект

Кинескиот архитект Ванг Шу е лауреат на Прицкеровата награда за архитектура за 2012 година, и тој е прв архитект од Кина кој ја добива оваа престижна награда. Кинескиот архитект Ванг Шу, чии архитектонски форми се осврт кон минатото преку употреба на традиционални и рециклирани материјали, е награден со Прицкерова награда за архитектура за 2012 година.
Како прв архитект од Кина, кој ја добива оваа награда, овогодишниот лауреат ја прекина долгата листа на имиња на познати американски и европски архитекти, кои речиси ексклузивно се почестени од ова признание. Ванг се опишува себеси како локален архитект, кој досега дизајнирал објекти единствено во Кина. За осумте члена на жирито на Прицкеровата награда, архитектурата на Ванг е носител на кинеската традиција, и се истакнува како свежа алтернатива во рапидната експанзија на кинеските градови. Како и португалскиот архитект Едуардо Сото де Мора, кој минатата година ја доби наградата Прицкер, во својот дизајн тој комбинира силен формален јазик со акцентирање на градежништво со регионален карактер.
arhitekt-kina.jpg
СТУДИО АMATEUR

По завршувањето на своите студии на Техничкиот институт во Нанжинг и дизајнирање на мал студентски центар, Ванг речиси цела деценија работи заедно со градежни тимови на изведба на објекти, запознавајќи се притоа со естетскиот, но и структуралниот потенцијал на различните материјали.

Со својата сопруга Лу Вени, во 1997 година ја основале својата фирма "Amateur Architecture Studio" во Хангџоу, чие име е одраз на нивниот интерес за богатата традиција на Кина, за локалната архитектура изградена од анонимни градители. Според Ванг, името на нивната фирма треба да го потенцира спонтаното и експериментирањето во архитектурата. Асемблажот од тула, камен или керамички плочки, кои се преземени од стари разурнати објекти, во нивните архитектонски форми се современи и недопрени од сентиментално толкување на минатото.
arhitekt-kina-2.jpg
Овој дизајн, со препознатлив индустриски квалитет и невообичаени аголни форми, во голема мера е одраз на неговата пасија кон калиграфијата. Линиите на Ванг ја рефлектираат слободата на потези на четка и тензијата помеѓу кинеските калиграфски карактери.

Два од проектите на Ванг се лоцирани во крајбрежниот град Нингбо: Музејот на современа уметност и Историскиот музеј, изградени во периодот 2005 – 2008 година. Во проектот за Историскиот музеј, кој го добива на интернационален конкурс, Ванг бил инспириран од некогашниот живот на ова пристаниште.
arhitekt-kina-3.jpg
Собирајќи употребен материјал од околината за изведба на музејот, тој буди сеќавање на минатото, а според неговата функционалност тој станува самиот за себе – мал град. Како најфаворизиран од жирито на Прицкеровата награда, овој објект е "урбана икона, добро избалансирана база за историја и сценарио во кое посетителот е ставен на прво место. Оваа зграда обединува сила, прагматизам и емоција во едно", се вели во официјалниот цитат на жирито.

Во дизајнот за кампусот на кинеската Академија за уметност во Хангџоу, архитектот повторно реупотребува локални материјали, покривајќи ги објектите на кампусот со повеќе од два милиони плочи од разурнати традиционални кинески куќи. Занаетчискиот аспект на неговите проекти е значаен за него, пред сè заради контрастот со архитектурата што во денешно време, според него, станува професионализирана и бездушна. Со овој проект, Ванг успешно работи на повеќе нивоа: кампусот функционира како мал град чии внатрешно-надворешни врски остваруваат убав амбиент за живеење, а воедно има интимен карактер, како што тоа е случајот со малата галерија и павилјони, вметнати во историскиот центар на Хангџоу.

Артистичкиот пристап кон архитектурата Ванг го споредува со креирање на кинеска градина, која всушност не може да биде дизајнирана. Овој концепт дава можност за флексибилност, импровизација и решавање на непредвидливи проблеми. Тој го внесува овој сензибилитет во проектот за универзитетската библиотека во Сежу, која е изградена во 2000 година, и за која ја добива наградата за архитектура и уметност на Кина во 2004 година.

За објектот на библиотеката, кој е наречен Венеција на Истокот, архитектот бил инспириран од околината и традицијата на градот, што е познат по своите градини. За да не ја наруши природната околина и традицијата на овој град за изградба на структури помеѓу водните токови, дел од објектот е изграден под земја. Во периодот 2003 – 2006 година, се изведени нивните проекти за станбена вертикална кула во Хангџоу, Куќа од керамика во Џинхуа, и Пет куќи во Нингбо. Со свои привремени инсталации, студиото учествува на Биеналето на архитектура во Венеција во 2006 и 2010 година.

