Насловна / Вести / Во Шведска постои и петта димензија

Во Шведска постои и петта димензија

После скоро две години поминати во оваа земја на „чудни луѓе“, се прашувам кој е почуден. Јас што се осмелив да ги измерам своите знаења во една од најнапредните земји на светот, или тие што го почитуваат и бараат моето знаење, искуство и образование. Се чувствувам како да сум вратен во оној убав социјализам од 70-тите и 80-тите години, кога царуваше мир, спокој и високи морални вредности. Во Шведска сè функционира скоро беспрекорно и сè е подредено на тоа поединецот да нема стрес.

Од 25 години градежничко искуство, кај нас и низ Европа, на сите можни позиции во процесот на градење, последните 10 години ги посветив на спознавање и усовршување во нови технологии и проширување на знаењата. Сериозно навлегов во проблематиките на енергетската ефикасност, термодинамиката, инфрацрвената термографија, топлинските мостови, но и во сосема нови гранки како што се „Sack Еffect“, „external air leakages“ и „ internal air leakages“.

svedska1

Одлучив да се „измерам“ до каде сум со моите знаења, со напредните. Најнапредните. Со оглед дека со Шведска имав веќе некаква соработка, или поточно првите знаења за пасивните објекти ги стекнав токму таму, изборот падна. Еден од најголемите предизвици во животот, во животно доба кога треба да ги собирате плодовите, а не да почнувате од нула.

Си дадов задача да ги запознаам навиките, размислувањата, начинот на градење, барањата, очекувањата и стилот на живот на еден типичен Швеѓанец. А целта? Да ги пронајдам слабостите и грешките во начинот на нивното градење и да се обидам да понудам производ кој ќе биде баран на пазарот. Но како? Толку сме различни, буквално во сè, што едноставно наликуваше на невозможна мисија.

svedska2

Швеѓаните се луѓе кои сакаат слобода, мир и здрав живот. Па оттука, наместо во нехумани згуснати маала и улици забетонирани или асфалтирани до последното ќоше, живеат во широки пространства со многу зеленило, езера и реки. Не, не зборувам за селата или помалите места. Зборувам и за најцентралните градски подрачја. Сообраќајот? Метеж и врева се мисловни именки, освен во термините кога почнува и завршува работното време, но и тоа брзо се расчистува. Швеѓаните секогаш ќе ја одберат функционaлоста пред формата, како и квалитетот пред цената. Но, никогаш не им го потценувајте вкусот за дизајн и естетика. Се гради многу, модерно и со врвен дизајн, ама посебно се почитува она што е старо, добро одржано и во функција. На пример, сите пријатели ќе ве посетат да ја видат вашата кујна, доколку сте ја реставрирале старата и оригинална од 1930 година. За нова куќа или кујна, нема да добиете толкаво внимание и честитки. Индивидуалните куќи најчесто се едноставни во оној познат скандинавски стил. Најголемиот број на објекти до три или четири ката се градат од дрво како конструктивен материјал, а поголемите од префабрикувани бетонски елементи. Деталите се до совршенство смислени и изведени, но да бидеме реални дека и не се штеди на завршната обработка. Швеѓаните сакаат светлина. Многу светло и затоа впечатливи се огромни стаклени површини на објектите.

svedska3

И тоа како добро знаат да го искомбинираат новото со старото. Реткост е да се сруши објект за да се изгради нов, или пак да се адаптира до ниво на непрепознатливост. Едноставно сите сакаат да го обноват во стилот во кој е оригинално изграден. Државата е како времеплов. Можете да видите како се одвивал развојот на архитектурата, дизајнот и градбата 200 години наназад. Па и повеќе. И сите објекти се во одлична состојба и функционални. А се од дрво.

Деталите се препуштени на општинските главни архитекти, кои го почитуваат законот. Доколку имате добра идеjа и за тоа се усогласите со градскиот архитект, лесно ќе се договорите и за некои мали отстапки, но никогаш по цена на „гушење“ на соседите, загадување на околината, или загрозување на животната средина на срни, змии или друг животински свет. Звучи неверојатно, но доколку се уврди дека локацијата на која сакате да градите е животна средина за групација на жаби, е тогаш следува голгота околу добивање на градежна дозвола. Студии, екологисти, мерки, анализи и што ли уште не. А доколку не, до градежната дозвола ќе дојдете лесно, брзо и едноставно. Со идејни проекти и без некои големи формалности. Но! Ако градите во зона каде нема канализација (Швеѓаните обожуваат да живеат во предели далеку од населби), тогаш ќе треба да направите детален проект за отпадните води и нивното прочистување до квалитет за пиење. И додека се прави пречистителната станица, ажурно ќе биде контролирана од одговорните во општината. Природата пред сè!

svedska4

Обврска која исто така нема да можете ама баш никако да ја заобиколите е достапнoста за инвалиди. Не само пристапот во објектот, туку и во секоја просторија да обезбедите слободен круг за да може да се манипулира инвалидска количка. Деловен или станбен простор, барањата се исти.

Забележав дека буквално сите дрвени конструктивни елементи се вентилирани. Фасади, кровни или меѓукатни конструкции, па се присетив на зборовите на мојот професор по дрвени конструкции, дека дрвото има неограничена трајност доколку се вентилира или доколку не ја менува средината. Значи ништо ново, само тие си ги следат учебниците и напатствијата. Дрвото кое се користи е импрегнирано и убаво обработено, што е исто така добро теоретски познато и кај нас. Тука во градежните продавници можете да ги најдете сите оние спојници за дрво, кои кај нас освен во книгите, не можете ниту да ги видите. И знаете што? „Тесла“ како алатка, не постои!

svedska5

Ми падна во очи дека темелењето е секогаш врз експандиран или екструдиран полиетилен, или по нашки EPS и XPS. И тоа „перници“ со дебелини од 30 сантиметри, па сè до неколку метри, под сите објекти, па дури и под темелите на мостовите. Во разговори со шведски колеги, добив мислења дека „стиропорните перници“ го одделуваат објектот од земјата, па евентуалните потреси и деформации од почвата не се пренесуваат со ист интензитет врз објектот. Од друга страна подземните води се многу високи и обемни. Можеби и тоа е една од причините што објектите им пливаат врз перници, но за мене ова беше поволно од аспект на енергетската ефикасност, што има извонредна изолираност кон почвата. Иако кај нас се вели дека земјата е најдобар изолатор, тоа е спротивно од реалноста и изолацијата е неопходна. Посебно ми се допадна овој шведски начин, бидејки апсолутно се елиминираат и топлинските мостови кон земјата.

svedska

Ми остави силен впечаток тоа што буквално кај сите објекти во кои нема вградено вештачка вентилација, постојат отвори на фасадите или во рамките на прозорците, низ кои внатре влегува надворешен воздух. И тоа без разлика дали се нови објекти или стари 100 и повеќе години. Разговарав, истражував, размислував! Буквално се чувствува ветер во внатрешноста, а Шведска има и тоа како студени зими. Енергетските загуби низ ваквите отвори се огромни, па мора да постои разумно објаснување зошто е тоа така. Постарите швеѓани, кои патем речено лесно ќе ги сретнете и после 90-тата година од животот, во некое кафуле или на џогирање, ќе ви кажат дека е тоа заради мувлата и кондензацијата. Со истражување дојдов до сознание дека кај објектите градени пред 2000 година, фасадните ѕидови во најчест случај не се доволно изолирани, и дека постојат огромни топлински мостови. Значи сосема точно тврдење. Кога објектот не би се вентилирал, мувлата и влагата се неизбежни во такви услови. Но, што вели науката и прописите? Со оглед дека Шведска се усогласува со најновите енергетски протоколи на ЕУ наречени 20-20-20, енергетската ефикасност е реалност, па мувлата и кондензацијата кај објектите веќе не се проблем. Но, вентилација на просториите и понатаму останува обврска за секој објект. Зошто? Го најдов одговорот и тој е: радон. Радонот е радиоактивен гас, кој е многу штетен по здравјето на луѓето и предизвикува карциноми на дишните органи. Можеби и повеќе проблеми, но за тоа ќе треба да се консултирате со доктор. Од каде радон? Зошто го има? Во кои количини е штетен? Колку е дозволена граница? Како се решава проблемот? Одговорите повторно беа во шведските прописи. За да се справите со радонот, неопходна е вентилација. Гасот се создава и излегува од земјата. Посебно од глинести почви. А добар дел од градежните материјали се произведуваат или се употребуваат директно од почвата. Значи го испуштаат и вградените материјали, посебно ако се константно навлажнети. Дозволената концентрација на радон е 100 бакерели на метар кубен воздух, во просечна вредност во времетраење од еден месец?!?!?! Нова наука, нов предизвик за учење и нови инструменти за набавка. Сè уште го проучувам.

