Насловна / Вести / Премери, па купи: Кампања на Геодетската комора за уредување на сопственичките права врз недвижниот имот

Премери, па купи: Кампања на Геодетската комора за уредување на сопственичките права врз недвижниот имот

Комората на друштва за геодетски работи, во соработка со Стопанската комора на Македонија ќе отпочне општествено-економска кампања со цел подигнување на јавната свест од важноста и значењето на уредувањето на сопственичките права на сопствениците на недвижен имот.

Ваквата кампања ќе биде исклучиво насочена кон постојните и идни сопственици на недвижен имот, со цел да се укаже на потребата од правилно и непречено користење на имотот, како и негово правилно управување, отуѓување и купување.

Детектираните проблеми, чие решавање е од интерес на секој обичен граѓанин – сопственик на недвижен имот, понатаму на  стопанството во целина, но и општо на самата држава, се однесуваат на следните случаи:

1. Потребата од извршување на геодетски премер при купопродажба на недвижен имот без разлика дали се работи за парцела, постоен објект, објект со парцела, посебен дел од зграда – стан итн. од страна на лиценцирана геодетска компанија, а со цел да бидат утврдени точната површина, границите на предметна парцела и сите останати работи кои се однесуваат на недвижноста, а се регистрирани во јавната книга – Катастар на недвижности. Ваквата потреба се јавува врз основа на искуството кај голем број сопственици, кои по извршената купопродажба на недвижен имот се соочуваат со проблеми поврзани со меѓите и границите со своите непосредни соседи, но и со површините на своите парцели и објектите, по што несакајќи влегуваат во спорови кои најчесто завршуваат како судски спорови кои чинат потрошено време, финансии, неизвесност и застој во планираните инвестиции.

 2. Проблемите кај постарите објекти, посебно кај становите, најчесто градени пред 2000-та година, чија реална површина не соодејствува (истата е помала) со површината, којашто е регистирана во Катастарот на недвижности, а е идентична со квадратурата на правниот основ согласно којашто секој сопственик годишно го плаќа данокот на имот. Овие проблеми се провлекуваат уште од многу одамна, кога Катастарот при т.н. систематско излагање на податоците од јавен увид, за потребите на востановувањето на Катастарот на недвижности вршел премер на овие посебни делови од згради, но ги запишувал површините со 75 % од габаритната површина на целиот објект, или не ги пресметувал површините на терасите, балконите, лоѓиите и сл., а сето тоа поради тогашниот начин, техника и методологија на масовното прибирање и обработување на просторните податоци. Вакви карактеристични објекти постојат во скопските населби: Капиштец, Чаир, Карпош, Аеродром, но и во други населби и во сите други градови низ државата.

 3. Недвижностите кои сè уште во постојниот Катастар на недвижности се со незапишани права на сопственост. Постојат многу парцели, објекти, станови кои се во нечие владение и користење, но за истите поради различни причини при востановувањето на Катастарот на недвижности, односно, при т.н. излагање на податоците од јавен увид, останале без запишано право на сопственост, па денес официјално во јавната книга истите немаат запишан сопственик.

4. Секој сопственик на посебен дел од зграда мора да има право на заедничка сопственост или друг облик на сопственост врз заедничките делови од зградата, земјиштето под зградата и дворното место, односно на целата градежна парцела, којашто е формирана при добивањето на потребното одобрение за градење. Ваквото право го имаат сите сопственици на посебни делови од згради, оние кои се постојни и сите идни сопственици. Денес ова право на сопствениците мора да им биде запишано уште при склучување на купопродажниот договор, а потоа и при солемнизацијата кај нотар.

5. При склучувањето на договорите за купопродажба, посебно денес, многу актуелни договори за купопродажба на станови, сите потенцијални сопственици треба да внимаваат и да склучуваат договори за купување на недвижности, кои се во согласност со позитивните законски прописи, односно недвижности кои во различен облик се укнижени или прибележани во единствената јавна книга – Катастар на недвижности (запишани со различен облик на сопственост, предбележани и сл.), а притоа истите да бидат „чисти“ без одредени ограничувања, забрани и сл.

Дополнително во овој таргет, би сакале да ја потенцираме потребата за особено внимание на обликот врз правото на сопственост, кое право понатаму се пренесува при склучување на купопродажните договори, односно да се прави разлика на правото на сопственост во идеален дел 1/1 со другите облици на сопственост, а особено на правото на сосопственост, каде повеќе сопственици имаат различен или ист идеален дел, но тоа во  реалноста значи дека таквото право на сопственост не е идеално прецизирано помеѓу самите сосопственици, а имотот (недвижноста) не е физички поделен/а. Притоа сите сосопственици имаат заеднички права и обврски поврзани со тој имот (користење, одржување, продажба само на својот дел итн.), за разлика од имотот кој има право на сопственост со идеален дел 1/1.

Преку оваа кампања, замислено е да бидат повикани сите сопственици на недвижен имот, да извршат увид во своите исправи и доколку имаат потреба за надминување на некои од погоренаведените таргет-проблеми да се обратат во некоја од лиценцираните геодетски компании во насока на уредно и квалитетно решавање на проблемите на сопствениците на недвижен имот, поврзани со (незапишаните) сопственички права.

Првично осмислениот и најавен слоган, наменет за оваа кампања беше „ПРЕМЕРИ, ПА КУПИ“, но, како се разработуваше идејата за потреба од ваква кампања, се дојде до заклучок дека слоганот е потребно да биде модифициран/проширен, со цел да биде идеално прилагоден кон идејата на оваа кампања. Новиот слоган ќе биде официјално претставен со официјалниот почеток на кампањата.

Автор: Комора на трговски друштва за геодетски работи на РМ

Испрати коментар

Scroll To Top