Насловна / Вести / ИЗИИС носител на проектот EMERGE: Како до побрз и попаментен одговор по земјотреси

ИЗИИС носител на проектот EMERGE: Како до побрз и попаментен одговор по земјотреси

ИЗИИС е носител и го координира меѓународниот европски проект EMERGE, кој развива современа платформа за брза проценка на потреби, подобра координација и јакнење на капацитетите за одговор на земјотреси и свлечишта.

Кога ќе се случи силен земјотрес, времето е еден од најкритичните фактори. Во првите часови по настанот, институциите мора брзо да одговорат на низа прашања: колку луѓе се погодени, каде е најголемата штета, кои објекти и услуги се загрозени, дали локалните капацитети се доволни и дали е потребна дополнителна, па и прекугранична помош. Одговорот на овие прашања не смее да зависи само од проценката „на терен“, туку и од навремени, сигурни и систематизирани податоци.

Од последните поголеми земјотреси во регионот (Албанија, 2019)

Токму во таа насока е насочен европскиот проект EMERGE со целосен назив Rapid Multi-Risk Needs Evaluation and Planning Platform, чиј координатор е Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Проектот е финансиран од Европската Унија преку Union Civil Protection Mechanism (UCPM), во рамки на повикот UCPM-2024-KAPP, а се реализира во периодот од 1 февруари 2025 до 31 јануари 2027 година.

Проектот EMERGE има јасна и практична цел: да развие отворена, модуларна веб-платформа која ќе овозможи брза мултиризик проценка и планирање на потребите во раната фаза по катастрофа, особено по земјотреси и земјотресно-предизвикани свлечишта. Фокусот е ставен на пилот-регионот, прекуграничниот регион меѓу Северна Македонија, Албанија и Грција, простор што историски е изложен на силни сеизмички влијанија, а воедно бара и високо ниво на координација меѓу соседните држави. Во проектот се работи токму на тоа: науката, податоците, институциите и оперативните служби да се поврзат во една функционална целина што ќе помогне во побрзо и поефикасно донесување одлуки.

Она што го прави овој проект особено вреден е што тој не останува само во рамките на научна анализа или теоретско моделирање. Напротив, проектот е замислен како алатка што треба директно да им помогне на институциите надлежни за координација и заштита и спасување. Наместо да се застане само на прашањето, односно на одговорот „каква е опасноста“, EMERGE оди чекор понатаму и дава одговор на прашањата: што значи таа опасност во реалноста, колкави може да бидат последиците, кои потреби ќе се појават веднаш по настанот и дали постојните ресурси и капацитети се доволни за да се одговори навремено.

Во суштина, платформата треба да ја поврзе логиката опасност → штети → потреби → ресурси. Тоа значи дека земјотресот не се разгледува само како природна појава, туку како настан што може да предизвика жртви и повредени, оштетувања на објекти, прекин на витални услуги, проблеми со пристапност, дополнителен притисок врз болничките капацитети, потреба од привремено сместување и итни интервенции. Потоа, овие проценети последици се споредуваат со расположливите човечки, технички и институционални капацитети, за да се утврди каде постојат празнини и каде евентуално е потребна помош од соседните земји.

Проектот се надоврзува на претходниот европски проект CRISIS, исто така предводен од ИЗИИС, но значително истиот го надградува. Додека CRISIS воспостави основа за прекугранична проценка на сеизмички ризик кај одредени категории на инфраструктура, EMERGE ја проширува оваа рамка кон пооперативен и покомплетен систем. Новиот пристап опфаќа не само училишта, болници и мостови, туку и станбени, комерцијални и индустриски објекти, како и население од социоекономска ранливост. Дополнително, се воспоставува и база на податоци за ресурси, капацитети и способности на институциите за цивилна заштита, што ја прави проценката многу поблиска до реалните потреби на терен.

