ПРОЕКТ: Е18 МОСТ ГРЕНЛАНД
ПРОЕКТ ЗА МОНТАЖА: STO-SEH Engineering
ВКУПНА ДОЛЖИНА НА МОСТОТ: 604 МЕТРИ (ОД А1 ДО А8)
ГЛАВЕН РАСПОН НА МОСТОТ: 330 МЕТРИ
МАКСИМАЛНА ВИСИНА НА ПИЛОНОТ: +166 МЕТРИ
ИНВЕСТИТОР: EIFFAGE GÉNIE CIVIL NYE VEIER
ПЕРИОД НА ИЗВЕДБА: 2021 – ТЕКОВНО
ЛОКАЦИЈА: ФРИЕР ФЈОРД, НОРВЕШКА

Потпирајќи се на успешно реализирани проекти низ Европа и континуиран развој кој се темели на искуство, стабилност, истрајност и доследност, компанијата „Стокуќа“ од Скопје, денес може да се претстави со богато портфолио преку низа конструкции што оставиле јасен инженерски белег, но и со обединет тим од инженери и соработници со исти вредности и визија.

Тука се вбројуваат мостот на Рајна во Leverkusen, Железничкиот мост преку реката IJssel во Zwolle, мостот Gelbe во Duisburg, Мостот на слободата во Нови Сад, Берлинскиот мост во Halle, како и Пашки мост во Хрватска. На оваа линија се надоврзуваат и бројни мостовски конструкции во Келн, Дисбург и Kил, како и понови инфраструктурни објекти, меѓу кои мостовите Zollkanal и Stern во Хамбург, мостот во Дателн, Железничкиот мост во Дегендорф и мостот преку Лаба во Магдебург.

Чекор кон нова развојна фаза преку кој се продлабочува и долгогодишната соработка со германската компанија SEH Engineering GmbH, претставува формирањето на заедничката компанија STO-SEH, која станува основа за идни предизвици, достигнувања, но и посилно присуство на меѓународната сцена.
Денес, компаниите „Стокуќа“ и STO-SEH претставуваат сигурен инженерски партнер при реализација на сложени инфраструктурни проекти, чија посветеност и стручност се илустрираат преку реализирањето на проектот за новиот мост Гренланд, кој ги поврзува градовите Ланганген и Ругтведт во Норвешка, а нѐ поврзува и нас со инженерските подвизи низ Европа.

Постоечкиот мост Гренланд, проектиран со два коловоза, не го задоволува потребниот капацитет за проширување на автопатот Е18 со четири коловозни ленти. Новиот мост Гренланд е од суштинско значење за задоволување на сообраќајните барања и е клучен дел од проектот Е18, кој ги поврзува Ланганген и Ругтведт во Норвешка.
Новиот мост Гренланд е висечки мост со главен распон од 330 метри и вкупна должина од 604 метри. Горниот строј се состои од монолитна челична конструкција и од спрегната конструкција. Северниот и јужниот горен строј се монтираат со лансирање, додека главниот горен строј од мостот се монтира со дерик кранови.

Монтажата ги следи следните чекори:
- Поставување на горниот строј и лансирање на спрегната конструкција.
- Бетонирање на спрегнатата конструкција и прилагодување на сајлите.
- Монтажа на монолитна челична конструкција до лансираната спрегната конструкција.
- Финално затегнување на сајлите за завршен горен строј.
Горенаведените фази на монтажа вклучуваат континуирани промени во трансферот на внатрешните сили, кои пак изискуваат стабилност на конструкцијата и прецизност во нивелирањето.
Овие два клучни фактори се овозможени преку конструкцијата за монтажа како што се конструктивни елементи за појачување на главната конструкција, платформи за заварување и лансерни решетки.

Дополнително, конструкцијата за монтажа е од есенцијално значење при транспортот со камиони и баржи, кревање на сегментите од баржа со дерик кран и лансирање на сегментите од горниот строј. Од сето ова може да се заклучи дека правилниот распоред, проектирање и димензионирање на есенцијалната потпорна конструкција се клучни за успешно завршување на проектот.
Преку овој пример се истакнува важноста на есенцијалната конструкција за монтажа, со соодветно димензионирање во согласност со Норвешкиот прирачник за јавни патишта и со релевантните норвешки стандарди.
Автор: STO-SEH Engineering
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија