Насловна / Вести / Корона вирусот го исчисти светот од загадувањето

Корона вирусот го исчисти светот од загадувањето

Поради воведување карантини и строги ограничувања на движење низ цела Европа, во делови од Кина и Индија и последователно намалување на сообраќајот со автомобили и други активности, загаденоста на воздухот е значително намалена во поголемите европски градови. Ова е потврдено со најновите податоци на ЕСА, објавени кон крајот на минатата недела, засновани на слики од сателитот „Copernicus Sentinel-5P“.

Во среде пандемијата на корона вирусот, небото над делови од Кина и Италија е расчистено што може да се види на сателитските слики, а венецијанските канали повторно станаа јасно чисти, човештвото стана свесно колкава штета ѝ правело на природата.

Во Тајланд и Јапонија животни шетаат по улиците, а намалено загадување има и во САД, откако милиони Американци не одат на работа, додека школите и јавните места се затворени, а сообраќајот е намален.

Foto 1_resize

Foto 8_resize

Се појави надеж меѓу активистите за животна средина дека лидерите сега сериозно ќе го сфатат прашањето за климатските промени и ќе преземат порешителни активности што можеби не се толку драстични, но ќе спасат животи на долг рок.

Ширењето на Ковид 19 ги отвора прашањата за човековото влијание врз животната средина и за тоа дали непосакуваната ситуација може да даде нови насоки во борбата против загадувањето и климатските промени.

ВРСКА МЕЃУ КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ И ВИРУСИТЕ

Дали пандемијата на новиот вирус и климатските промени имаат некаква врска? Краткиот одговор е „многу малку“, но генерално – сè е поврзано, вели американскиот климатолог Кетрин Ејхо за Њујорк Тајмс. Потоплата планета фаворизира ширење на вируси предизвикани од комарци или крлежи, бидејќи нивното живеалиште се шири со затоплување, но Ковид 19 го пренесуваат луѓето. Според некои студии, потоплата клима има лошо влијание врз нашиот одбранбен систем и постои подлабока врска меѓу загадувањето и подложноста на болести. Согорувањето на фосилните горива ослободува не само гасови што ги менуваат климатските услови, туку и гасови што го загадуваат воздухот и го уништуваат здравјето. Студиите покажаа дека таму каде што е загаден воздухот, луѓето веројатно ќе страдаат од респираторни заболувања. Во Кина, во времето на епидемијата САРС пред 17 години, смртноста беше двојно поголема во позагадените области. Накратко, климатските промени се фактор што го размножува ризикот и го влошува секој проблем.

Foto 2_resize

Вај Колиндивади, постдокторски соработник на Универзитетот во Антверпен, пишува дека глобалното затоплување и епидемијата на ваквите вируси го имаат истиот корен – во сегашниот економски модел, заснован на континуиран економски раст, на штета на околината од која зависи нашиот опстанок. Богатството, вода, фосилни горива, шуми, земја, руди се троши за производство на разни добра и се создава многу отпад. Тоа доведува до климатски промени, но во исто време има врска и со појава на вирус, бидејќи луѓето во потрага по ресурси нарушуваат различни природни живеалишта и се изложуваат на претходно непознати патогени.

Масовното производство на храна на фармите, исто така стана средство за мутација и појава на нови болести, пишува биологот Роб Волис во книгата „Голем грип од големите фарми“. Американскиот центар за контрола на болести проценува дека три од четири нови заразни болести доаѓаат преку контакт со животни. Ебола и корона вируси како МЕРС скокнале врз луѓето во нарушени природни живеалишта. Во случајот Ковид 19, ова се случи на пазарот во Вухан.

За тоа дали постои врска меѓу климатските промени и појавата на нови вируси, како Ковид 19, зборува д-р Арон Бернстин – експерт за животна средина и здравство на Харвард.

Тој во интервју за „Inside Climate News, се фокусира на две точки. Прво, дека загадениот воздух ги прави луѓето повеќе ранливи на респираторни инфекции и второ, дека климатските промени ги доведуваат луѓето во поблиски контакти со животните кои можат да шират болести. Бернстин вели дека погледнато во климатските промени, ја трансформиравме природата на Земјата. Имаме фундаментално променет состав на атмосферата, затоа не треба да бидеме изненадени што тоа влијае врз нашето здравје, додава тој.

