Конечно стасав, во едно дождливо февруарско утро во Матера. Дождот ја правеше Матера уште посива и подепресивна. Дојдов во градот во кој градбите се вкопани во карпите и се надвишуваат една над друга, а улиците поплочени со камен, имаат скали во облик на полжав. Матера, каква што е денес, во себе го содржи целото минато кое се протега низ илјадници години. Има многу што да се види.

Шетајќи наоколу, по стрмните и скалести улици на Матера, тоа дождливо утро, се обидов да го откријам минатото на овој град. Го наоѓав по ќошињата на улиците, во оградите на скалестите улици, во натопената со дожд калдрма, во прозорците на куќите во кои како да не живее никој. Погледот ми лута наоколу, по улиците и градбите.

Градовите се збир од многу нешта, сеќавања, желби, знаци од еден јазик. Целата Матера е еден испреплетен урбан систем кој се наоѓа на ритчиња со поглед кон долината Гравина, што придонесува за спектакуларниот пејзаж на Матера. Некогаш „срам на Италија“, стариот град преполн со пештери, ја има една од најдраматичните приказни на европските градови за повторното раѓање. Го отфрла своето минато станувајќи во 2019 заедно со Пловдив во Бугарија – Европски град на културата.

Матера е еден од најстарите градови на светот по Алепо во Сирија и Ерихон на Западниот брег во Палестина, каде што луѓето непрекинато живеат од праисторија до денес. Матера е единственото место во светот каде што луѓето можат да се пофалат дека сè уште живеат во истите куќи на нивните предци од пред 9.000 години. Заради камените формации и пештерите во кои живееле луѓето пред илјадници години, ја нарекуваат и „Кападокија на Италија“. Се наоѓа во јужна Италија во регионот Базиликата.

Покрај градот се наоѓа клисура низ која поминува реката Гравина. Матера е град познат по неговите камења. Овие камења, во Италија познати како „саси“, не се огромни како оние во Стоунхенџ. Тие се првите знаменитости во јужна Италија заштитени од УНЕСКО во 1993 години, и се двете антички области кои го сочинуваат големиот историски центар на градот.
Куќи, улички, бунари… Цели парчиња историја лежат во овие камења кои го опкружуваат најстариот населен предел во Матера, познат како Чивита. Камените конструкции играат клучна улога во овој напнат дијалог помеѓу човекот и природата, кој кулминира со неверојатна убавина. Камените живеалишта, црквите, улиците и камбанариите ќе ви го одземат здивот.

Саси ди Матера се всушност двата кварта Рионе Сасо Баризано и Рионе Сако Кавеозо, и тие се визуелни претставници на долговековната историја на која можете да бидете сведоци при разгледувањето на многуте необични детали. Туристите кои ја посетуваат Матера доживуваат нешто несекојдневно што го нема никаде во светот. Куќите, хотелите и рестораните се сместени во пештери, а улиците и гробиштата на крововите од куќите. Има околу 150.000 пештери и повеќе од 150 цркви и светилишта вдлабени во карпите.

Градот е и филмска мека, односно навистина позната филмска локација за многу филмски хитови. Поради својот „безвременски“ изглед, Матера беше позадина за бројни филмови, па покрај „Страдањето на Исус Христос“ на Мел Гибсон и „Нема време за умирање“ со Џејмс Бонд, тука се снимени и „Бен-Хур“ на Тимур Бекембетов од 2016, „Евангелието според Свети Матеј“ од Пјер Паоло Пазолини, „Тaјната на Алтамура“ на Дик Росано и многу други мегапопуларни филмски наслови. Режисерите сакаат да снимаат овде бидејќи градбите визуелно потсетуваат на древниот Ерусалим и не треба дополнително да се обработуваат снимките со компјутерски ефекти за да изгледаат автентично.

Овој дел од Апенинскиот Полуостров пред илјадници години го населувале номадски племиња, а во античко време бил грчка колонија. Потоа се менувале Римјаните, Арапите, Византијците, Норманите, Бурбонците, Арагонците. По обединувањето на Италија во 1870 година овој дел тоне во сиромаштија, како и целиот италијански југ. Матера станува длабока провинција. Тоа е првиот град во Италија кој им пружил отпор на Германците за време на Втората светска војна.

Во овој град ретко се умирало од старост заради мноштво на болести и мафијашки пресметки и бил една од најдобро чуваните тајни во Италија. Она што е уште поинтересно е дека до средината на 20 век, многу луѓе живееле овде без струја и вода, заедно со својата стока во истите пештери каде што со векови живееле нивните предци. За Матера, која долго време била заборавена, почнало да се зборува во италијанската јавност, откако лекарот, уметник и писател Карло Леви ги објавил во 1945 година своите мемоари „Христос застана во Еболи“. Леви, заради својот отпор кон фашизмот од страна на Мусолини бил прогонет во регионот Базиликата. Во мемоарите ги опишува сите стравотии и трагедиии кои ги доживеал во Матера. Леви вели дека христијанството никогаш не стигнало во овие краишта, дека владеело паганство, празноверие и беззаконие.

Левиевивата книга предизвикала многу паника во повоената Италија. Тогашниот италијански премиер лично заминал во Матера во 1950 година да се увери во пишувањето на Леви. Шокиран од она што го видел, наредил да се изгради нов дел со станбени згради подалеку од градот и таму да се преселат жителите на Матера. Преселените жители не можеле да се навикнат на новиот живот, а старата Матера се претворила во град на духови и почнала да пропаѓа.

Меѓутоа во осумдесеттите години од минатиот век млади луѓе по потекло од Матера, меѓу кои имало познати уметници и бизнисмени, почнале да ги реновираат пештерите кои државата им ги продала по цена за едно капучино. Во нив правеле хотели, ресторани и галерии.

Направиле здружение наречено „Спирални скали“ и ја промовирале Матера како локалитет кој има огромно историско значење за севкупното наследство на Италија. Привлекле археолози кои започнале со истражувања, а гласот за откритијата стигнал и до УНЕСКО.

Набрзо, во 1993 година, градот е ставен на листата на УНЕСКО за културно богатство и Матера почнала да привлекува финансиери и туристи. Во 2014 станува кандидат за Европска престолнина на културата, а во 2019 заедно со Пловдив се Европски културни престолнини. Таа сега е културно наследство не само на Италија туку и на целиот свет. Многу туристи со воодушевување трчаат да ги истражуваат улиците кои наликуваат на лавиринт, на овој древен град.

Она што треба да се види секако се црквите вдлабени во варовничките карпи. Се наоѓаат во самиот град како и во паркот на камените цркви од другата страна на реката Гравина. Тука е и црквата на Света Луција која е направена во пештера и се смета за една од најстарите цркви во светот. Една од скриените атракции на Матера е висечкиот мост „Ponte Tibetano della Gravina“, кој го поврзува градот со природниот парк Мургија, нудејќи спектакуларен поглед на кањонот и областа Саси. Криптата на првобитниот грев е една од највпечатливите.

Заради своите фрески ја нарекуваат и Сикстинската капела на црквите во карпите. Во Матера се одржуваат бројни културни манифестации, фестивали, вклучувајќи литературни вечери, филмски проекции на отворено и музички изведби во камените пештери. Со авионскиот лет од Скопје до Бари се стигнува за 50 минути и уште половина час со воз до Матера.
Матера не е само живописен камен град, тој е навистина жив споменик на човековата истрајност, убавина во скромноста и силата на културниот идентитет. Нешто што навистина треба да се види.
Текст и фото: Ангел СИТНОВСКИ, дипл. инж. арх.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија