Насловна / Вести / IN MEMORIAM Звонимир Вукелиќ (1942 – 2016)

IN MEMORIAM Звонимир Вукелиќ (1942 – 2016)

 

zvonimir vukelic crno bela

На 18 март почина професорот д-р Звонимир Вукелиќ

Со своето дело, професор Звонимир Вукелиќ остави траен белег во историјата на факултетот. Како респектиран наставник на Катедрата за водоснабдување, канализација и мелиорации, професорот Вукелиќ ќе остане во трајно сеќавање на неговите студенти, генерации инженери, дел од нив денес професори на Градежниот факултет.

Професор Звонимир Вукелиќ целиот свој живот го посвети на развојот на  научната мисла од областа на хидротехниката, а посебно во делот на водоснабдување, канализација и мелиорации и зад себе остави трајни вредности со кои задолжи многу генерации.

Звонимир Вукелиќ е роден на 5 април 1942 година во Бања Лука. Основно училиште завршил во Мојковац, а средно техничко градежно училиште во Белград. Во учебната 1961/62 година се запишал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје, каде што и дипломирал во 1966 година на хидротехничката насока.

По дипломирањето, до стапувањето на Техничкиот факултет во Приштина во звањето доцент (1975 година), тој работел како проектант во Заводот за студии, проектирање и надзор на Генералната дирекција на Југословенските железници во Белград; раководител на објект во ГП „Пелагонија“ и ГП „Гранит“ во Скопје; главен проектант и раководител на хидрогрупата во претпријатието „Косметпројект“ во Приштина; директор на Водостопанската организација „Косово-хидротехника“ во Приштина; генерален директор на Општото здружено водостопанско претпријатие „Косово“ во Приштина и технички советник во претпријатието „Далмација – цемент“ од Сплит за Македонија.

Во 1981 година е избран за вонреден, а во 1986 година за редовен професор на Техничкиот факултет во Приштина, за предметите хидраулика и хидрологија. Од 1987 до 1995 година е вонреден професор на Градежниот факултет во Загреб за предметот хидрологија. Од 1 октомври 1995 година е редовен професор на Градежниот факултет во Скопје.

Во текот на  работниот стаж престојува во странство, и тоа: на специјализација во 1972 година во Water Division of the City of Buffalo, USA; во 1975 година на Градежниот факултет во Москва; во 1979 година на Политехника во Краков; во 1985 година на Политехника во Јаши (Романија); во 1981 година на постдокторски студии на University of Florida, USA и во 1998 година на BOKU во Виена.

Во наставната дејност на Градежниот факултет во Приштина, на Градежниот факултет во Gainesville (Florida,USA), на Градежниот факултет во Загреб, на Геотехничкиот факултет во Вараждин, на  Градежниот факултет во Скопје и Факултетот за инженерство на животната средина во Скопје, држи предавања за предметите хидрологија, хидраулика, регулација на водотеци, пловни патишта и пристаништа, хидротехнички мелиорации, стопанисување со водите, комунална хидротехника и моделирање на хидротехниката на додипломските студии и параметарска и стохастичка хидрологија на постдипломски студии. Беше ментор на повеќе магистранти и докторанти.

Има издадено голем број книги: Хидраулика (Приштина,1987), поглавје 2.3 Господарење водама во книгата  „Метеорологија у служби човјека“ (Загреб, 1996), поглавје во книгата „Предлог дефиниција учесталих водопривредних граѓевина на отвореним водотоцима“ (Загреб,1996), Хидрологија (Загреб, 1992), Методе прочишќавања и санације отпадних и других вода (Вараждин, 1992), Моделирање у хидротехници и геотехници (Вараждин, 1995), Комунална хидротехника (Вараждин, 1995), Задаци из хидротехнике (Приштина, 1976), Хидротехнички номограми (Приштина, 1976), Чист град – поздрава животна средина (Вукелиќ, З., Спасовски, Н., 1999) и преведена книга Urban Solid Waste Management (Скопје, 1998).

Како инженер работи на повеќе студии и проекти за надворешни и внатрешни водоводи и канализации, регулации на водотеците, системи за наводнување и други водостопански објекти.

Има учествувано во изработка на поголем број научно-истражувачки проекти, како водител на проектите, има објавено голем број печатени реферати во списанија и околу 80 објавени реферати на симпозиуми, конгреси, конференции и советувања.

Има изработено околу 200 проекти од областа на водовод, канализација, регулација на реки, мелиорации и други водостопански објекти и  учествувано во надзор и изведба на различни објекти.

Професор Вукелиќ, со нему својствениот ентузијазам и љубов кон работата, со своето залагање и стручните резултати, стекна доверба и затоа високо беше ценет во средината во која работеше.

По повод смртта на професорот Вукелиќ денес на Градежниот факултет во Скопје беше одржана комеморација.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top