СОВРЕМЕНА КИНЕСКА ТРАДИЦИЈА
arhitekt-kina-4.jpg
Овогодишниот "Прицкер" е една од повеќето индикации дека архитектонската сцена бара навраќање кон традиционалното, на начини кои се комбинирани, како во случај со проектите на Ванг, со едноставен формален стил. Архитектот ги опишува своите објекти како "подлога за модерна интерпретација на пагода, храм и двор", а на дизајнот му пристапува како што тоа би го направил кинески сликар. Тој го студира сценариото, без разлика дали е тоа град, долина или планина, додека паралелно дизајнот се материјализира во неговата глава. Дизајнот на Ванг му дозволува размислување на повеќе нивоа, во практична и во симболична смисла. За кампусот на кинеската Академија за уметност во Хангџоу, тој го проектира и урбанистичкиот план и поединечните објекти, што резултира со фокусирање на материјалноста и детаљот. Со употреба на локални материјали, тој креира богати текстурни и тактилни колажи. Работењето во тим со градежните работници, резултира со непредвидени елементи, кои во неговиот случај им дава на објектите свежина и спонтаност. Неговиот пристап е воедно критички и експериментален. Со употреба на рециклиран материјал, тој потенцира внимателна употреба на ресурси и почитување на традицијата. Од друга страна, тој дава искрена критика на развојот на технологијата и денешниот квалитет на градење. Во повеќе интервјуа и предавања, Ванг Шу изјавува дека неговата почетна точка е секогаш околината. "Сакам да осознаам сè за секојдневниот живот, за луѓето, за времето. Знам дека нешто постоело и пред мене – моите згради доаѓаат од некаде. И додека архитектите зборуваат за просторот, јас зборувам за типологија и прототип. А прототипот е одраз на меморија", вели тој.

РАДИКАЛНА КРИТИКА НА КИНЕСКАТА УРБАНИЗАЦИЈА

Во поширока смисла, неговото студио е силна критика на кинескиот урбан развој, вклучувајќи го тука и Хангџоу, градот во кој живее и работи и каде 90% од трдиционалниот урбан град е уништен во последните две децении за изградба на нови објекти. "Која е придобивката на овој развој? Во 1950 г. Хангџоу личеше на Париз, а сега наликува на Сингапур. После сè, ако ја изгубиме нашата традиција, ја губиме и нашата иднина", вели Ванг. Постојат значајни прашања за процесот на урбанизација на Кина, за тоа дали треба да е вкоренета во традицијата или треба да е свртена кон иднината. Според Алехандро Аравена, еден од членовите на жирито на Прицкеровата награда, работата на Ванг Шу успева да ја надмине таа дебата, остварувајќи архитектура која е безвремена, длабоко вкоренета во контекстот, а сепак универзална.

Доделувањето на Прицкеровата награда за архитектура на овој кинески архитект доведе до поделени мислења и критики во јавноста. Амбивалентноста кон признавањето на овој архитект, пред сè има малку допирни точки со неговата архитектура. Таа е одраз на признавањето што доаѓа од Запад, кој има постојана критичка настроеност кон неконтролираниот урбан развој на Кина. И дали во таа смисла, престижната награда значи и очекување од визионерите на оваа земја за брзи промени и прекин на архитектонското толкување на Кина како табула раса.

На архитектонска конференција во Пекинг, во 1980 г. Ванг создава контроверзности со изјавата дека во Кина повеќе не постои архитектура. Тој го дефинирал кинескиот архитект само како некој кој знае да црта и дека влијанието на финансиите и бизнис секторот е премногу силен.
arhitekt-kina-5.jpg
Без разлика на критицизмот, политичките толкувања на признанието и сè поголемите дебати за анти-урабнизацијата, Ванг Шу зазема позиција, која е далеку од каков било тренд во неговата земја или вон неа. Според него, Кина во последните години настапува со прогрес во културата и креативноста, што може да биде позитивно за секоја нејзина индустрија.

Од модернистичките високоградби, до уметничките музеи и универзитетската библиотека, која се чини дека лебди на вода, архитектурата на ова студио ја карактеризира скромност, дистинктивност и сензитивност кон контекстот. Таа е пример за современ израз, која има локални културни корени и вклучува длабоко ехо на специфична традиција. Објектите се рационални и тектонски, збогатени со чувство на мит.

"Amateur Architecture Studio" се освежување и дистинктивно уникатни – моќни, но со целосен човечки интегритет во исто време: спој кој се издвојува од западните "големи имиња" на архитектурата и нивните модели на еднострана униформност и идеал.
 
Бојана филиповиЌ, дипл.инж.арх. 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top