На 13.06.2026 год. со почеток во 19 часот беше одржан архитектонскиот настан „Антички театар: Адаптивен континуитет“ во организација на Архрид колектив. Преку настанот, кој се одржа во импресивна атмосфера на сцената на Античкиот театар во Охрид, целта на колективот беше да отвори дискусија за адаптацијата на заштитеното културно наследство и негова интеграција во современиот начин на живот, како и да ја нагласи важноста од аналитичкиот процес пред реализација на капитални проекти.

Покрај проследувањето на стручните предавања и разгледувањето на изложбената поставка, посетителите имаа можност да ја набават и публикацијата „Антички театар: Адаптивен континуитет “, чијашто содржина опфаќа сублимирани материјали од целокупниот процес кој претходеше на настанот.

default

Настанот го отвори Симона Чингоска, која се обрати во името на Архрид колектив со образложување на темата и програмата на настанот. Најпрво беше нагласена адаптивната трансформација како клучна за долговековниот опстанок на еден објект преку примерот на Античкиот театар во Охрид.

Потоа, беше укажано на важноста од спроведувањето на интернационалниот архитектонски конкурс „УНЕСКО Антички театар“, пред сѐ заради можноста за тестирање на најразлични решенија. За крај, беше нагласено дека целта со јавната изложба на конкурсните проекти е да се истакнат позитивните аспекти на анкетните конкурси и да се поттикне стручната јавност на аналитичко и критичко согледување на конкурсните решенија.

Програмата на настанот беше поделена во три дела кои се надоврзуваа еден на друг. Во првиот дел, преку презентацијата на проф. д-р Елизабета Касапова од Архитектонскиот факултет во Скопје, публиката имаше можност да се запознае со историскиот контекст и развојот на локацијата низ различните временски епохи.

Во текот на презентацијата беа прикажани трансформациите низ кои поминал театарот и просторот во неговата поблиска околина за финално да биде презентиран пред пошироката јавност и ставен во повторна употреба.

Во вториот дел, фокусот беше ставен на презентација на референтен пример од регионот. Хрватскиот архитект Емил Јурцан ги сподели искуствата и предизвиците при реализација на проектот за реконструкција на Римскиот театар во Пула. Преку неговата презентација, публиката најпрво се запозна со историскиот контекст на театарот, а потоа подетално беше објаснет текот на реализацијата на проектот со потенцирање на важните проектантски одлуки согласно специфичноста на археолошкиот локалитет.

Програмата беше затворена со презентацијата на Ларс Вестхоф од Германија, автор на второнаграденото решение од интернационалниот конкурс „УНЕСКО Антички театар“. Ларс во своето обраќање нагласи дека темата од конкурсот ја работел како магистерски проект во рамки на Архитектонскиот факултет во Минстер, Германија. Како клучен момент ја истакна неговата посета на локацијата пред започнување со работа на проектот, а потоа подетално го презентираше неговиот проект насловен „Lychnidos ex Machina”. За крај го истакна своето задоволство што е тука на самиот Антички театар по втор пат и има можност во живо пред публиката да ги сподели неговите размисли за развој на локалитетот.

На крајот од настанот посетителите имаа можност да ја разгледаат изложбената поставка која опфаќаше графичка презентација на хронологијата на откривањето на театарот и селектирани решенија од меѓународниот конкурс „УНЕСКО Антички театар“. За крај, преку неформален разговор и дружба помеѓу присутните, се отвори дискусија за темите кои беа опфатени со настанот.

Целокупната содржина и реализацијата на настанот се резултат на волонтерските заложби на тим од 9 архитекти – членови на АРХРИД: Симона Чингоска, Ева Зовиќ, Анастасија Ристеска, Теа Дамјановска, Филип Спасески, Климент Танески, Стефан Назифовски, Иво Лазароски и Стефан Жупан.
АРХРИД изразува искрена благодарност до сите кои го посетија настанот, ги ислушаа стручните ставови и ја погледнаа изложбата.

Фотографии: Тамара Џерков
Дрон фотографии: Теа Дамјановска
*Секој којшто не успеа да го посети настанот „Антички театар: адаптивен континуитет“ и да ја набави истоимената публикација, истото може да го стори со контакт на:

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија