Во Братислава, архитектите од бирото Grau Architects проектирале ентериер на стан од 73 квадратни метри како современ, функционален и разигран простор.
Како да се претвори обичен стан во дом што зрачи со смиреност, но има и карактер? Одговорот на ова прашање го дале архитектите со овој проект, сè е проектирано за да го направи просторот што е можно поотворен, посветол и попријатен.
Мали потези, голема разлика
Веќе во фазата на изградба, на архитектите им била дадена можност да влијаат врз распоредот на просториите. „Го преместивме тоалетот во склоп на бањата и со тоа добивме повеќе простор во дневната соба“, објаснува тимот. Така е создадена централната „кутија“ – композиција од кујнски шкаф, остава и бања – која практично го организира просторот, но и внесува динамика во основата.
Благодарение на стаклено-бетонската преграда во зоната на бањата, дел од светлината се пренесува во ходникот, што го прави попријатен и визуелно поголем.
Во ритамот на деталите
Еден од интересните детали во овој стан е начинот на кој се поставени одредени елементи – како да лебдат во просторот. Некои не стигнуваат до таванот, други се подигнати од подот, што создава впечаток на транспарентност и визуелна игра. Ваквите „независни“ парчиња внесуваат ритам и леснотија во ентериерот, а воедно ја задржуваат својата функционалност. Посебно внимание привлекува и сината трпезариска маса, која е поставена дијагонално во однос на остатокот од мебелот што ја опкружува, што излага од очекуваната рамка и ја ремети хармонијата на ефектен начин.
Бои со улога
Во овој ентериер, боите не се тука само за естетика, туку секоја од нив има своја задача. Жолтата боја симболизира работа и се користи на кујнскиот пулт и работната маса. Светло сината боја означува места за седење – голема маса во кујната и клупа покрај влезот. Белата е резервирана за одмор – се користи на рамките на креветите и на ѕидот со телевизорот и полиците.
Елементите за складирање се изработени во светол фурнир, така што остануваат во позадина и придонесуваат за мирниот впечаток на просторот.
Промислено до резултат
Станот е пример за тоа како со внимателен пристап може да се постигне многу – и без радикални зафати. Мали промени во распоредот, заедно со внимателно користење на бојата и волуменот, создаден е простор кој е функционален, топол и едноставно добар за живеење.