Во склоп на „Неделата на одржлива енергетика на ЕУ“ (EUSEW), на истакнати поединци и организации кои ја задвижуваат енергетската транзиција на Европа, ќе им бидат доделени EUSEW награди. Жирито изма избрано девет финалисти во три категории: иновации, локална енергетска акција и жена во енергетиката, а сега е во тек јавното гласање.
Јавното гласање се одвива преку интернет и отворено е до 1-ви јуни. Можно е да се поддржи по еден финалист во секоја од категориите. Победниците ќе бидат објавени на церемонијата на доделување на наградите во Брисел на 10-ти јуни.
Во категоријата иновации, финалистите се извонредни проекти финансирани од ЕУ, кои се во тек или се неодамна завршени, а покажуваат иновативен и оригинален пристап кон енергетската транзиција и даваат видливи резултати. Холандската компанија AquaBattery стартувала пилот проект за батерија за долготрајно складирање на енергија (LDES) од обновливи извори. Вториот финалист е проектот LIFE4GreenBroadband во Хрватска, кој го имплементира телекомуникацискиот оператор A1 Hrvatska. Целта е намалување на емисиите во секторот телекомуникации преку воведување на соларни панели и системи за пасивно ладење на базните станици. Третиот финалист е шпанско – италијанскиот проект LIFE Turbines. Станува збор за развој на паметни градови и производство на електрична енергија со користење на вишокот притисок кој се јавува во градскиот водовод.
Во категоријата локална енергетска акција, финалисти се проекти за енергетска транзиција на заедниците во Вилниус (Литванија), Хановер (Германија) и Отербек (Белгија).
За наградата „Жена во енергетиката“, номинирани се: Кармен Санчез Гевара, шпански архитект и професор која се истакнува во борбата против енергетската сиромаштија; Софи Лотс, која се занимава со енергетските задруги во Белгија, како и со климатска акција со фокус на енергетската ефикасност и енергетското реновирање на згради; Стела Кани, професор на Универзитетот во Атина, која се заминава со академски истражувања од областа на енергетските политики.