Насловна / Вести / „Во Oдбрана на Дебар Маало“ бара да се спроведува законот за заштита од бучава во животната средина и одлуката за урбана опрема

„Во Oдбрана на Дебар Маало“ бара да се спроведува законот за заштита од бучава во животната средина и одлуката за урбана опрема

Граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“ информира дека вчера (14 август) достави официјално барање до општина Центар за спроведување инспекција за бучава и окупирани тротоари, спротивно на предвидените прописи и правни рамки.IMG_0518

Во нивното соопштение за јавноста се вели:

„Во Oдбрана на Дебар Маало“ бара да се спроведува законот за заштита од бучава во животната средина и одлуката за урбана опрема на Град Скопје во Дебар Маало, каде бучавата и окупирањето на тротоарите од угостителските објекти сериозно го нарушува квалитетот на живеење

Веќе подолго време граѓаните на Дебар Маало (а особено некои делови како Ленинова, Пиринска и др.) живеат среде бучава која е неколкупати посилна од дозволеното, а која доаѓа од некои од угостителските локали. Овие угостителските локали на незаконски начин поставуваат звучна опрема на летните тераси (нашите тротоари), без никаква акустичка бариера и создаваат акустично загадување до доцните вечерни часови. Граѓаните се жалат дека не можат да спијат, дека нивниот живот е нарушен.

Истовремено, некои од локалите целосно ги окупираат тротоарите и оставаат мала или речиси никаква можност пешаците да ги користат. Граѓаните се приморани да се движат на самиот коловоз каде им е загрозена безбедноста. Некои од локалите отстапуваат од законските прописи кои дефинираат тоа што е летна тераса и имаат изградено подови и покриви. Со тоа тие се де факто дивоградби коишто ја нарушуваат безбедноста во сообраќајот.

„Во одбрана на Дебар Маало“ и соседи од станбените згради на потегот околу раскрсницата на ул. Пиринска и ул. Ленинова доставија официјално барање до општината Центар итно да се решат овие проблеми. Дописот содржи предлози за низа итни, среднорочни и долгорочни мерки и преглед на релевантната законска рамка.

„Во Одбрана на Дебар Маало“ и граѓаните на градската четврт во никој случај не се против егзистенцијата на вработените во угостителските локали во Дебар Маало и како и во случајот со пазарчето Буњаковец (за чие зачувување работиме) ќе се заземеме за остварувањето на правото за работа во нашата општина. Ние го креваме нашиот глас против хаосот којшто во моментов е создаден и неможноста да живееме во услови каде бучавата не е во законски рамки. Долгорочно сметаме дека локалите на Ленинова и Пиринска го немаат интересот да продолжат со оваа практика бидејќи сѐ поголем е бројот на нашите сограѓани кои ги бојкотираат локалите каде се нарушуваат законските рамки прекумерна бучава и слободен простор за движење на тротоарите.

„Во одбрана на Дебар Маало“ e самоорганизирана група на жители од Дебар Маало и Буњаковец во Скопје која на доброволна основа работи на артикулирање на барањата на граѓаните во градската четврт Дебар Маало 1 и 2 и пошироко што се во колектвиен интерес, а коишто сакаат да одлучуваат за градското живеење во услови кога општината Центар и градот Скопје наместо да воспостават ред создаваат хаос и креираат урбана политика водени од индивидуални и тесни интереси или поврзаност со приватни фирми. Покрај нашите забелешки околу деталните урбанистички планови за Дебар Маало, Буњаковец и Градски Парк и опасноста од небезбедно планирање на урбаниот простор и понатамошна загуба на зелени површини, ние, жителите на населбата, а особено оние коишто живеат на улица Ленинова и Пиринска секојдневно се соочуваме и со прекршувања на законот за заштита од бучава во животната средина и уредбата за поставување урбана опрема со што се нарушува квалитетот на урбаното живеење.

Како самоорганизирана група граѓани коишто живеат во населбата подготвени сме да соработуваме со сите надлежни институции и локалите во населбата со цел да најдеме решенија кои ќе ни овозможат нормални животни услови како и угостителска дејност којашто ќе биде во рамките на законот за угостителска дејност.

Контакт:

voodbrananadebarmaalo@gmail.com

https://www.facebook.com/VoOdbranaNaDebarMaalo

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top