Насловна / Вести / Селото Патишка Река, снегот и ловџиите

Селото Патишка Река, снегот и ловџиите

На околу 35 километри од Скопје, во областа Торбешија, се наоѓа планинското село Патишка Река кое има има 579 жители. Селото е сместено на 1.243 метри надморска височина (неговата највисока точка) на планината Караџица. Тоа со кое плени ова село е убавата природа, а над селото високо се издигнуваат врвовите Остри Врв (2.263 м.) и Убава (2.346 м.). Низ селото поминува Патишка Река, река понорница, која извира собирајќи ги водите од гребенот Пепелјак на Караџица, давајќи му дополнителен сјај на ова село со својата пенливост и бучност во пролетните месеци, кога се топат планинските снегови.

IMG-c389dbbbcbb3fd5d702af3be6667a70a-V

Селото Патишка Река ѝ припаѓа на Општина Сопиште и дефинитивно е едно од најубавите и најживописни места во близина на главниот град на Македонија.

За селото Патишка Река прв пат чув кога бев мала. Татко ми или дедо ми, не паметам, во еден неврзан разговор спомна дека има пријател, извесен Ибрахим, кој живеел во тоа село. Во детската глава, тоа ми прозвучи како да е последната точка на светот. Имало висока планина и мечки, ете само на тоа ми текнува. Лани, за прв пат по толку години повторно го слушнав името Патишка Река како почетна точка за искачување на врвовите Убава, Караџица и Остри Врв на планината Караџица. Ама нема сега да зборувам за тој ден, туку за еден друг, зимски ден неколку денови пред да влеземе во 2022 година.

IMG-56880f0a5c66edab098e6bfe81b332e7-V

Зимите почнаа да нè одминуваат, не е како порано кога се случуваше снегот да се задржи две недели во градовите или, за мене, во Матка. Доаѓам во Македонија, во зима, кога градовите се неподносливо загадени со една цел, да видам снег, во планина или во некое село, сеедно. За тоа не мора секогаш да се оди до Маврово или Попова Шапка. Може да се оди на еднодневна тура до селото Патишка Река, кое се наоѓа во правец на Марково Сушица на околу 35 километри од Скопје. Го видов еднаш ова село во доцно лето, пикнато во падините на Караџица, со река која минува низ него, поставено на повеќе од 1.200 метри надморска височина. Глетката на куќите наредени лево и десно од малата, а брза река и планината што се издига веднаш над него, ме потсети на оние слики закачени на ѕид во некоја од чајџилниците во Скопската чаршија. Како мала мислев дека сите тие принтови се пејзаж од некое швајцарско село, а тоа да ти било само десетици километри од мене.

IMG-1deb1cd49d26ccb229f4740eff6aadb5-V

Нешто пред пет часот наутро, уште не е разденето, возиме во правец на Патишка Река. Сакаме да качиме некој врв на Карџица, секако ако е возможно. Слушнав дека можеби ден пред тоа група планинари пробале да се качат на Миленков Камен, па белким малку ќе биде разгазена трасата. Патиштата се празни, точно пред селото, по нас и пред нас има џипови со ловџиски кучиња во приколките. Искрено, помислата дека сите ќе тргнеме во ист правец, кој да ужива во снегот, кој да лови диви животни, ме вознемирува. Како и да е, стигнуваме во селото. Скопје го оставивме врнежливо и сиво, а овде е друг свет. Сè е покриено со снег. Но, темно е, селото спие, изгрејсонце ќе видиме малку погоре. Се паркираме веднаш до џамијата и се упатуваме нагоре. Имаме зимска опрема, чизми за зимски услови и високи гамашни во случај да има многу снег. И да, снег има многу, на места и над коленици, треба да се пробиваме, гледаме дека нема човечки траги, само од животни. Овој снег мора да е нов, штом не е разгазен и штом нозете лесно ни пропаѓаат. Тројца сме, еден ја води групата и го пробива снегот. Штом не се жали значи не му е многу мачно. Јас ги следам стапките. Потребно е три пати повеќе енергија кога се пешачи во снег. Само што излеговме над селото гледаме како сонцето почнува да изгрева, небото добива некоја портокалова нијанса, како во сликите на Питер Бројгел. Кога ќе ми текне таму имаше некои ловџии со кучиња, еве еден и пред нас. Почнуваме разговор. Сакаме да бидеме сигурни дека нема да одиме во правец на местото каде што ќе ловат. Ловџијата е љубезен и нè уверува дека сите ловџии се упатиле од другата страна на шумата, ние продолжуваме право.

IMG-d43cf5519e651bf98b4bfde20c224b37-V

-Има доста диви свињи, ловам, па ги продавам, вели тој. Сигурно има и мечки, со среќа – не поздравува.

Кога одам низ планиниве никогаш не мислам дека некое диво животно може да биде закана. Ако почнам да мислам на лошо, подобро никаде да не тргнувам. Освен нас и некоја лисица, друг не тргнал кон Остри Врв, кој се наоѓа на 2.263 метри надморска височина. Снегот е сè подлабок и подлабок, ама убаво е. Упорни сме, не се откажуваме, одиме до 11 часот, па до каде стигнеме – стигнеме. Потоа мора да се симнуваме, за да не нè стемни.  Влегуваме во густа шума, прилично е долга. Потоа би требало да се искачиме на рамница, до бачилата. До врвот има многу. Времето брзо минува. Дрвјата се натежнати од снегот, а возухот е остар. Вода полниме по пат, изворот ни е и место каде земаме здив. На почеток секогаш се жалам дека ми е тешко, ама потоа добивам енергија. Ми се чини ќе летнам. Планината, снегот, чистината го бистрат умот, кој се бори со разни мисли. Одиме со саати, со многу кратки паузи. Јасно ни е дека врвот е невозможно да се качи и почнуваме да се симнуваме надолу. Мислиме како ќе седнеме на топло, во ресторанот во селото, и денот ќе го завршиме со топло турско кафе.

IMG-d6638f0c3cf6e5c7a418f97ce8853a54-V

Автор: Кате АНТЕВСКА

Фото: Александар ЧИПОВ

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top