Насловна / Архитектура / Објавени победниците на конкурсот за Новиот колекционерски центар на Унгарскиот музеј за природна историја

Објавени победниците на конкурсот за Новиот колекционерски центар на Унгарскиот музеј за природна историја

Победниците на меѓународниот конкурс за проект за Новиот колекционерски центар од 43.000 квадратни метри за Унгарскиот музеј за природна историја во Дебрецин се Sordo Madaleno со építész stúdió и Buro Happold.

Победничкиот тим е избран од потесен избор од дванаесет архитекти за историскиот научен центар. Ова е првиот културен проект во Европа за Sordo Madaleno, мексиканска архитектонска фирма од трета генерација со канцеларии во Мексико Сити и Лондон.

Унгарскиот музеј за природна историја преместен е од Будимпешта на работ на Големата шума во Дебрецин како дел од значајниот развој на урбаната и академската инфраструктура во вториот по големина град во земјата.

Фокусиран на регулирано складирање и проучување на речиси 11 милиони предмети, Новиот колекционерски центар на Sordo Madaleno со építész Súdió и Buro Happold, се наоѓа во Научниот парк на Универзитетот во Дебрецин, околу четири километри од новата зграда на Природонаучниот музеј.

Новиот центар е структура проектирана да зачувува и инкубира, придржувајќи се кон едноставното размислување и грациозната функција на традиционалниот унгарски глинест сад.

Издолжената правоаголна зграда со димензии 141 на 83 метри се смета за цврст, елементарен и безвременски дизајн, црпејќи инспирација од истражувањето на проектантскиот тим за занаетчиските традиции и материјалната историја на регионот, каде што глинените и земјените садови долго време се користеле за конзервирање на производите.

Центарот е основан за долгорочно генерирање и зачувување на знаење, ефикасни истражувачки операции и контролирано складирање. Карактеристика на центарот е неговата слоевита фасада од тули, која алудира на геолошкото и материјалното минато на Унгарија со користење на различни делови на земја за производство на тули.

Дисциплините на Центарот – геологија, фосили, животински свет, човечка активност и екологија – како и неговата цел за разбирање на биолошката и геодиверзитетот не само на Карпатскиот басен, туку и на целата планета, се материјално претставени со тоновите тула.

Со своите ниски полиња и пространи хоризонти, монолитната форма на зградата е оживеана од овие мали разлики. Идејата на објект наменет за безбедност, конзервација и грижа за колекциите е зајакната со јасна точка на пристигнување.

Планот е радикално јасен и гарантира најдобри можни технички и еколошки перформанси. Три ката и подрум ги сочинуваат трите главни подрачја.

Поделени се на 28.000 квадратни метри архивски простор, 6.000 квадратни метри студиски простори со конзерваторски лаборатории и топол, трикатен атриум за гостувачки истражувачки експерти и студентски групи.

Избрани предмети од музејската збирка изложени се во атриум осветлен одозгора, создавајќи изложбен и галериски простор со предавални што можат да се користат за настани.

За истражувачите, студентите и образовните организации, ова го прави совршен јавен објект. Внатрешните дворови се користат за обезбедување контролирана светлина и вентилација во просториите за учење и лаборатории што вработените ги користат секојдневно.

Ова обезбедува удобни работни простори со прекрасен поглед, а при тоа да не се жртвуваат строгите стандарди за заштита што ги бараат музеите.

„Вработените во Центарот се чувари на предметите, а архитектурата станува продолжение на тоа управување“, рече Fernando Sordo Madaleno.

„Во рамките на оваа слоевита екологија на грижа, објектот не е врамен како изолиран артефакт, туку како олицетворение на животните светови и пејзажи што негуваат реципрочни односи.“

„Нашата зграда ја одразува оваа взаемност, обезбедувајќи простор на единство помеѓу конзерваторот, засегнатите страни, архитектурата и животната средина“, додава Madaleno.

Жирито истакна дека победничкиот проект на Sordo Madaleno со építész stúdió и Buro Happold добро ја исполнува улогата на институција за поддршка со својата оптимална просторна организација за скалдирање, студиските простори и лабораториите, а воедно обезбедува долгорочно зачувување на колекциите, непречено работење на истражувањата, како и ефикасно спроведување на меѓународната научна соработка.

Нагласено е дека проектантскиот тим посветил особено внимание на одржливоста, безбедноста и иновативните логистички решенија поврзани со колекциите, за Центарот да може да се истакне како научна база за поддршка на Унгарскиот музеј за природна историја.

Испрати коментар

Scroll To Top