Насловна / Архитектура / Трансформација на модернистичко архитектонско наследство во Скопје

Трансформација на модернистичко архитектонско наследство во Скопје

Во втората половина на 20 век во Македонија, по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, се случува голема обнова и реконструкција на градот, со што се создава комбинација од модернистички и бруталистички згради од најразлична намена, од кои голем број претставуваат икони за тоа време. Моментално сите се наоѓаат во различна состојба, помалку или повеќе лоша, дел се функционални, но поради нередовното тековно одржување и зачувување, и времето што си го прави своето, некои од нив се запуштени.

Дали сме свесни за значењето и за влијанието на овие објекти? Може ли секој еден да ја препознае вредноста на оваа архитектура или потребно е специфично знаење за нејзино разбирање? Како поединците гледаат и ја вреднуваат оваа архитектура во својот контекст?

Поради очигледното недоволно вреднување и одржување, се појавуваат поединци, група на граѓани, студенти, организации, кои преку свои сопствени иницијативи и акции, придонесуваат за заживување и обид за правење на оваа архитектура забележлива од пошироката јавност и обид истата да се реанимира.

На кои начини поединците активно учествуваат во оживувањето на овие објекти преку своите иницијативи и активизам, и какво влијание имаат врз свеста на јавноста за значењето на оваа архитектура? Како ја прават повидлива и забележлива, како и колку се ефективни нивните напори во создавање на посвесен и активен градски простор?

На оваа тема и на овие прашања разговаравме со колеги, граѓани, стручни лица, поединци кои активно се занимаваат со темата на модернистичката архитектура и преземаат чекори за нејзина валоризација. Со дискусијата навлеговме длабоко во темата на трансформација на објектите од модерната архитектура во Скопје и проблемите со кои се соочуваат истите. Најголем предизвик е подигање на свеста и знаењето на јавноста и институциите на оваа тема, како и можноста да се делува на ревитализација, адаптивна реупотреба и воопшто одржување на објектите од модернистичкото наследство кое го имаме како оставина од постземјотресната обнова на Скопје, и за кое не сме доволно свесни и ажурни.

Поради наведеното BIG SEE, платформа чија главна цел е да ги забележи, разбуди и меѓусебно поврзе креативните и економските потенцијали на регионот на Југоисточна Европа, кој опфаќа 21 држава меѓу кои спаѓа и Македонија, организираше дебата на тема  „Трансформација на модернистичко архитектонско наследство  во Скопје“, на која јас бев модератор, а се одржа на 21 март  во просториите на Аудио Култура во Скопје.

Учесници на оваа дискусија беа проф. д-р Ана Ивановска-Дескова, архитект и професор, автор на бројни изложби и истражувачки проекти, со фокус на модерната архитектура во Скопје, и постземјотресната обнова во 1963 година, Филип Јовановски, архитект и визуелен уметник, со интердисциплинарен пристап, користејќи ги просторните-архитектонски визуелни интервенции во јавен простор како најчесто уметничко изразно средство, Мила Гавриловска, фотограф и студент по архитектура, со интерес за документарна и архитектонска фотографија со фокус на модернистичката архитектура и Ирина Тошева, модна дизајнерка, користејќи ја моќта на модата за поддршка на различностите, одржливост и општествени промени и добитник на неколку награди за одржлива мода.

Низ дискусијата проф. Ана Ивановска-Дескова зборуваше за значењето на модернистичката архитектура и за постземјотресната обнова на Скопје, препознавање на нејзината вредност и значење, преку бројни изложби и истражувачки проекти на оваа тема со која се занимава долго време. Заедно со Филип Јовановски разговараа и за важноста на вклучувањето на студентите во неформални активности преку интервенции во јавниот простор, читање на зградите, а и нивно поврзување со театарот, видео, филм и визуелна уметност. Ирина Тошева, како модна дизајнерка, преку својата последна колекција „Синхронија“ во која се прикажани илустрации од бруталистичко Скопје, ни покажа како успеа да ја претвори архитектурата во друг медиум, односно модни дизајни и уникатни парчиња со кои го освои и Катар на културниот дел на Експо 2023 во Доха, а доби награда за најдобра одржлива мода.

Иако е сè уште студент, Мила Гавриловска, преку фотографијата ги доловува деталите на модернистичката архитектура, а воедно го документира и модернистичкото наследство. Преку објавување на документарниот материјал, зборуваше за големото влијание на социјалните мрежи и онлајн платформите за промоција на оваа архитектура и моќта преку истите да се делува во однос на запознавање со објектите и позитивните реакции кои ги добива од сите оние до кои стигнуваат фотографиите. Меѓусебната соработка е клучна во опфаќање на повеќе различни сегменти, а архитектите се спремни за соработка со лица и од друга област, со цел добивање побрзи и поефективни резултати.

Состојбата на дел од објектите е навистина лоша, а со ненавременото и воопшто со неодржување на овие објекти губиме голем дел од модернистичкото архитектонско наследство на Скопје. И покрај обидите на студентите, граѓаните, стручните лица и останатите независни поединци за одржување на овие објекти живи, преку свои иницијативи, сепак институциите се тие кои имаат најголема моќ и мора да преземат чекор за решавање на овој проблем.

Големата заинтересираност на јавноста за посетеност на оваа дебата, е доказ дека ни се потребни повеќе настани и дискусии од овој карактер и теми кои нè засегаат сите.

Како координатор за BIG SEE во Македонија, покрај содржинската и техничката организација на дебатата, како и нејзино модерирање, имам задача да ги истражувам и запознаам креативните поединци и индустрии на територијата на Македонија и истите да ги претставам на  нашата платформа преку социјалните мрежи, а со тоа креирајќи еден заеднички профил на креативци од државата и регионот.

Со платформата BIG SEE и со Змаго Новак, главниот извршен директор, се сретнав неколку пати преку социјални мрежи, архитекти, дизајнери и слично, но лично се запознав минатата година за време на моите Еразмус студии во Љубљана, кога го посетив настанот за доделување на награди за изведени архитектонски објекти и ентериери „Big Architecture“, кој ми остави впечаток и оттогаш почна нашата соработка.“

Во претстојниот период ни следува фестивалот Big Architecture во Љубљана, на 15 и 16 мај, на кој ги повикуваме сите заинтересирани да го посетат настанот, а воедно и сите креативци кои сакаат да ни се приклучат и да станат дел од нашата платформа.

Автор: Ана БОЈАЏИЕВСКА, студент по архитектура

BIG SEE координатор во Македонија

Испрати коментар

Scroll To Top