Насловна / Арт и дизајн / Изложба на големиот Петар Мазев во Белград

Изложба на големиот Петар Мазев во Белград

Изложбата на слики посветени на големиот македонски уметник Петар Мазев (1927. Кавадарци – 1993. Скопје), од приватната колекција на Игор Станковиќ, насловена „Сага за творечките немири“ отворена е на 12. јуни во Белград во Галеријата на МТС Дворана. Изложбата е отворена во рамките на одбележувањето на 30 години македонско-српски дипломатски односи, а изложбата, која вклучува 10 уметнички дела може да се види до 12 јули.

Изложбата е организирана во соработка со Културно-информативниот центар во Белград (КИЦ), а поддржана од Министерството за култура и туризам. Влезот на изложбата е слободен.

Иницијатори и организатори на овој голем ликовен и културен настан беа директорот на КИЦ во Белград, Васко Шутаров и колекционерот и директор на „МТС Дворана“ Игор Станковиќ.

„За жал, Петар Мазев прерано нè напушти, но остави голем легат на територија на цела Југославија. Ќе видите дека покрај каталогот на Петар Мазев поставен е каталог на Петар Лубарда, двајца еднакво големи автори од Југославија. Цел месец ќе биде изложен овој единствен авторски израз. Секоја слика е своја приказна“, рече Станковиќ на свеченото отворање.

Државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија С. Ѓоргова, во своето обраќање на отворањето истакна дека Мазев е автор чие дело одамна ги надминало границите на времето и просторот, а неговата уметност и денес комуницира со новите генерации преку својата силна емоција, автентичен израз и универзални пораки. „Големите уметници не припаѓаат само на своето време. Тие продолжуваат да живеат преку своите дела, да разговараат со нови генерации и да нè потсетуваат дека уметноста е една од ретките вредности што му одолева на времето. Петар Мазев е токму таков уметник“.

Изложбата нуди ретка можност белградската публика повторно да се сретне со делата на Мазев – уметник, педагог и визионер, чие творештво останува трајно сведоштво за силата на македонската уметност и нејзините универзални вредности.

Во каталогот на изложбата, историчарката на уметност Викторија Васева Димеска вели: „Изложбата на Петар Мазев — една од клучните фигури во развојот на современата македонска ликовна уметност од втората половина на 20 век — го продолжува напорот на КИЦ во Белград да ги претстави клучните македонски уметници кои ја граделе, иновативно ја осмислиле и профилирале нашата уметничка сцена, а чии дела се наоѓаат во белградски приватни колекции.

Мазев на белградската публика и е познат по низа изложби, но секогаш останува нешто што не е видено, нешто што било скриено и трпеливо чекало да биде откриено. И токму овој систем на претставување, ваков концепт, ни овозможува да видиме дела што или не сме ги знаеле, или сме ги виделе во некоја пригода, а сме ги заборавиле.“

Како што вели Васева Димеска – десетте дела на Мазев создадени во периодот од 1977 до 1992 година го одразуваат богатството на разновидноста на неговиот ракопис и даваат комплексен пресек на неговиот раскошен творечки потенцијал. Внимателниот избор на делоата го иницира сублимираното богатство на разновидноста на ракописот, со што се следи и чита неговата визуелна реторика. Така, од нагласената фигурација во делото „Покрај Радика“ (1977) и екстатичната „Каријатида“, која има тесен простор на платно, во 1987 година е создадена гротескната композиција „Без зборови“, во која формата е поексплозивна од колоритот, додека во благородната, хармонична игра на формата и бојата, преплетувањето на распрсканите колористички сензации речиси ја кријат фигурата во композицијата „Човек што стои“. Во делото „Презир“ (1988), портретот не го изразува неговиот осебен интерес за овој мотив како таков, туку претставува предизвик со самото богатство на содржината на различните облици на лицето, форми, сенки… кои го поттикнуваат неговиот еруптивен темперамент. Веќе во композициите „Без наслов“, „Портрет“ и „Жена со црвена насмевка“ настапува виртуозна игра на цртеж, која отвора енигматичен простор за откривање на форми кои постојано наведуваат и заведуваат. Последните две дела од оваа збирка воедно се и меѓу последните на неговиот творечки и животен пат, создадени непосредно пред ненадејното гасенење на неговата палета: со „Оплакување“ (1992), потресно мирна композиција, се вивна крик, последен поздрав… „За мојот син“ (1992).

„Во последните години од својот живот, Мазев се предал на најдлабоките треперења на духот; не ја напуштил борбата што го довела до сè поизразена деформација на призорите како одраз на сопствениот очај и немоќ пред изгорениот пејзаж на човечката судбина, и до крај останал верен на колоритот, мирисот на родното поднебје и на македонската духовна и визуелно ликовна ризница“.

Испрати коментар

Scroll To Top