Од кога горе-долу се запознав и со специфичностите на нивното градење, што и за еден искусен инженер е „шпанско село“ заради огромните разлики, следен чекор беше да ги пронајдам недостатоците. Мора да ги има, си велев. Никој не е совршен. Енергетските загуби и не се голем проблем, ако земете предвид дека енергенсите се евтини. Цената на струјата е идентична како и во Македонија, а стандардот неспоредлив. Но, покрај големата загуба на енергија, некомфорните услови за живот предизвикани од „дупките“ во фасадните ѕидови, беа еден од најчестите забелешки кои корисниците на објектите ги кажуваа.

svedska6

Забележав уште еден сериозен проблем, кој за чудо прописите сè уште не го евидентирале. Големо протекување на загреан воздух низ плафоните под крововите. Колку поголем волумен на објектот, или поголема катност, толку поевидентен е проблемот. Забележав и дека мирисите од готвењето лесно и брзо се шират кон погорните катови кај дрвените конструкции. Конечно моето образование и труд, најде примена. „Stack Pressure“ или „Stack Effect“, или преведено на македонски „Ефект на оџак“, појава која прави големи проблеми на корисниците на објектите. Но, и брзо ширење на пожарите по вертикала. Предизвикува ладни ниски етажи и прегреани високи етажи, а кога топлиот воздух протекува низ разните мали несовршености во кровната конструкција, предизвикува кондензација токму во слојот со изолација. Еурека.

Иако регулативата тоа строго го дефинирала на 57 dB, звучната изолација на фасадните ѕидови кај дрвените објекти е незадоволителна. Заради малата специфична тежина, едноставно е невозможно да се постигне барањето без употреба на скапи мерки, па „поминува“ кај индивидуалните или неколкусемејните објекти. Шведска е тивка земја дури и ако живеете покрај пруга или автопат, но сепак сите би сакале да ги задоволат прописите.

Конечно имав основа да почнам да го реализирам планот. Требаше да се најде локација, блиску до населено место, но во природа. По можност покрај езеро или река. Пасивната куќа како ниво на енергетска ефикасност, ги задоволува сите стандарди при изградба на објект во Шведска, а воедно го решава Stack Effect-от заради апсолутната воздухозапечатеност. Таканаречената крос вентилација го менува воздухот во објектот на секои четири часа, и не создава никакво чувство на провев и го „решава“ радонот. А комфорните услови го задоволуваат највисокиот стандард на свет „ASHRAE Class A Comford Standard“. Заради избегнување на топлински мостови, но и за добра звучна изолираност, се одлучив за комбинација со медитеранскиот начин на градење. Внатрешноста на ѕидот е од блокови од згура со одлична изолациона моќ, но и голема специфична тежина, а надворешноста е класичен шведски систем на дрвена вентилирана фасада. Значи, сè што е видливо е типичен шведски начин и изглед, а иновативноста е невидлива, но многу влијателна.

Иако темелно пријдов на проектот, сепак несигурноста и стравот ме обземаат сè уште. Првиот знак дека сум на вистинскиот пат, беше признанието добиено од International Passive House Assotiatin (iPhA). Овој објект, иако уште во фаза на изградба, беше прифатен заедно со уште само 80 од целиот свет, да учествува на летниот семестар на World Passive House Open Days. Единствен во Шведска и единствен Македонец што кога и да е досега бил дел од оваа манифестација. Тоа е еден вид на саем, кога одбраните објекти се презентираат на посетители. Тремата и неизвесноста од реакциите беа страшни. А реалноста извонредна. Комплименти за решенијата, начинот на градба, квалитетот, локацијата. Како од обични посетители, така и од стручната фела.

Доколку ја барате четвртата димензија, Шведска е друга галаксија која сигурно ќе ви покаже и повеќе од што барате. Чудна земја. Прекрасна земја.

Автор: Андреј АНДРЕЕВ

2 Коментари

  1. Јанко Миновски

    Стар сум 74 год, и затоа си земам слобода да ти се обратам со ТИ и би сакап да те имам како син
    Не сум архитект , ни градезен инзенер,јас сум машински инзенер но во областа на организација на равотење
    и анализи на работењето. Од таму сеосмелив да ти го напишам ова :
    _ подобра анализа на одредена тема ,досега не сум прочитал
    _ од анализата заклучив за твоите интеелектуално капацитети
    _ видливи се и твоите човечки квалитети, но да не должам многу, јас сум навистина воодушен од твојот капацитет како човек,
    Да не го протумачиш погрешно,навистина не сакам, но сакам да те запознаам малку повеке
    За почеток ти ја давам мојата емаил адреса : janko.minovski@hotmail.com
    Jави се!

  2. Jas sum pomlad od cicko Janko i ne sakam da te zapoznam.. da bese zensko moze ke sakav :) ))) .. ama sakam da ti posakam se najubavo…. da beshe vo Makedonija ke se zanimavase so uste so Energetsko efiaksni plasticni prozori.
    Srekno Andrej .. bravo bravo i bravo

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top