ЕКСПЕРТИТЕ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТО

Пол Монкс, професор во областа на загадувањето на воздухот на Универзитетот во Лестер, верува дека има важни лекции што треба да се научат.

„Сега, ненамерно, спроведуваме експеримент од најголем обем досега. Дали гледаме во она што може да го видиме во иднина ако преминеме на ниско ниво на јаглерод? Не сакам да ја минимизирам загубата на животи, но ова би можело да ни даде надеж да излеземе од ужасната ситуација и да видиме што може да се постигне“, рече тој.

Монкс, кој е поранешен шеф на советодавниот одбор за квалитетот на воздухот на Владата на Велика Британија, рече дека намалувањето на загадувањето на воздухот може да донесе здравствени придобивки, но не може да направи надомест за губење на животот поради пандемија.

Foto 3_resize

„Голема е веројатноста дека намаленото загадување на воздухот ќе им користи на луѓето кои спаѓаат во ранливи категории, како што се оние со астма. Исто така, може да го забави ширењето на инфекцијата, бидејќи високите нивоа на загадување на воздухот придонесуваат за полесна инфекција бидејќи го засилува воспалението и го намалува имунитетот“, рече Монкс, додавајќи дека намаленото загадување на воздухот исто така може да доведе до развој на земјоделството бидејќи загадувањето се заканува на растот на растенијата.

Светската здравствена организација (СЗО) го опишува NО2 како „токсичен гас што предизвикува значително воспаление на дишните патишта“ кога неговата концентрација е над 200 микрограми на метар кубен. Честичките од загадување исто така можат да ги забрзаат патогените микроорганизми и да ги влошат постојните здравствени проблеми. СЗО сега истражува дали честичките во воздухот може да бидат еден од преносителите на корона вирусот што придонесува за заразата.

Foto 4_resize

Едно од најголемите падови на нивото на загадување може да се види над градот Вухан, во централна Кина. Според податоците објавени од НАСА, нивото на азотниот диоксид низ источна и централна Кина сега е од 10 до 30 проценти пониско од вообичаеното. „Ова е првпат да видам ваков драматичен пад на загадувањето на толку големо подрачје како резултат на одреден настан“, вели Феи Лиу, истражувач за квалитет на воздухот во центарот на НАСА за вселенски летови во Годард.

Нивото на NO2 исто така падна во Јужна Кореја, која долго време се бори со проблемот со високи емисии од многуте постројки што горат јаглен, како и од блиските индустриски постројки во Кина. Промените над северот на Италија сега се особено впечатливи бидејќи чадот од густите индустриски области инаку се задржува заради Алпите на крајот на Долината По, со што оваа област е една од фокусите на загадување во Западна Европа. Од изолацијата на земјата, нивото на NO2 во Милано и другите делови на северна Италија се намали за околу 40 отсто.

Foto 5_resize

„Тоа досега не е регистрирано. Имаше многу варијации во нивото на загадување во минатото поради временските услови, но намалувањето никогаш не траеше долго“, вели Винсент-Хенри Пејч, директор на Центарот за атмосферски мониторинг „Коперник“.

Застојот на активноста во срцето на индустриското производство во Италија придонесе за ова, а друг фактор е намалувањето на патниот сообраќај, за кое се смета дека е најголем придонес во емисијата на азот диоксид во Европа.

Пејч вели дека сателитите сега почнуваат да снимаат слични сигнали од други европски градови кои преминале во изолација, иако овие податоци мора да се следат подолг период за да се потврди шемата.

Маршал Бурк, економист за животна средина на Универзитетот „Стенфорд“, направил пресметка за неодамнешниот пад на загадувањето на воздухот во делови од Кина.

Според Бурк, голема е веројатноста животите спасени на локално ниво да ги надминат смртните случаи од Ковид 19 во Кина.
Двомесечното намалување на загадувањето веројатно спасило животи на четири илјади деца под пет години и 73 илјади возрасни над 70 години во Кина. Ова е значително повеќе од сегашниот глобален број на смртни случаи од самиот вирус.

ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ НОСИ ПОГОЛЕМА СМРТНОСТ ОД КОВИД 19

Загадувањето на воздухот е поврзано со повисока стапка на смртност од корона вирусот.