Особено е важно што во EMERGE силно се препознава македонскиот придонес, не само формално, туку и суштински. ИЗИИС е координатор на проектот и има централна улога во неговото концептуално обликување, методолошкиот развој, координацијата на партнерите и поврзувањето на научните резултати со потребите на крајните корисници. Покрај ИЗИИС, од Република Македонија во проектот активно учествуваат и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК), што му дава на проектот силна национална и институционална подлога. Ова е особено значајно затоа што покажува како научноистражувачка установа и национални институции можат заеднички да работат на решенија што имаат директна примена во управувањето со ризици и кризни состојби.

Покрај партнерите од Македонија, конзорциумот вклучува и реномирани институции од повеќе европски земји. Во проектот учествуваат: EUCENTRE – European Centre for Training and Research in Earthquake Engineering, Италија; AUTH – Aristotle University of Thessaloniki, Грција; UPT-FCE – Polytechnic University of Tirana, Faculty of Civil Engineering, Албанија; IUSS – University School for Advanced Studies Pavia, Италија; NOA – National Observatory of Athens, Грција; AKMC – National Civil Protection Agency of Albania, Албанија; PPI – Prepared International, Германија; JBI – Janson Bridging International BV, Холандија; и INFRATECH, Албанија. Ваквата структура на партнерството покажува дека EMERGE има силна научна, институционална и практична основа, а воедно и јасна европска димензија.

Посебна вредност на проектот е и јакнењето на капацитетите. EMERGE не се сведува само на изработка на платформа, туку претставува и процес на учење, координација и институционално поврзување. Преку работилници, технички состаноци, размена на искуства и заеднички активности, партнерите работат на развој на заеднички пристапи и подобра интероперабилност. Тоа е особено важно во прекуграничен контекст, каде што различните системи, бази на податоци и административни практики често претставуваат пречка за брза и усогласена реакција. EMERGE придонесува токму тука, во создавање заедничка основа за разбирање, комуникација и делување.

Прва работилница во Тирана, Албанија (7.3.2025)

Втора работилница во Солун, Грција (5.2.2026)

Во тој контекст, многу значаен е и сегментот поврзан со мрежите за силни земјотреси и размената на податоци во речиси реално време. Проектот вклучува активности за подобра интеграција на регионалните капацитети и нивно поврзување со ORFEUS-EIDA, европската инфраструктура за сеизмолошки податоци. Ова не е само технички чекор, туку суштинска придобивка за целиот регион: подобри и побрзи податоци за движењето на тлото, значат подобра проценка на последиците, а тоа директно влијае врз квалитетот и брзината на одговорот. За Република Македонија, ова претставува и значајно меѓународно позиционирање на националните капацитети во поширок европски контекст.

Проектот EMERGE истовремено покажува и нешто многу важно: подготвеноста не почнува по катастрофата, туку пред неа. Затоа проектот има и силна превентивна и планерска димензија. Освен за брза реакција по земјотресен настан, платформата ќе може да се користи и за подготвителни сценарија, вежби, симулации и подобро планирање на мерките за намалување на ризикот. На тој начин, EMERGE не е само алатка за кризни состојби, туку и инструмент за долгорочно унапредување на отпорноста на регионот.

За читателите на ПОРТА 3, ова е важна порака, современото справување со катастрофи веќе не се базира само на искуство и добра волја, туку сè повеќе на паметно користење на податоци, научни модели, дигитални алатки и прекугранична соработка. Во една таква слика, лидерската улога на ИЗИИС во проект како EMERGE има особено значење. Таа покажува дека македонското знаење, експертиза и институционално искуство не се само дел од регионалните процеси, туку и нивен двигател.

Проектот EMERGE всушност е пример како една научна идеја може да прерасне во практично решение со директна општествена вредност. Со поврзување на истражувањето, технологијата и институциите, проектот придонесува за побрз, поусогласен и поинформиран одговор во моменти кога тоа е најпотребно. А тоа е вредност што ја надминува рамката на еден проект и станува инвестиција во безбедноста, подготвеноста и отпорноста на целиот регион.

Автор: проф. д-р Радмила ШАЛИЌ-МАКРЕСКА, координатор на EMERGE-проектот

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top