Насловна / Арт и дизајн / Машко – женска столица

Машко – женска столица

Кога во 1963 година англискиот весник „Дејли њуз“ распишал необичен конкурс за дизајн на столици наменети за мажи и наменети за жени – „The He Chair“ и „The She Chair“, Грете Јалк (1920 – 2006) учествувала и ја освоила првата награда. Таа одговорила на предизвикот на следниот начин: една иста столица изработена од пресуван и моделиран шпер, ја дуплирала и едната ја означила со „The He Chair“, а другата со „The She Chair“. Така го изразиласвојот став за (не)разликата на столиците кога станува збор за родовите разлики.

Додека другите дизајнери кои учествувале на овој меѓународен конкурс се обидувале да откријат што е тоа важно што може да го разликува начинот на кој седи жената од седењето на мажот, таа одговорила на свој начин дека нема разлика, барем кога станува збор за полот.

Друго прашање е како седат луѓето на работна маса, а како на трпезариска маса, која е разликата помеѓу седење во чекална на аеродром и седење пред лекарска ординација, или седење дома и седење на јавни места. Јасно е дека столица за парк се разликува од столица за театар, а барска од инвалидска. Но, машка од женска?!

И мажите и жените имаат ‘рбет, имаат задник, колена, потколеници и натколеници, стапала. Исто како што мажот може да биде висок 150 сантиметри, така и жената може да биде висока 180 сантиметри. Тој може да тежи 70 килограми, а таа може да тежи 100 и обратно. Сето ова се елементи што влијаат на квалитетот на седењето, а на луѓето ќе им биде удобно ако изберат столица според потребите на телото и намената.

Замислете само „столици за мажи“ и „столици за жени“ во јавниот превоз: во автобуси, авиони или на палубата на бродовите? Замислете го незамисливото. Грете на свој начин одбила да учествува во злоупотребата на дизајнот за сензационалистички цели.

Грете Јалк (1920–2006)

Данската дизајнерка била позната како репрезентативен експерт кога станува збор за мебел за седење направен од свиткан шпер. Студирала странски јазици и филозофија на Универзитетот во Копенхаген, а потоа завршила студии по дизајн на Кралската академија на уметностите, каде што нејзин ментор била прочуениот Каре Клинт. Тесно соработувала со списанието за дизајн на ентериери Mobilia, каде што придонела за афирмација на данскиот дизајн. Објавила обемно, четиритомно дело за данскиот мебел. Во 1953 година основала сопствено студио за дизајн во Копенхаген, каде што дизајнирала мебел по узор на Алвар Алт и Чарлс Имс. Во соработка со најдобрите производители, успеала да создаде свој, препознатлив стил. Редовно изложувала мебел на Миланските триеналиња, каде што добивала награди и истовремено, никогаш не пропуштала можност да ги промовира вредностите на данскиот дизајн преку јавно говорење и пишување во бројни медиуми. Врвот на нејзината кариера се совпаѓа со времето кога данскиот дизајн на мебел имал првокласен углед во светски размери.

Испрати коментар

Scroll To Top