Насловна / Арт и дизајн / Започна реставрацијата на „Страшниот суд“ од Микеланџело во Систинската капела

Започна реставрацијата на „Страшниот суд“ од Микеланџело во Систинската капела

Триесет години по последната голема конзерваторска интервенција, со поставувањето скелиња на олтарниот ѕид на Систинската капела започна вонредното одржување на „Страшниот суд“ од Микеланџело, едно од најважните ремек-дела на светската уметност.

Систинската капела ќе остане отворена за јавноста. Верниците и посетителите ќе можат и понатаму да ја посетуваат, додека реставраторите ќе работат зад големо платно на кое е репродуцирана фреската во висока резолуција. Ова овозможува истовремена заштита на уметничкото дело и континуитет на посети на едно од најпосетуваните места во светот.

„Околу 30 години по последната конзерваторска интервенција, завршена во 1994 година, започнува вонредна реставрација на ремек-делото од зрелиот период на творештвото на Микеланџело“, изјави директорката на Ватиканските музеи, Барбара Јата, потсетувајќи на големиот реставраторски потфат од крајот на 20 век, предводен од Карло Пјетранџели, а изведен од Џанлуиџи Колалучи, кој во голема мера го промени разбирањето на колористичката палетата на Микеланџело.

Папата Климент VII ја нарачал фреската од Микеланџело во 1533 година, а нејзината реализација започнала во 1536 година за време на понтификатот на папата Павле III, кој го ослободил уметникот од сите други обврски.

Во рок од пет години, Микеланџело го завршил монументалното дело: повеќе од 180 квадратни метри насликана површина и 391 фигура. Фреската била завршена во 1541 година и, како што запишал Џорџо Вазари, предизвикала „чудење и восхит“ низ целиот Рим.

Актуелниот зафат не претставува структурна реставрација, туку прецизно чистење на површината на фреската. „Со текот на времето, се формирал распространет белузлав превез“, објаснува Паоло Виолини, главен реставратор на Лабораторијата за реставрација на слики и дрвени материјали на Ватиканските музеи. Станува збор за микрочестички што се пренесуваат со струење на воздухот и ги намалиле контрастите на светлината и сенката, како и оригиналната хроматска разновидност на делото.

Огромниот дневен прилив на посетители, кој достигнува и повеќе десетици илјади луѓе, веќе со години бара постојано следење на микроклиматските услови. Во Систинската капела, температурата се одржува помеѓу 22 и 24 степени, додека влажноста не надминува 60 проценти, благодарение на софистициран систем за вентилација и сензори за следење на квалитетот на воздухот. Сепак, постојаното присуство на луѓе сè уште влијае на состојбата на фреските, поради што се неопходни редовни превентивни интервенции.

Одржувањето на фреската „Страшниот суд“ бара поставување скелиња по целата површина на ѕидот. Тоа ќе овозможи на тим од 10 до 12 реставратори да работат истовремено, со цел да и ја вратат на фреската светлината и колористичката длабочината какви ги замислил самиот Микеланџело.

Во проектот учествуваат и Кабинет за научни истражувања, Канцеларијата на конзерватори и Фотографската лабораторија на Ватиканските музеи. Финансиска поддршка обезбедува филијалата од Флорида на организацијата Patrons of the Arts in the Vatican Museums, непрофитно здружение кое со години помага во зачувувањето на културното наследство на Ватикан.

Целта на интервенцијата е јасна: да се обнови, без нарушување на автентичноста, она чувство на восхит што го следело завршувањето на големите реставраторски работи во 1994 година и да се врати целосната експресивност на делото кое моќно им зборува на сите свои набљудувачи речиси пет века.

Испрати коментар

Scroll To Top