Насловна / Архитектура / Овој европски град е прогласен за најшарен во светот

Овој европски град е прогласен за најшарен во светот

Патниците повеќе не избираат нови дестинации врз основа на културата и историјата, туку според тоа како изгледаат на фотографиите. Визуелниот впечаток стана еден од најважните фактори во туризмот, поради што една нова студија се обиде да измери колку еден град може да биде шарен – а еден во Европа се издвојува по својата богата палета.

Боите станаа новата валута на патувањето, бидејќи колку е визуелно повпечатлив еден град, толку е поголема веројатноста да заврши на листата на желби (и на социјалните мрежи). Анализата опфатила дури 78 дестинации познати по своите живи бои, а за најшарен град во светот е прогласен: Лисабон. Според истражувањето на ирската компанија „Just Cover“. Според фотографиите од португалската престолнина, идентификувани се повеќе од 2,6 милиони различни нијанси.

Лисабон

Лисабон е препознатлив по своите фасади во пастелни бои, керамичките плочки што ги покриваат зградите и познатите жолти трамваи што се пробиваат низ тесните улички на старите населби како Алфама. Комбинацијата од светлина, бои и текстури го прави градот да личи на сценографија, што го прави исклучително фотогеничен.

Лисабон

На второ место е Куала Лумпур, главниот град на Малезија, каде што остри контрасти се гледаат на секој чекор. Свремените облакодери стојат покрај традиционалните храмови и богато украсените згради, додека скалите во боите на виножитото во пештерите Бату, иако не се наоѓаат во центарот на градот, се еден од највпечатливите визуелни симболи на областа.

Куала Лумпур

Порто го освои третото место, дополнително потврдувајќи ја доминацијата на Португалија на оваа листа. Како и Лисабон, Порто се издвојува со своите шарени куќи, покриви од теракота и погледи на реката Доуро, додека калдрмата и историските вински визби ја надополнуваат атмосферата.

Порто

Четвртото место припадна на Картахена, пристанишен град во Шпанија, познат по своите светли фасади и богати бои. Жолтата Саат кула на влезот во Стариот град особено се издвојува, додека улиците со куќи во различни нијанси и балкони полни со цвеќиња дополнително го засилуваат впечатокот за живописност.

Картахена

На петтото место е Рио де Жанеиро, каде што на фотографиите се идентификувани повеќе од 2,3 милиони различни бои. Една од најпознатите атракции се скалите Селарон, покриени со шарени плочки во жолта, сина и зелена боја, кои привлекуваат голем број посетители секоја година.

Рио де Жанеиро

Меѓу 15-те најживописни градови, значајно место завземаат и дестинациите во Америка, како што се Гванахуато, Хавана, Њу Орлеанс, Антигва и Њујорк. Нивната препознатливост се гради врз шарената архитектура, но и врз динамичните улици исполнети со реклами и неонски светла.

10 најшарени градови во светот:

  1. Лисабон – 100
  2. Куала Лумпур – 94,5
  3. Порто – 91,6
  4. Картахена – 91,4
  5. Рио де Жанеиро – 89,1
  6. Гванахуато – 71,2
  7. Хавана – 70,6
  8. Ханој – 69
  9. Њу Орлеанс – 67,1
  10. Меделин – 65,7

Испрати коментар

Scroll To Top