Насловна / Арт и дизајн / Иван Шишкин, „цар на шумите“

Иван Шишкин, „цар на шумите“

Иван Иванович Шишкин (Јелабуга 1832 – Санкт Петербург 1898) бил руски пејзажист и портретист. Овој руски сликар од 19 век се смета за сликар кој најдобро ги сликал шумите, поради што го добил прекарот „Цар на шумите“ и „Шумски херој“.

Шишкин е роден во Јелабуга на 25 јануари 1832 година. Завршил средно училиште во Казањ. По завршувањето на средното училиште, студирал на Московската школа за сликарство, скулптура и архитектура, а потоа на Царската академија на уметностите во Санкт Петербург (од 1856 до 1860 година). Дипломирал со највисоки почести и златен медал. Исто така, добил царска стипендија за понатамошни студии во Европа.

Пет години подоцна, Шишкин станал член на Академијата и бил професор по сликарство од 1873 до 1898 година. Во исто време држел часови по сликарство и на Вишата школа за уметности во Санкт Петербург. По враќањето во Санкт Петербург, станал член на Патничкиот круг и на Друштвото на руски акварелисти. Учествувал и на изложби на Академијата за уметности, на Серуската изложба на сликари (1882), во Нижњи Новгород (1896), како и на светски саеми (Париз, 1867 и 1878 и Виена, 1873). Методот на сликање на Шишкин се темелел на аналитички студии за природата. Тој станал познат по своите шумски пејзажи, а бил и исклучителен цртач и графичар.

Шишкин со право се смета за голем мајстор на пејзажи. Тој, како никој друг, успеал на платно да ја пренесе убавината на недопрената шума, бескрајните огромни полиња и студенилото на суровата земја на платно.

Умеел да го наслика незамисливото. Гледајќи ги неговите слики, често се добива впечаток дека ќе дува ветер или ќе се чуе пукање на гранки, звук на вода, шушкање на лисја.

На прочуената слика „Утро во борова шума“,соработувал со својот колега Константин Савицки, кој насликал мечињата.

Многу ја сакал природата и речиси ги посетил сите огромни пространства на Русија.

Сликите на Шишкин влегле во секојдневниот живот во Русија, станувајќи декорации на обвивки од бонбони, поштенски марки и илустрации во учебници.

Сликањето толку многу ги окупирало мислите на Шишкин што дури и умрел со четка во рака, седејќи на штафелај.

Малата планета 3558 Шишкин, откриена од советската астрономка Људмила Журавлевска во 1978 година, е именувана по него.

Во неговиот роден град Јелабуга има парк „Шишкински езерца“.

Испрати коментар

Scroll To Top