 

Американците кои живеат во места со повисоко ниво на загаденост од смог се изложени на поголем ризик од смрт од Ковид 19, според новата студија која укажува дека оштетувањето на ткивата поради корона вирусот се влошува со долготрајна изложеност на загаден воздух. Научниците од Харвардската школа за јавно здравје „Т.Х. Чан“ анализирале податоци од повеќе од три илјади американски окрузи за да утврдат дали постои поврзаност помеѓу малите зголемувања на долгорочната изложеност на мали честички на загадување и значително поголемата стапка на смртност од корона вирус.

Научниците ги пресметале долгорочните просечни концентрации на ситни честички на загадување кои ги оштетуваат белите дробови, ПM 2,5 честичките, од 2000 до 2016 година и ги споредиле со повеќе од седум илјади смртни случаи од Ковид 19 до 4 април.

Откриле дека зголемувањето од само еден микрограм на метар ПM 2,5 честички е поврзано со 15 отсто зголемување на стапката на смртност од корона вирус.

Foto 6_resize

Сателитските слики покажуваат помало загадување во САД како резултат на коронавирусот

Научниците ги објавија своите заклучоци пред објавувањето на трудот и без научни рецензии на истражувањето, во надеж дека податоците ќе може да се користат во спречувањето на смртноста од корона вирус.

Научниците од Харвард истакнуваат дека нивните нови откритија ја потенцираат важноста на мерките против загадувањето на воздухот во заштитата на човековото здравје за време и по епидемијата на Ковид 19.

Засега никој не може да каже до кога ќе трае кризата со епидемијата на новиот корона вирус, но ситуацијата укажува на потребата државите, активистите и граѓаните да ги зголемат свеста и напорите во борбата против загадувањето и климатските промени, за заштита на здравјето на луѓето и на планетата.

Брзиот одговор на пандемијата покажа дека општеството е во состојба да дејствува заедно кога ќе се соочи со сериозна криза. Дали е тоа можно дури и кога станува збор за заштита на планетата? Пораката до граѓаните е да задржат дел од своите нови навики: помалку да трошат, да патуваат помалку, да го намалуваат отпадот од домаќинствата и да купуваат повеќе во локалните продавници.

Foto 7_resize

Најнови снимки од сателитот Copernicus Sentinel-5 кои покажуваат намалени концентрации на азотен диоксид во неколку градови во Европа

Дарежливите економски пакети одат во спротивна насока

Климатолозите предупредуваат дека долгорочната пандемија ќе го забави делувањето против климатските промени. Дарежливите усвоени економски пакети не се „зелени“, а некои потези одат во спротивна насока.

Американската агенција за заштита на животната средина (ЕПА) ги олабави прописите за компаниите, одлучувајќи да не ги казни заради тековната криза, освен ако не ги следат и известуваат за загадувањето на водата и воздухот. Активисти за животна средина велат дека ова невидено ублажување на регулативата за поголемите загадувачи, вклучувајќи ја и петрохемиската индустрија, е „отворена дозвола за загадување“.
Невладините организации во Бразил пријавуваат слични проблеми. Староседелците од Амазонија се жалат дека пандемијата ја намалила заштитата на тропските шуми и нивните жители пред сезоната на пожари. Во некои делови, веќе се забележуваат ловците на злато бидејќи неговата цена скокна како резултат на кризата. Бразилската агенција за заштита на природата призна дека испраќа сè помалку и помалку луѓе на терен, поради ризикот од инфекција. Минатата година пожарите предизвикаа најголема штета во последната деценија. Премиерот на Чешка, земја зависна од јаглен, ја повика ЕУ да го напушти важниот закон со кој се предвидува нула емисија на јаглерод диоксид во одреден временски период. САД ќе заштедат милијарди долари од даночните обврзници од банкротот на авиокомпаниите, што најверојатно до 2050 година три пати ќе ги зголемат емисиите на штетни гасови.

Еколозите предупредуваат дека начинот да закрепнат економиите од пандемијата ќе биде клучен за борба против климатските промени и дека, ако најголемите загадувачи, големите корпорации и банките се спасуваат од банкрот, светот ќе биде уште поопасно место за живеење.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top