Насловна / Вести / Западен Балкан бара исклучоци од CBAM за електричната енергија

Западен Балкан бара исклучоци од CBAM за електричната енергија

Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Македонија бараат прилагодување на амандманот на Законот за CBAM. Во име на таа група, министерот за енергетика и рударство на Црна Гора Адмир Шахмановиќ, му пишал на надлежниот одбор на Европскиот парламент, истанувајќи дека неизвесноста на пазарите на електрична енергија на Западен Балкан довела до ослабен интерес на ЕУ за купување на струја од регионот, вклучувајќи ја и онаа од обновливи извори на енергија.

Во соработка со Секретаријатот на Енергетската заедница, министерствата за енергетика на Црна Гoра, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Македонија побарале „ограничени но таргетирани подобрувања“ на амандманот на Законот (EU) 2023/956, со кој се уредува Механизмот за прекугранично прилагодување на јаглеродот (CBAM). Во склоп на меѓуинституционалните преговори кои посебно се однесуваат на електрична енeргија како ставка на CBAM, групата на договорни страни на Енергетската заедница предложила прилагодување на мерките кои Европската Комисија ги донела во декември 2025 година. Во нивно име, Шахмановиќ изразил загриженост дека одредени цели, посебно оние кои се однесуваат на спојување на пазарите, можеби нема да бидат достижни согласно моменталните одредби на CBAM. CBAM, чија целосна примена започна од 01.01.2026 година, воведе данок за целокупната електрична енергија која од регионот се извезува во ЕУ, без оглед на изворот.

„Тоа доведе до неизвесност на нашите пазари на електрична енергија. Соодветно на тоа, забележан е намален интерес на партнерите од ЕУ за купување на електрична енерија од нашите производители, вклучувајќи ја и електричната енергија произведена од обновливи извори. Оваа ситуација беше посебно изразена во периодите на значително производство од обновливи извори, особено поради зголемениот удел на хидроелектраните“, истакнал Шахмановиќ. Тој им укажал на законодавците од ЕУ дека Западен Балкан постигнал значаен напредок во транспонирањето на прописите на ЕУ за електричната енергија, што е суштински чекор кон спојувањето на пазарите (market coupling). Потврдувајќи дека регионот во целост ги поддржува енергетските и климатските амбиции на ЕУ, Шахмановиќ предупредил дека построгите услови и пократките рокови на CBAM, ризикуваат да ги загрозат напорите за спојување на пазарот на електрична енергија.

Целта на оваа иницијатива е во законот да се препознаат спецификите на енергетските системи на Западен Балкан. Предлозите вклучуваат можност за порано иземање на електричната енергија од CBAM во случај на успешна верификација. Западен Балкан бара можност Европската Комисија и земјите кандидати заеднички да ги утврдуваат роковите и цената на јаглеродната такса. Според испратените предлози, договорите за откуп на електрична енергија (PPA) и гаранциите за потекло  (GO) би биле доказ за потеклото на електричната енергија.

Испрати коментар

Scroll To Top